05.02.2012, 11:55 „Пина“ - прва 3Д проекција во кино „Милениум“
Со премиера на документарниот филм „Пина“, по сценарио и режија на Вим Вендерс, кино „Милениум“ синоќа ја промовираше опремата за тридимензионални проекции по најсовремени светски стандарди
Стоминутниот филм е екранизација на приказната за германската кореографка, професорка по танц и балетска режисерка Филипина Пина Бауш (1940- 2009).
Со уникатниот стил - мешавина на движења, звуци и импозантни сценографски решенија, и со начинот на работење со изведувачите при составување кореографија (стил познат и како танцтеатар), таа силно влијаеше врз модерниот танц.
На 3Д премиерата присуствуваа градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и директорот на Младинскиот културен центар Златко Стевковски.
„Пина Бауш“ од денеска ќе биде редовно на репертоарот од 22.30, а од 17.30 и од 20 часот ќе се прикажува уште еден 3Д, научно-фантастичен филм - „Најмрачниот час“ во режија на Крис Горак. Филмот е работен според сценарио на Џон Спејтс и Лесли Боем и раскажува за непознат вонземски вид, кој ги контролира електричните мрежи и сиот свет останува без струја.
Цената на влезница за 3Д проекција во „Милениум“ е 200 денари.
|