22.08.2012, 17:44 Бесими: Пак ќе го направам истото
Шефот на Владата зборува како навреден јастреб, министерот како Мартин Лутер Кинг, но смирувањето е на повидок
Слободанка Јовановска
Министерот за одбрана Фатмир Бесими проба вчера да им се оправда на Македонците, а да не ги налути Албанците во земјава, излегувајќи со жалење за полагањето цвеќе во Слупчане, но и со порака дека, ако треба, истото тоа пак ќе го направи. Во говорот, кој како да му го пишувал Мартин Лутер Кинг, Бесими се промовираше во најголем борец за помирувањето во Македонија во однос на војната во 2001 година, но не им дозволи на новинарите да го прашаат за деталите. Обраќањето во голема мера беше и на адреса на премиерот Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов, на кои меѓу редови им порача дека во Слупчане го направил тоа што тие го проповедале во рамазанската честитка, т.е. толеранција и меѓусебно почитување - односно дека тие само зборуваат, а тој спроведува. Тој, исто така, порача дека помирувањето било дел од програмата на Владата и дека им оддал еднаква почит на загинатите и од албанска и од македонска страна, со една неверојатна порака од еден функционер на албанска партија - дека заедно сме појаки и поуспешни. Однапред подготвеното обраќање Бесими го прочита и на македонски и на албански, а поддршка иако не така громогласна, му даде и гостинот од САД, Филип Рикер, на заедничката прес-конференција. Во него имаше се' - и татковци и мајки, и загинати, и солзи, и рани од минатото и заеднички албанско-македонски цели и предизвици.
„Пред неколку дена ги почитував загинатите од една страна, минатата недела ги почитував загинатите од другата страна. Солзите на албанската мајка не се различни од тие на македонската, татковската тага е иста и длабока на сите јазици. Изразувам жалење доколку некој е навреден со тој чин, бидејќи намерата никогаш не ми беше таа. Мојата намера отсекогаш беше и останува да ги претставам еднакво сите граѓани на Република Македонија и да направам се' што е во моја надлежност за да придонесам кон помирувањето меѓу сите заедници во нашата држава“, изјави Бесими. Толкувањето на медиумите дека тој практично се извини за положувањето цвеќе пред споменикот на ОНА и попушти пред бесот на премиерот Никола Груевски, Бесими веднаш го демантираше со соопштение, тврдејќи дека тоа што го кажа не е тоа, т.е. покајување, и дека изјавата му била извадена од контекст, бидејќи истото би го направил уште еднаш.
„Верувам дека АРМ може и најдобро ќе го води процесот на лекување на раните од минатото и ќе придонесе кон градење заедничка Македонија. Јас целосно ги поддржувам пораките на претседателот, премиерот, господинот Ахмети и другите политички лидери во Македонија, што ги упатија по повод Рамазан-бајрам, повикувајќи ги сите граѓани на меѓусебно почитување и толеранција. Јас ќе продолжам да го дадам својот придонес за да се постигне тоа“, рече Бесими додавајќи дека поволно време за тоа не постои, дека постои само „сега“.
„Претседателот Иванов неодамна изјави: ’Зависи од сите нас, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, од сите граѓани на нашата држава, каква Македонија ќе имаме’. Работејќи заедно ние сме појаки и поуспешни. Јас сум убеден дека може да ги постигнеме нашите цели за членство во НАТО, целосна интеграција во евроатлантската заедница и за посветла иднина на сите граѓани на Македонија. Да ја направиме Македонија земја на еднаквите, земја меѓу еднаквите, во НАТО и ЕУ“, изјави Бесими.
„Помирувањето е во духот и на НАТО“, го охрабри и Рикер, тврдејќи дека американската армија исто така била темел на изградба на посовршено општество во САД и дека Пентагон и вооружените сили биле на првите линии во интеграцијата на земјата и во создавањето внатрешна доверба. Како други примери ги посочи и помирувањата меѓу Обединетото Кралство и Германија, Германија и Франција, Унгарија и Романија, Грција и Турција.
„Чинот во Слупчане беше приватна екскурзија на министерот за одбрана Фатмир Бесими или негова партиска задача, а денеска изразеното жалење во однос на тој настан можност за смирување на ситуацијата“, беше реакцијата на премиерот Никола Груевски. За разлика од медиумите, тој точно знаеше кој збор да го употреби место извинување.
„Тој ниту побарал ниту ќе добиеше согласност од Владата за тоа да биде некакво владино чествување или негово испраќање на тоа место. Уште полошо е што отиде со униформирани лица и на тој начин ги повреди чувствата на Македонците. Слушнав дека тој денеска изразил жалење за тој настан. Тоа е добро што изразил жалење и што сфатил дека тоа не е визионерска работа, ниту храбро лидерство, туку дека ги влошува меѓуетничките односи и создава конфликтност и тензија, односно фрустрација кај голем дел од населението, па на таков начин не може да се постигне помирување како што тој замислувал“, остро реагираше Груевски. Притоа извести дека веќе го повикал Бесими на разговор, а тој го уверувал дека само имал позитивни намери.
„И ако била таква намерата, таа била лошо осмислена од него или од некој друг. Во секој случај, се работи за лош чекор, кој не бил дел од нашите поранешни разговори кога создававме коалиција, а непријатно изненади многу луѓе и ги повреди чувствата на многу Македонци. Денешното негово жалење навистина може да е добар чекор кој може да води кон смирувачка ситуација“, заклучи Груевски, практично најавувајќи можен крај на драмолетката, ненамерна или изрежирана. |