26.08.2012, 18:37 Тешки обвинувања во затворот „Идризово“
Командири во затворот ги принудувале затвореничките на секс. Измислен случај или скандал во најголемиот затвор во земјава?
Даниела Трпчевска
Тензија и вознемиреност во најголемиот затвор во земјава „Идризово“ по обелоденувањето на секс-скандал во кој биле вклучени командири во затворот. Затворската управа веќе за денеска најавува интензивна истрага за сериозните обвинувања дека командири во затворот „Идризово“ принудувале затворенички на секс. Планираат да ја вклучат и полицијата, која ќе треба да спроведе истрага за тоа што се случувало зад затворските решетки.
„Ако се утврди дека е лажно обвинување, ќе следуваат кривични пријави за оние што ја направија конструкцијата, чија цел е непозната. Доколку се докаже дека навистина имало злоупотреба, ќе инсистираме на целосно расчистување на случајот“, вели директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гаврилоска.
Исповедта на две осуденички кои ја отслужуваат казната во женското одделение во „Идризово“, викендов одекна во јавноста, навестувајќи дека зад решетките се случувал невиден скандал. Тие во телефонско јавување за телевизија Канал 5 тврдат дека кога ќе одбиеле да имаат сексуални односи, добивале казна - самица.
„Навечер по 12 часот доаѓа комбе и демек некоја жена е болна, ја носат на ’срамотни работи’, а која не прифаќа, ја носат во самица. Ако видиме некоја жена во самица, тогаш знаеме дека не прифатила да има односи со некој командир“, обвинува една од затвореничките.
По објавувањето на сторијата, според извори од затворот, се создале два табора на осуденички – оние кои застанале зад обвинувањата и втората група која не се согласува дека има притисок и злоупотреба во женското одделение во затворот. Ситуацијата е толку тензична, што како што велат извори од затворот, будно се следи секој чекор на осуденичките, со цел да се избегне инцидент.
„Ваквите обвинувања се неосновани. Станува збор за клевета и тоа за многу сериозна клевета за подведување од страна на надзорничките во женското одделение“, вели првиот човек на македонските затвори, Лидија Гаврилоска.
Таа додава дека поради сериозноста на случајот ќе биде спроведена внатрешна истрага. „Секогаш сум се залагала доколку има некои неправилности во работењето на затворите, тие веднаш да се откриваат. Ги поттикнувам затвореничките секогаш кога имаат проблем да се обратат кај мене и да ме информираат за тоа. Но, досега ниту сме имале поплака ниту, пак, пријава за сексуална злоупотреба“, додава Гаврилоска.
Затворите во земјава изминативе години се најдоа на насловните страници во медиумите по неколку инциденти. Бунтови го раздрмаа „Идризово“ кога група затвореници кршеа по затвореното одделение и се закануваа со штрајк со глад. Во затворот во Скопје беа пријавувани случаи на тортура и прекумерна употреба на сила од страна на службата за обезбедување. Се случија и неколку бегства и обиди на филмски начин да се избега од зад решетките. Но, случај за сексуална злоупотреба на осуденичките, досега не бил пријавен ниту во Управата ниту, пак, до другите институции кои ги мониторираат затворите.
Женското одделение во затворот „Идризово“ е објект кој е физички издвоен од другите затворски згради и е на еден километар оддалеченост од службениот влез во „Идризово“. Станува збор за реновиран објект, со капацитет од 60 осуденички. Во него, во моментов има 40 жени осудени за најразлични кривични дела. Тука казната затвор ја издржуваат Персида Момировска позната како „Мадам Пепи“, Станислава Чочоровска-Полетан, Весна Николиќ приведена во аферата „Фиком“, како и Марика Тренева од Штип, која е осудена за убиство на својот сопруг Бранко, кој беше искасапен и деловите од неговото тело беа расфрлани по контејнери во градот.
Казна затвор издржуваат и уште 30-ина други жени за извршени убиства, продажба на дрога и слично.
„Со затвореничките работат жени воспитувачки и надзорнички. Тоа е пропишано со сите закони. Гинеколог и доктор редовно ги прегледува во женското одделение, а надвор од него осуденичките се изнесуваат само кога имаат потреба од стоматолог. По 21 часот сите врати се затвораат. Невозможно е затвореничките да имале контакт со командирите“, тврдат извори од затворот. Дали по 21 часот, решетките во женското одделение, сепак, се отворале и ш��о се случувало во „Идризово“ далеку зад очите на јавноста, се очекува да покаже истрагата. |