Навалете на кредити
Веднаш по 1 јануари банкарите најавуваат намалување на каматите
Соња Маџовска
„И јас сакам камата од 4 отсто за мојот станбен кредит, како што плаќаат моите пријатели кои живеат, на пример, во Канада, кои отплаќаат кредит за куќа со камата од 3 отсто. Друга пријателка, која живее и работи со семејството во Словенија, отплаќа стан со камата од 4 проценти“, ова е желба на една скопјанка што ни ја соопшти во овој период на предновогодишна еуфорија. Кога основната камата Народна банка на Македонија ја сведе на 4 отсто, легитимно право е граѓаните да посакаат, кога веќе мора да се задолжат, барем да плаќаат пониски камати. Камата од 4 отсто за станбен или автомобилски кредит можеби е преоптимистичко очекување за 2011 година, но, сепак, банкарите најавуваат дека веднаш по 1 јануари ќе ги објават пониските камати. „По 1 јануари ќе има намалување на каматните стапки. Во почеток тоа нема да биде толку изразено, а за понатаму во текот на 2011 година, дали ќе има дополнително намалување ќе зависи од повеќе фактори. Од изворите на финансирање, што е поврзано со пасивните каматни стапки, од квалитетот на кредитното портфолио, кое годинава беше влошено, а што зависи од финансиската дисциплина на кредитокорисниците и од нивото на задолжителната резерва“, вели Маја Стевкова-Штериева, главна финансиска директорка во Комерцијална банка. Според неа, в година и граѓаните и фирмите може да очекуваат зголемена кредитната активност, но сигурно е дека нема да се вратат екстремно високите стапки на раст на кредитирањето, како што беше во 2006-2007 година, кога тие достигнуваа до 40 проценти.
И од НЛБ Тутунска банка за в година ветуваат и повеќе и поевтини кредити. „Дефинитивно, ќе има намалување на каматните стапки, банкарскиот систем е доста ликвиден. Референтната каматна стапка влече да паднат и банкарските камати. Тој тренд ќе мора да се случи и ќе паѓаат каматите. Проекциите за 2011 се оптимистички, се очекува пораст на економијата до 3,5 отсто, а на кредитирањето до 12 проценти. Растот на БДП ќе се одрази и врз нашето кредитирање. Ако овие проекции се остварат во секој случај се очекува 2011 да биде подобра година“, вели Ѓорѓи Јанчевски, прв човек на НЛБ Тутунска банка, кој деновиве доби уште еден петгодишен мандат на функцијата. Тој ги отфрла обвинувањата на бизнисмените дека банките годинава беа многу рестриктивни. Банкарите биле конзервативни само кон оние фирми на кои обемот на работа значително им опаднал, кај некои дури и за 50 отсто. Ова се аргументите на банкарите што сметаат дека тие дури и повеќе кредитирале, ако се земе предвид колкав е растот на економијата. „Доказ за тоа е што растот ќе биде меѓу 1 и 1,5 отсто, а растот на кредитирањето е околу 8 отсто, тоа значи дека кредитирањето е шест пати поголемо од економскиот раст на земјата. Тврдењата на фирмите дека банките се рестриктивни не држи. Секогаш сме давале кредити кога имало добри проекти“, објаснува Јанчевски.
Годинава и граѓаните и фирмите се воздржуваа од нови задолжувања. Намален беше интересот и за станбените кредити, во споредба со други години. И кредитите од Европската инвестициона банка, иако беа најевтини, прво со камата од 6, па потоа со 5,5 отсто, и за нив побарувачката не беше голема. Ако најевтините пари не се трошеа, тогаш што останува за другите кредити.
Првиот човек на Стопанска банка, Глигор Бишев, вели дека иако процесот на кредитирање годинава се одвиваше во услови на зголемени ризици во работењето, банкарскиот сектор испорачал позитивна стапка на кредитен раст од околу 8 отсто, која е меѓу највисоките во регионот, а е остварена во услови на релативно забавената економска активност во земјата. За 2011 година најавува повеќе кредити, ако има добри проекти. „Имајќи го предвид финансискиот потенцијал на банките и позитивните очекувања за депозитната база, кредитните текови кон приватниот сектор зависат исклучиво од квалитетот на кредитните барања во земјата. Притоа, врз основа на очекуваните позитивни поместувања во реалната економија и постабилното економско окружување, можеме да очекуваме забрзана кредитна активност во 2011 година. В година во која економската обнова ќе се забрза како во светски рамки така и во Македонија, очекуваме бројот на проекти, поддржани од Стопанска банка да порасне и во број и во обем“, најавува Бишев. Тој вели дека каматите и годинава се намалуваа во согласност со падот на основната камата. „Важно е да се има предвид дека банките мора да водат сметка за интересите и на штедачите и на кредитобарателите. Во 2011 година ќе понудиме долгорочни кредити со прифатливи каматни стапки и поволни услови за кредитобарателите. Од тој аспект, нашето мото е да бидеме на страна на клиентите и да најдеме заедничко решение за заедно да го динамизираме растот на кредитирањето и депозитите“, вели Бишев. Според него, и годинава банката ги поддржала компаниите кои излегле од кризата со иновативни производи и планови. (С.М.) |