20.08.2012, 17:24 Споменик за бранителот на Лешок
Споменикот посветен на Ѓоко Лазаревски, кој го бранеше Лешок во 2001 година, го подигнаа сами неговите соселани
Гојко Ефтоски
Лешок - На жителите од тетовското село Лешок се' уште им се свежи сеќавањата за три настани од конфликтната 2001 година. Сите биле тешки, но оној што се случи на денешен ден во раните утрински часови кога беше минирана манастирската црква „Св.Атанасие“, сигурно остава најболни траги. Останувајќи да го брани селото и повлекувањето, смртно бил ранет 29-годишниот Ѓоко Лазаревски, погоден од шрапнел од минофрлачка граната. Третиот настан е сврзан за болницата за белодробни болести, која најнапред била ограбена, потоа разурната и опустошена. За сите три случаи во прашање беа неконтролирани напади на паравоени единици во рамки на ОНА или надвор од нејзиниот состав.
Времето ги лекува раните. Манастирската црква е автентично обновена со средства на Европската агенција за реконструкција. Лешочани, и не само тие, денес ќе ја посетат црквата и ќе посакаат тоа повеќе никогаш да не се случи. И болницата доби нов објект. Изградена е современа болница со иста намена, но на сосема нови темели и со поинаков комфор и удобност за оние што овде се лекуваат. Новата болница е изградена и опремена со средства на меѓународната заедница и на нашата земја.
Сепак, најчувствително е присилното иселување на жителите на Лешок и погибијата на нивниот соселанец Ѓоко Лазаревски. Лешочани се вратија во обновените домови, со исклучок на неколкумина, кои останаа како раселени. Лешок сега живее за да се заборави тоа што се случуваше пред 11 години. Но, вечно ќе се сеќаваат на херојскиот потег на Ѓоко. Тој со уште неколкумина жители на Лешок ја обезбедувале отстапницата на своите соселани, овозможувајќи им слободно да се евакуираат од опколеното село. Ѓоко Лазаревски на 23 јули 2001 година се здоби со тешки повреди и беше префрлен на скопските клиники, каде што почина. Погребан е во скопската населба Ѓорче Петров, далеку од родното место за кое го дал својот живот. Ѓоко го преживеал и познатото боиште во Вуковар, Хрватска.
„Жителите на Лешок вечно му се благодарни и со гордост се сеќаваат на неговото херојство и подвигот на другите што останаа со него да ја бранат отстапницата. Полни 11 години чекавме државата да се сети на него, да му подигне споменик, да го одбележи неговото херојско загинување. За жал, до тоа не дојде. Во Лешок се формираше иницијативен одбор за изградба на спомен-обележје. Сите селани дадоа прилози. Помогнаа и нашите иселеници од дијаспората. Тоа придонесе на нашиот заслужен Ѓоко да му подигнеме споменик“, ни рече Иван Атанасовски, претседател на Месната заедница.
Споменикот е подигнат. Лоциран е на сретсело кај одбојкарското игралиште, бидејќи и самиот Ѓоко настапувал за локалниот одбојкарски клуб. На белиот мермер стои испишано: „Времето минува, тагата не згаснува, споменот вечно останува!“ |