20.08.2012, 18:02 Климатски промени: Растопениот север. Климата ќе го изеде македонскиот домат
Арктикот се затоплува два пати побрзо од преостанатиот дел на планетата. Мразот што се повлекува нуди пристап до скапоцени минерали и нови морски патеки - но, исто така, носи сериозни опасности. На половина ќе се намали и приносот на јаболката во Ресенско и на виновата лоза во Кавадаречкиот регион
Кога ќе се застане на ледениот врв на Гренланд, очигледно е зошто немирниот современ човек толку длабоко ги почитува дивите предели. Насекаде каде што ќе погледнете погледот го привлекува мразот, притиснат и изделкан од уникатно совпаѓање на сили. Ледените гребени, во сребрена и светлосина боја, ледените насипи и други замрзнати искривувања се детално видливи на чистиот арктички воздух. Големите глечери воведуваат ред на ледената шир, течејќи надолу до полузамрзнатото море.
Ледениот врв е мирен, замрзнат. Таму нема ниту здив од ветер, нема звук на мотор, крик на птиците, воопшто нема врева. Наместо бучава, тука има нејзино отсуство. Се чувстува како притисок зад слепоочниците и, ако повнимателно се ослушне, како фантомски татнеж. За генерациите европски истражувачи со заледени бради, и се' уште денес, ледената плоча е синоним за моќта на природата.
Арктикот е едно од најмалку истражуваните и последните диви места во светот. Дури и имињата на неговите мориња и реки не се познати, иако многу од нив се огромни. Сибирските реки Енисеј и Лена носат повеќе вода до морето отколку Мисисипи или Нил. Гренланд, најголемиот остров во светот, е шест пати поголем од Германија. Сепак, има население од само 57.000 луѓе, главно Инуити расфрлени во мали крајбрежни населби. Во целиот Арктик – грубо дефиниран како Арктички Круг и тесна граница на југ – има едвај 4 милиони луѓе, од кои околу половина живеат во неколку жални постсоветски градови како Мурманск и Магадан. Во повеќето од другите, вклучувајќи голем дел од Сибир, северна Алјаска, северна Канада, Гренланд и северна Скандинавија, едвај има по некој жител. А регионот е се' освен неповреден.
Брзо движење напред
Топлотната мапа на светот, кодирана со бои за температурни промени, покажува дека Арктикот е костен што се пече. Од 1951 година е затоплен речиси два пати повеќе од глобалниот просек. Во тој период температурата на Гренланд се зголеми за 1,5 Целзиусови степени, во споредба со околу 0,7 степени на глобално ниво. Се очекува тој диспаритет да продолжи. Зголемување од 2 Целзиусови степени на глобалните температури – што се чини неизбежно како што се зголемуваат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина – би значело затоплување на Арктикот од 3-6 Целзиусови степени.
Речиси сите арктички глечери се повлекуваат. Копнената област на Арктикот, покриена со снег на почетокот на летото, се намали за речиси една петтина од 1966 година. Но, најмногу се смени Арктичкиот Океан. Во 1970-тите, 80-тите и 90-тите години минималниот обем на поларен мраз опадна за околу 8 отсто по деценија. Потоа, во 2007 година, морскиот мраз се распадна, топејќи се на летен минимум од 4,3 милиони квадратни километри, блиску до половина просек за 1960-тите години и 24 отсто под претходниот минимум, поставен во 2005. Така за прв пат севернозападниот премин, морска патека низ канадскиот Арктички Архипелаг од 36.000 острови, остана без мраз.
Научниците, обидувајќи се да го објаснат тоа, утврдија дека во 2007 година секое варирање на природата, вклучувајќи топло време, чисто небо и топли струи, го засилува сезонското топење. Но, минатата година немаше толку значајно совпаѓање: беше нормално како што е состојбата на Арктикот денес. А морскиот мраз се' уште се стеснува до речиси ист степен.
Не постои сериозно сомневање за основната причина за затоплувањето. Тоа е, во Арктикот и на други места, резултат на зголемување на атмосферските гасови кои ја заробуваат топлината, главно јаглероден диоксид што се ослободува кога согоруваат фосилни горива. Бидејќи атмосферата ослободува помалку соларна топлина, доаѓа до затоплување – физички ефект предвиден во 1896 година од шведскиот научник Сванте Арениус. Но зошто Арктикот се затоплува побрзо од другите места?
Прво, да разгледаме колку многу е чувствителен Арктикот на температурни промени поради позицијата на наоѓање. Во двете хемисфери климатскиот систем ја пренесува топлината од парниот екватор до замрзаниот пол. Но, во северниот дел размената е многу поефикасна. Тоа делумно се должи на високите планински венци на Европа, Азија и Америка што помага да се измешаат топли и студени фронтови, како што камења ја заматуваат водата во поток. Антарктикот, опкружен од огромните јужни мориња, подлежи на многу помало атмосферско мешање.
Копнените маси кои го опкружуваат Арктикот, исто така, ги спречуваат поларните океани да ротираат наоколу како што прават околу Антарктикот. Наместо тоа тие надоаѓаат, во насока север-југ, меѓу арктичките копнени маси во гигантска размена на студени и топли води: Пацификот тече низ Беринговиот Мореуз, меѓу Сибир и Алјаска, а Атлантикот низ Фрамовиот Мореуз, меѓу Гренланд и норвешкиот архипелаг Свалбард. Тоа ја одржува просечната годишна температура за високиот Арктик (најсеверните рабови на копното и морето зад него) на релативно спарни минус 15 Целзиусови степени; поголем дел од другиот е блиску до точката на топење во поголем дел од годината. Антарктикот, исто така, се затоплува, но со просечна годишна температура од минус 57 Целзиусови степени ќе бидат потребни повеќе, а не само неколку топли лета за тоа да стане очигледно.
Албедо-ефект
Ефикасното мешање на воздухот север-југ може, исто така, да има улога во засиленото затоплување на Арктикот. Ветровите кои се движат на север носат загадувачи, вклучувајќи чад од европските и азиските фабрички оџаци, што има моќен ефект на затоплување врз снегот. Последниве децении, исто така, имаше пораст на нивоата на жива, нуспроизвод на согорувачкиот јаглен, во ткивата на белите китови (белуга), моржови и поларни мечки, кои ги консумираат Инуитите. Тоа е уште една причина зошто Арктикот не е необработен.
Но, главната причина за арктичкото зајакнување е ефектот на затоплување, на замена на светлиот снег и мраз со потемно копно или вода. Бидејќи темните површини апсорбираат повеќе топлина отколку светлите, тоа предизвикува локално затоплување, кое топи повеќе снег и мраз, откривајќи повеќе темно копно или вода, и така натаму. Познатиот албедо ефект се покажа како помоќен позитивен фидбек отколку што очекуваа повеќето истражувачи. Повеќето климатски модели предвидуваа дека Арктичкиот Океан би можел да биде без мраз во лето до крајот на овој век; анализата објавена во 2009 година во „Геофизички истражувачки писма“ покажува дека тоа би можело да се случи најрано во 2037 година. Некои сега сметаат дека тоа ќе се случи поскоро.
Тешко може да се преувеличи колку е драматична состојбата. Можеби од паѓањето на огромните шуми на Америка во 19 век, или можеби од горењето на големите шуми на Кина и западна Европа илјада години пред тоа, светот не видел толку спектакуларни еколошки промени. Последиците за арктичките екосистеми ќе бидат драстични.
Како што исчезнуваат старите ледени одбојници, арктичките крајбрежја еродираат; делови од Алјаска се повлекуваат на 14 метри годишно. Еколошките ниша живеалишта, како што се базените од стопена вода на повеќегодишен мраз, се намалуваат. Некои високо специјализирани арктички видови веројатно ќе изумрат бидејќи нивните живеалишта се намалуваат, а јужните натрапници навалуваат. Други ќе успеат. Првите знаци на ова биолошко прегрупирање веќе се евидентни. Високите арктички видови, меѓу кои и поларната мечка, се борат. Новите видови во регионот, како скуша и атлантски бакалар, доаѓаат во арктичките рибарски мрежи. Сепак, ударните бранови на арктички промени ќе се почувствуваат многу пошироко.
ПЛОВЕЊЕ НА СЕВЕРОТ
Растопениот морски мраз нема да влијае на глобалните морски нивоа, бидејќи пловечкиот мраз ја преместува сопствената маса во морска вода. Но, стопените глечери ќе влијаат, а арктичките се ослободуваат од мразот со голема брзина. Се проценува дека ледениот врв на Гренланд губи 200 гигатони мраз годишно, што е доволно да се снабдат милијарда луѓе со вода. Помалите ледени врвови на Арктикот и глечерите заедно губат слично количество. Пред да се разјасни тоа, Меѓувладината комисија за климатски промени (ИПЦЦ) предвиде зголемување на морското ниво до 59 см во текот на овој век. Со оглед што се случува на север, многумина сега мислат дека тоа е премногу скромно.
Арктикот не е terra nullius (ничија земја). За разлика од Антарктикот, кој е управуван со меѓународен договор, поголем дел од него е демаркиран. Од неколку територијални спорови во регионот, најголемиот веројатно е меѓу САД и Канада, за статусот на северно-западниот премин. Тие две земји нема да тргнат во војна. А мнозинството арктички земји се членки на НАТО.
Сепак, стопениот Арктик ќе има геостратешки последици надвор од помагањето на група земји богати со ресурси да станат побогати. Очигледна последица е потенцијалниот нарушувачки ефект на новите трговски патишта.
Пловењето покрај крајбрежјето на Сибир во северно-источниот премин, или Северната морска рута (НСР), како што ја нарекуваат Русите и морнарите, го намалува растојанието меѓу западна Европа и источна Азија речиси за една третина. Преминот сега е отворен четири или пет месеци во годината и сообраќајот се' повеќе се развива. Во 2010 година само четири бродови ја користеа НСР; минатата година ја користеа 34, во двете насоки, вклучувајќи танкери, бродови ладилници кои пренесуваат риба па дури и еден брод за крстарење.
Притоа има ризици за спорови, ако не и војни, за кои ќе биде потребно управување. Она што е добро за Русија може да биде лошо за Египет, кој минатата година заработи над 5 милијарди долари во приходи од Суецкиот Канал, алтернативен источно-западен пат за бродски линии. Затоа е добро што регионалниот клуб, Арктичкиот совет, дава ветување. Под скандинавска насока изминатава половина деценија извлече импресивна арктичка соработка, како за научни истражувања, мапирање и за развој на ресурси.
Но, како да се усогласат еколошките ризици на стопениот Арктик со економските можности што ќе ги создаде? Намалувањето на морскиот мраз не е повеќе резултат на човечка рака отколку орањето на прериите. Дури може да се покаже како вносно. Но, трошоците, исто така, ќе бидат огромни. Уникатни екосистеми, и можеби многу видови, ќе се загубат во бранот на еколошки промени.
Причината е глобалното загадување, а ризиците што ги носи се, исто така, глобални. Арктикот, кој веќе не е далечен или неповредлив, се појави, речиси преку ноќ, како моќен симбол на ерата на човекот. (Економист)
Богатствата на Арктикот
Во долгорочни рамки незамрзнатиот север би можел да предизвика опустошување. Но, парадоксално, во меѓувреме ниту еден арктички вид нема да профитира како оној што го предизвика тоа: луѓето. Исчезнувачкиот морски мраз може да го означи крајот на последните ескимски култури, но и онака денес едвај некој живее во игло. А големото топење ќе збогати многу луѓе.
Како што замрзнатата тундра се повлекува на север, големи области на Арктикот ќе станат погодни за земјо��елство. Се' пораната арктичка пролет би можела да го зголеми растителниот развој до 25 отсто. Тоа би им овозможило на жителите на Гренланд да одгледуваат повеќе, не само безначајни 100 тони компири кои сега успеваат да ги произведат. И многу повредни материјали ќе станат се попристапни. Арктикот веќе е богат извор на минерали, како цинк во Алјаска, злато во Канада, железо во Шведска и никел во Русија, а има уште многу руди.
Арктикот, исто така, има нафта и гас, веројатно многу. Дозволи за истражување сега се издаваат во целиот регион, во САД, Канада, Гренланд, Норвешка и Русија. На 18 април „ЕксонМобил“ ги финализираше условите од договорот со руската компанија „Роснефт“ за инвестирање на 500 милијарди долари за развој на крајбрежните резерви, вклучувајќи и во арктичкото Карско Море на Русија. Нафтените компании не сакаат да коментираат, но тоа укажува на уште еден позитивен фидбек од топењето.
Кусо време пред да биде објавен договорот „ЕксонМобил“-„Роснефт“, претседателот на Русија, Владимир Путин најави планови за попривлечни услови за странците, да инвестираат во енергетското производство на руското крајбрежје. „Крајбрежните полиња, особено во Арктикот, без никакво претерување, се наша стратегиска резерва за 21 век“, рече тој.
Половина од 20 век, Арктикот, како најкус пат меѓу Русија и Америка, беше најверојатната сцена за нуклеарна војна, а во неговото отворање некои гледаат потенцијал за нов конфликт. Русија и Канада, двете најголеми арктички земји според област, го поттикнаа тој страв: Арктикот буди жестоко националистичко чувство кај двете. Со нов поглед на нивните северни области, некои од осумте арктички земји, на скромен начин, ги ремилитаризираат. Норвешка го премести нејзиниот воен команден центар во арктичкиот град Реитан во 2009 година. Русија ги заменува и надградува нејзините шест нуклеарни мразокршачи, што е дел од цивилната инфраструктура со импликации за безбедноста.
Арктикот се затоплува два пати побрзо од преостанатиот дел на планетата. Мразот што се повлекува нуди пристап до скапоцени минерали и нови морски патеки - но, исто така, носи сериозни опасности
Климата ќе го изеде македонскиот домат
На половина ќе се намали и приносот на јаболката во Ресенско и на виновата лоза во Кавадаречкиот регион
Сања Наумовска
Во Гевгелиско до 2050 година речиси и ќе нема производство на домати, ќе се проретчат јаболката во Ресен и лозите во Кавадаречко. Климатските промени почнаа да го земаат својот данок во Македонија. Трендот незапирливо ќе продолжи и во иднина, предупредуваат експертите.
Пелистерската молика ќе се повлече на поголеми надморски височини и ќе остави десетици животински и растителни видови кои живеат во нејзините шуми на преживување. Сушите и поплавите ќе се менуваат периодично, а температурите во лето и во зима сериозно ќе се зголемуваат, на сметка на заладувањето на пролетта и есента.
Според сценаријата, предизвикани од климатските промени, просечниот пораст на температурата во Македонија во 2025 година ќе достигне до 1 Целзиусов степен, а до 2050 година ќе се зголеми во просек за 1,9 степени. До 2100 година температурите ќе пораснат за 3,8 Целзиусови степени. На сметка на тоа, континуирано ќе се намалува просечното количество на врнежи и тоа за 3 отсто во 2025, за 5 отсто во 2050, до 13 отсто во 2100 година.
Според податоците од Вториот национален извештај за климатски промени, најкритично ќе биде во 2050 година, кога се очекува да се премине прагот од раст на температурите за 2 Целзиусови степени, кој научниците го оценуваат како особено опасен за човековиот опстанок и развој и пресуден за зголемување на еколошките катастрофи. Во Македонија највисоките вредности на средните годишни отстапувања на температурата на воздухот се регистрирани во регионот со субмедитеранска клима, Валандово 0,7 Целзиусови степени, Гевгелија 0,5 степени и Дојран 0,2 степени.
Земјоделските култури се едни од најзасегнатите кога е во прашање промените во климатските услови, зголемувањето на температурите и недостигот од вода. Ќе страдаат речиси сите видови, а некои и со катастрофални последици. Во Штипскиот регион, каде што најважна култура е зимската пченица, падот на приносот би можел да достигне до 17 отсто во 2050 година. Луцерката во Битолско би можело да се намали до 62 отсто, а речиси на половина ќе се намали и приносот на јаболката во Ресенско и на виновата лоза во Кавадаречкиот регион. Најдраматични се проекциите за падот на приносот на доматот во Гевгелиско, кои достигнуваат до 81 отсто во 2050 година.
Вкупната директна економска штета, сметаат експертите, би била 30 милиони евра во 2025 година и би се зголемила до 40 милиони евра во 2100 година. Тие предлагаат преземање итни мерки за адаптација кои подразбираат проширување на техниките со кои се заштедува вода при наводнување, конзервацијата на почвата и водата, мерки на генетички инженеринг, нови земјоделски практики и други.
Порастот на температурите најмногу ќе ја загрози алпската зона во Македонија, која ја има во Маврово, Попова Шапка и на Пелистер. Може да се очекува целосно губење на алпскиот појас, што за Пелистер се проценува за околу 50 години. Моликата ќе ја помести нејзината долна граница нагоре и ќе освои дел од високопланинските пасишта и камењари.
На тој начин, проценуваат експертите за климатски промени, ќе бидат изгубени природните станишта за одредени високопланински видови и тие ќе исчезнат од регионот на Пелистер. Најзагрозени се планинската гуштерица, шарката, водната трепетливка, снежното врапче, чучулигата, дивокозата и други. Поради поместувањето на шумите ќе страдаат и планинскиот и низинскиот жив свет. Во опасност ќе биде и мајчината душичка, лутичето, качунката, но и жабите и мрморецот. Под закана за изчезнување се и јасенот, чинарот и питомиот костен. Поради физиолошкото слабеење на дрвјата, особено ќе бидат активни некои штетници како инсектите и габите. Нивното влијание ќе го интензивира процесот на сушење на шумите, особено кај дабот и елата.
Климатските промени би имале катастрофални последици и за езерскиот екосистем и блатните станишта околу Дојранско Езеро, особено во услови кога веќе е нарушен водениот режим на езерото. За најзагрозени се сметаат жолтата барска тиква, белиот воден божур, пливачката салвинија. Негативните влијанија од клима��ските промени им се закануваат и на флората и фауната од останатите две природни езера, Охридско и Преспанско. Осцилациите на минималните, средните и максималните годишни нивоа на водата во Дојранско и Преспанско Езеро покажуваат екстремно опаѓање на нивото на водата во двете езера, што почнува речиси во исто време во 1986 година и со речиси исто времетраење, до 2002 година. Последниве години поради исклучително лошите климатски услови, нивото на езерата повторно го достигна својот минимум. (С.Н.) |