|
|
|
|
|
|
Мислења
Двајца испитувачи на студент - подобро образование!
Ана Павловска-Данева
Цела нација ќе си имаме универзитетски дипломи. Каков-таков народ заслужува какви-такви дипломи, зарем не?
Знам дека не е вообичаено да се пишува за високото образование на средина на академската година, особено не пред новогодишните празници со кои почнува зимскиот распуст, но токму во овој момент Владата одлучи повторно да го менува Законот за високото образование (ЗВО), па темава станува пак актуелна. Цел на законските измени е, најверојатно, да се модернизира и овој сегмент од образованието, бидејќи основното и средното го достигнаа својот врв во модернизација и развој. Случајно или не, сите измени на Законот за високото образование во последниве три години се одвиваат исклучиво за време на одмори, со таа разлика што за претходните измени се користеа летните, а сега зимскиот распуст што овозможува отсуство на внимание од клучните интересни групи на кои се однесува Законот - студентите и наставниот кадар.
На универзитетската јавност не и' е познато кои стручњаци биле ангажирани од Министерството за образование и наука при подготовката на последните законски измени, како ни кои компаративни искуства биле користени во оваа пригода. Сепак, останува професионалната должност на сите универзитети да го разгледаат Предлогот-законот и по него да се произнесат со свои забелешки и ставови. Можеби ќе се случи чудо и Министерството за образование и наука (се извинувам, министерот за образование и наука, бидејќи тој самиот преку својата реторика често нагласува: Министерството - тоа сум јас!) ќе усвои некоја сугестија или препорака произлезена од универзитетските професори. Ќе ја искористам оваа пригода да укажам само на две измени, бидејќи за повеќе не постои доволно простор да се дискутира во еден текст.
Првата од нив заслужува голема поддршка. Таа претставува мерка за деконцентрација на моќта, што ќе признаете, не е многу својствена за оваа Влада. Можеби затоа што не станува збор за намалување на ингеренциите на некој владин функционер, туку на ректорот. Конечно, со Законот се предвидува избор на претседател на Универзитетскиот сенат, кој наместо ректорот ќе ги раководи и свикува седниците на Сенатот. Ова е добро решение. На последната дебата организирана од „Платформа“ на тема „Автономија на универзитетот“, беше укажано дека постојната состојба на соединување на функциите ректор и претседател на сенатот е еднаква на соединување на функциите премиер и претседател на Собранието. И навистина е така. Единствено останува нејасно - дали досега предлагачите на законот не знаеја за ова или, пак, така им чинеше. Коинциденција ли е што министерот се сети да предложи разграничување на функциите ректор и претседател на Сенатот, откако ректорот на најстариот државен универзитет му се спротивстави во реализацијата на еден од најкрупните проекти - поделбата на УКИМ? Може ова и подалеку да го тркаламе, па да се прашаме - зошто ректорот на УКИМ одлучи да ја брани автономијата на универзитетот дури откако се постави прашањето за негова реорганизација и поделба, а не претходно, кога се задираше финансиската автономија на факултетите и Универзитетот, слободата на изразување на студентите, академската слобода на говор и слично. Но, тоа ќе значи навлегување во политика, а овој ��ат тоа не ми е цел.
Втората значајна новина во високото образование што со измените на ЗВО ќе се воведе е надворешното или екстерното оценување на студентите. Се сеќавате, нешто слично како екстерното оценување на учениците во основно и во средно училиште, кое еднаш го укина Уставен суд? Што значи екстерно оценување на студентите и како тоа практично ќе се имплементира, никој се' уште не знае. Може само да погодуваме. Законскиот предлог на министерот за образование вели дека за најмалку една четвртина од предметите, студентите ќе мора да бидат оценети од двајца оценувачи: нивниот предметен професор и надворешен евалуатор. Овој вториот ќе го назначува Одборот за акредитација и евалуација на високото образование чиј претседател го именува Владата!
Согласно со член 114-б став 3 од Предлог-законот за изменување и дополнување на ЗВО, „крајната оцена за наставниот предмет е позитивна доколку студентот добил позитивна оцена и од внатрешниот и од надворешниот оценувач за сите активности што се оценуваат“. Со други зборови, ако професорот одлучил дека студентот треба да положи, дури и со висока оцена, но надворешниот оценувач испратен од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование не се согласува со предметниот професор, постои само една можност за разрешување на спорот - студентот паѓа на испитот!
Интересно е да ги чуеме владините министри и другите функционери, кои своето високо образование го завршиле или дооформиле во странство, за искуствата во државите во кои тие студирале. На кој универзитет, во која држава во светов, вака се полагаат испити? Чие искуство се примени при подготовката на оваа измена на ЗВО? Чиј наплив на креативност беше ова? Кутрите надворешни евалуатори, како ли ќе си ги извршат задачите и оправдаат хонорарите (истиот член, став 10, предвидува министерот за образование да ја одреди висината на надоместокот што ќе им се исплатува)? Оцените на студентите на повеќето факултети стануваат композитни, составени од неколку елементи што кумулативно треба да се исполнат: активност на студентот на настава, вежби, семинари, практична настава од посета и престој во соодветни институции, писмен тест, есеј итн. Каква ќе биде улогата на надворешниот оценувач? Да седи на вежби со нашите асистенти и да ги одобрува бодовите што тие им ги доделуваат на студентите за покажаните активитети? Ќе треба ли на надворешните оценувачи да им ги даваме есеите од студентите на „второ“ читање? Ќе го проверуваат ли надворешните оценувачи софтверот онаму каде што студентите полагаат компјутерски и добиваат веднаш резултати за спроведениот тест?
На секој читател му истекнуваат уште многу нелогичности да праша, сигурна сум во тоа, но проблемот е што одговори нема! Решенијата се прават ад хок, без анализа на последиците и без проучување на причините. Всушност, измените (или реформите, бидејќи овој збор звучи потрендовски) во високото образование станаа цел сама за себе. Не е важно ни што ќе се менува во образованието, ниту зошто е битно да се смени! Како што не е битно ниту зошто ниту што ќе се студира! Само да се задржи просекот од над 98 отсто матуранти да се запишуваат на факултет!? А, после? После, ништо! Еден мој другар ваквата тактика на владеење што води кон уништување, метафорично ја претставува на следниов начин: остави го цвеќето без вода, не го полевај, не прави му ништо и самото ќе се исуши! Важно, цела нација ќе си имаме универзитетски дипломи. Каков-таков народ, заслужува какви-такви дипломи, зарем не?
(Авторката е професорка на Правен факултет) |
#
|
Статијата е прочитана 1242 пати.
|
|
|
|
|
|
Од: Proftodorovski |
Датум: 29.12.2010 12:42:43 |
|
Кави контрадикторности.45 % од средношколците сакаат да ја напуштат земјата,а од друга страна 98 % од средношколците се запишуваат на факултет.Секаде во светот се објавува бројка на завршени студенти а не на запишани.Но и да е така
тоа значи дека после 5 - 7 години, механичарите и шоферите ќе бидат дип.Машински инжинер,медицинските сестри дип Доктори,аргатите дип Агрономи,тишлерите дип,Шумарски инжинери ...... дали некаде во светот го има ова. |
|
|
|
|
|
|
Од: Професорка |
Датум: 29.12.2010 12:57:31 |
|
Ана, Вие преблаго ги коментиравте последните измени на Законот за ВО. Каде на пример се случува да менторот на еден докторант не биде член на комисија за одбрана? Во кој закон на светот во членот за спречување на непотизам, се ставаат формулации за тетки, стрини, сродства, разведени и мажени? Во кој закон во цел свет има казни за управата изразена во Евра? Со овие измени професорите се ставаат на столбот на срамот и се третираат како непријатели на образованието. Ако ова помине, сите Ректори на сите Универзитети во МК треба да си дадат оставки. |
|
|
|
|
|
|
Од: Баба Ката од Секулицу |
Датум: 29.12.2010 13:53:14 |
|
Професорке, да ти кажу право, не се играј с’с лебец кој едеш! Не ги потсетувај овие наши РЕФОРМАТОРИ, дека два испитувачи на студент не вредат ништо. Коуку што гледа моја старачка памет, овие РЕФОРМАТОРИ, утре ќе ти додадев оште три-четири или пет испитувачи.Има т’кви коуку сакаш. Пуни штабови, пуни комитети, што да праев људи, време е и да се размрдав... А, рука на срце, ај биди искрена, признај, за ову тему Бранко тие рекнае да писуеш,а? Грешка с’м или не? |
|
|
|
|
|
|
Од: Зоран |
Датум: 29.12.2010 16:15:42 |
|
Оценувањето на студенти во Велика Британија го прават тројца оценувачи: предавачот на предметот, колега од иста Катедра и надворешен оценувач, предавач од некој друг универзитет во Британија со кого домашната институција на студентот има договор за соработка. Оваа пракса се применува во Британија со години и одлично функционира. Понекогаш, но не многу често, се случува да дојде до различни оценки. Во тој случај се отвора дискусија и секој оценувач изнесува аргументи во прилог на оценката која ја дал/а. Конечно се доаѓа до консензус и се дава крајната оценка. Напомена: испитите во Британија се полагаат воглавно писмено; кога испитот е усмен, тој или се снима со видео или аудио опрема. Во секој случај постои трајна забелешка. |
|
|
|
|
|
|
Од: kaktus |
Датум: 29.12.2010 16:16:04 |
|
Ане злато, што кажа дека ви доставиле предлог-закон за да го разгледате и да дадете мислење? Колку сте привилегирани. Оваа блада досега во нивната плодна законодавна активност не им даде предлог-закон за да се произнесат ниту на лекарите, ниту на наставниците од основно, средно, ниту на адвокатите, ниту на ар��итектите, инжинерите... на никој. Штета е, откако вие, ссдс го “извиши“ високото образование до небо, овие сега да го уриваат до земја. Надворешен евалуатор....Ингениозно! (ad nauseam) |
|
|
|
|
|
|
|
|