29.09.2012, 14:04 Владата објавува нов оглас за социјални станови
Министерството за транспорт и врски в понеделник ќе објави оглас за распределување на 129 социјални станови, од кои 78 во Битола и 51 социјален стан во Берово.
Социјалните станови се наменети за решавање на станбеното прашање на лица кои спаѓаат во една од социјалните категории: деца без родители или родителска грижа кои имаат над 18 години, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта, инвалидни лица или лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице, самохрани родители со малолетни деца, припадници на Ромската заедница социјално загрозени...
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција потенцира дека становите ќе се распределуваат согласно методологијата за бодирање на кандидатите за добивање социјален стан под закуп, а ќе се земе предвид и бројот на членови во заедничкото домаќинство, вкупниот расположив прилив на средства по член да не изнесува повеќе од 50 евра во денарска против вредност, старосната структура и трајниот инвалидитет.
- Овие станови Министерството ги распределува јавно по електронски пат, а подносителот на барањето за добивање социјален стан под закуп може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови, нагласи Јанакиески. Тој укажа оти доколку лицето или некој од членовите на неговото заедничко домаќинство аплицира повеќе од една од категориите на корисници, сите поднесени обрасци ќе бидат отфрлени.
Крајниот рок за аплицирање во меѓуопштинските центри за социјална работа во Битола и во Берово, е 1-ви ноември 2012 година.
|