26.08.2013, 12:42 „Четврток“ на Манчевски на отворањето на Венеција
Јубилејното 70. издание ќе се отвори со двојна проекција, со играниот "Гравитација" и специјалниот проект "Future Reloaded"
Краткометражниот филм „Четврток“ на Милчо Манчевски премиерно ќе биде прикажан на самото отворање на годинешниот 70. по ред Венециски филмски фестивал, кое е закажано за 28 август.
Ова јубилејно издание на еден од најзначајните и, секако, најстар европски филмски фестивал, годинава ќе се отвори со двојна проекција. Првенствено ќе се прикаже новиот игран филм на познатиот мексикански режисер Алфонсо Куарон, научнофантастичната драма "Гравитација", а потоа ќе биде претставен специјалниот проект на фестивалот, токму по повод 70. роденден, насловен "Venice 70: Future Reloaded".
"Гравитација" е многу драматична приказна за преживување во вселената. Едно медицинско лице и еден астронаут, кои работат заедно, по една несреќна случка ќе бидат препуштени сами на себе во вселената. Главните улоги во овој филм ги играат Џорџ Клуни и Сандра Булок.
"Future Reloaded", пак, е проект составен од повеќе кратки филмови, кој е специјално замислен за одбележување на јубилејот, на тема "Иднината на кинематографијата". По тој повод, директорот на Фестивалот, Алберто Барбера, упати ексклузивни покани до неколкумина режисери кои оставиле трага на фестивалот и на светската кинематографија, но и до неколку млади автори од идните генерации. Покрај Манчевски, со свои филмови се претставуваат и: Бернардо Бертолучи, Ким Кидук, Пол Шредер, Абас Киаростами, Валтер Салјес, Монте Хелман, Катрин Бреја, Клер Дени, Атом Егојан, Џејмс Франко, Ермано Олми, Амос Гитаи, Жан-Мари Штрауб, Тод Солонц и други.
Како што известуваат од продукцијата "Банана филм", филмот "Четврток" по венециската премиера ќе може да се види на вебсајтот на Манчевски и на официјалниот вебсајт на фестивалот, веќе од следниот ден. Сценариото е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата актерка Лора Ласи. Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а музиката ја компонираше Игор Василев Новоградска. Филмот е снимен во Њујорк и претставува американска продукција.
Манчевски освои "Златен лав" за најдобар филм во Венеција во 1994 со "Пред дождот", кога освои уште девет други награди, а неговиот филм "Прашина" ја имаше честа да го отвори Венецискиот фестивал во 2001. На фестивалот подоцна беше воведена и наградата "Кругот не е тркалезен", насловена така според мотото во филмот "Пред дождот". (С.У.)
|