01.10.2012, 17:57 Опстанок, оставка или губење на легитимитетот
За да падне Владата, опозицијата би требало да обезбеди минимум 62 пратенички гласа за интерпелацијата, што е малку веројатно
Александра М. Митевска
В петок на полноќ ќе биде појасно како понатаму ќе се развива кризата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која се разгоре пред еден и пол месец и потоа се рефлектираше и на меѓуетничките односи, образованието, работата на парламентот... Дали коалициските партнери ќе се разделат, по повеќе од четири години сојузништво или, пак, конечно, ќе ги закопаат секирите? Или, можеби, ќе продолжат да функционираат во иста влада, влечејќи секој на своја страна?
Три сценарија се можни откако социјалдемократите, практично, решија да ги искористат парламентарните механизми за контрола врз извршната власт и, преку поднесување барање за недоверба на Владата, да ги изнесат на бришан простор вмровците и интегративците.
ВМРО-ДПМНЕ, како најголема владејачка партија, сега треба да докаже дека нејзината Влада се' уште има мнозинство во законодавниот дом, односно дека има поддршка од најмалку 62 пратеника, кои ќе гласаат против барањето за недоверба. Ако ВМРО-ДПМНЕ ги одоброволи пратениците од ДУИ да гласаат против иницијативата на СДСМ, тоа, всушност, би било сигнал дека коалициските партнери се помириле и дека Владата може да продолжи да работи со полн капацитет.
Постои и можност дел од пратениците кои го сочинуваат парламентарното мнозинство да се воздржат од гласање или да не присуствуваат на чинот на изјаснување, така што ниту една од спротивставените политички опции во законодавниот дом не би добила поддршка од 62 гласа. Во таков случај, Владата на Никола Груевски би го изгубила легитимитетот, но и натаму би имала легалитет, односно законска основа да продолжи да функционира, иако тоа би значело само пролонгирање на владината криза, која ги зафати и институциите на државата.
За да падне Владата, всушност, опозицијата би требала да обезбеди минимум 62 пратенички гласа „за“ за нејзината иницијатива за недоверба, што, во овој момент се чини малку веројатно бидејќи во таков случај ДУИ би требало да премине на „спротивната страна“. Само во таква ситуација, веднаш би можеле да почнат да се разгледуваат опциите за формирање ново парламентарно мнозинство или преку иницијатива за распуштање на парламентот и за распишување нови предвремени избори.
Но, и за евентуалното прегрупирање на силите во парламентот или за распуштање на парламентот ќе биде неопходно да се обезбеди поддршка од најмалку 62 пратеника.
Од ДУИ, засега, се воздржуваат од коментар за интерпелацијата што СДСМ ја најави за Владата. Велат дека ќе почекаат додека не ги видат на хартија аргументите на опозицијата. Но, и покрај тактизирањето на интегративците, социјалдемократите не се надеваат дека Владата ќе падне како резултат на нивната иницијатива за недоверба.
Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на митингот во Битола, најавувајќи ја интерпелацијата, порача: „Ќе го направиме тоа без каква било илузија и очекување дека Владата ќе падне. Напротив, нашата цел е до крај да се разоткрие и да се разобличи оваа договорена театарска претстава меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, меѓу Груевски и Ахмети“.
Според Уставот, одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и' е изгласана недоверба, таа е должна да поднесе оставка. Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето не го постават мнозинството од вкупниот број пратеници. |