23.08.2012, 17:17 Црвенковски не им верува на „солзите“ на Бесими
„Ќе се видиме на избори во март“, им порача лидерот на СДСМ на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, со прогноза дека од нив очекува само евтин политички пазар
Слободанка Јовановска
Лидерот на СДСМ го нарече глупост евентуалното одржување предвремени парламентарни избори пред локалните во март, со оцена дека, како и десетпати досега, не станува збор за искрена конфронтација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку за видена драма по која ќе завршат пак во „топла, братска коалициска прегратка“.
„Она што го гледаме деновиве, го гледаме по десетти пат во релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во изминатите неколку години. Се изнаслушавме жестоки критики, меѓусебни условувања и уценувања за да на крај секогаш се случи евтин политички пазар во власта и сето тоа да заврши со топла, братска коалициска прегратка. И, овој пат не мислам дека се работи за искрена конфронтација, туку повеќе за реприза на она што беше видено досега. Што се однесува до СДСМ, ние посакуваме оваа коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да опстои, двете партии да ја поделат одговорноста и да ја дочекаат казната што ќе им ја испорачаат граѓаните на следните избори за погрешната политика што ја водеа и за катастрофалните последици“, изјави Црвенковски по средбата со американскиот гостин Филип Рикер.
На инсистирањето на новинарите, што ако сепак политичката криза е реална, и дали СДСМ е подготвен за таа опција, Црвенковски рече дека за нив како опозициска партија таа опција секогаш е отворена, но првиот логичен термин за нивно одржување е март, кога се очекува да бидат закажани локалните избори. „Се' друго е глупост. Глупост е во оваа земја да се одржуваат избори на растојание од два месеци, да речеме некои во ноември или во декември, други во март. За предвремени парламентарни избори во март има време да се подготви законската регулатива и да се прочисти изборниот список. Ако навистина постои искрен предлог за такво нешто, ќе се видиме на избори во март“, порача лидерот на СДСМ, додавајќи дека сепак не верува дека тоа ќе се случи, односно не верува во јавно дадените изјави од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Црвенковски му се пожалил на Рикер дека двата коалициски партнера многу често употребуваат и злоупотребуваат одредени прашања од меѓуетничката сфера за ситни политички поени и дневнополитички цели, без оглед што сериозно ја нарушуваат меѓунационалната доверба и толеранција. „Тоа не смее да се дозволи и е неодговорно однесување“, оцени Црвенковски индиректно ставајќи го настанот од Слупчане во тој контекст на злоупотреби. Според него, не може да се препознае ни каков било заокружен план кај актуелната власт како мисли да ги деблокира евроатланските интеграции, додека економско-социјалната состојба станува катастрофална и има сериозно уназадување во демократските процеси во клучните области.
Наспроти асоцијациите во медиумите дека американскиот функционер токму поради кризата престојува толку долго во Македонија, или спротивните, дека можеби дошол да ја предизвика давајќи и' поддршка на ДУИ да излезе од Владата, од дипломатски и официјални извори тоа се толкува како политичка фантазија. На САД, како што се оценува, не им е на агендата спасување влада во Македонија, а самиот Рикер во интервју за ТВ Алфа вчера рече дека не е негова работа да пренесува пораки од едната на другата страна.
Симптоматично е што кризата се продуцира откако од меѓународната заедница почнаа да стигаат изнасилено позитивни оценки за реформите во Македонија, како и најави дека дијалогот на високо ниво со ЕУ може да резултира со нова препорака во октомври и со силен аргумент за ЕК да бара модус за преговори без решение за името. Со оглед на тоа од каде доаѓа кризата, испаѓа дека токму партнерите во владата не го посакуваат тоа.
„Не мислам дека македонските политичари имаат потреба од мене или од некој друг за да комуницираат. Се чини дека во Македонија има многу возвратна комуникација. Реформскиот процес, евроатлантската интеграција се приоритетни. Тоа му го кажав на премиерот, на министерот за надворешни работи и на другите соговорници со кои се сретнав. Задоволен сум од пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ. Како што знаете, го поддржуваме членството на Македонија во ЕУ и на сите други земји од регионот. Мислам дека тоа е насоката во која треба да се движиме. Очигледно, тоа е решението кое другите земји од регионот, во изминатиот половина век, го прифатија – да се стават настрана нивните проблеми, да има помирување, и напредок кон поголем просперитет“, одговорил индиректно Рикер на прашањето на ТВ Алфа дали е мост на комуникација меѓу Никола Груевски и Али Ахмети. На прашањето дали смета дека политичкиот брак на овие партии е пред крај, Рикер одговори:
„Не зборувавме за избори, ниту на средбата со премиерот, ниту на состанокот со Ахмети. Зборувавме за изборите во САД, кои како што знаете, ни претстојат во ноември“. |