26.08.2013, 15:51 Почина актерката Џули Харис
Холивудската актерка остана запаметена како Абра во „Источно од рајот“, но и како рекордерка по наградите „Тони“ за бродвејските улоги
Сунчица Уневска
Холивудската актерка Џули Харис (1925), најпозната по улогите на Бродвеј, но и по култниот филм „Источно од рајот“ како партнерка н�� Џемс Дин, почина на 87-годишна возраст во саботата од срцев удар во својот дом во Масачусетс.
Џули Харис го држи рекордот во бројот на номинации и награди „Тони“ за нејзините многубројни извонредни ролји одиграни на Бродвеј. Својата прва и единствена номинација за „Оскар“ ја освои многу млада, на 28 години, за улогата во филмот „Учесник на свадба“ (1952) на Фред Цинеман. Интересно е дека оваа филмска улога, всушност, беше повторување на нејзината претходно одиграна улога во истоимената драма на Бродвеј во 1950 година, која и' ја донесе и славата.
Во 1955 година ќе го направи својот најголем филмски успех како Абра во екранизацијата на романот на Џон Штајнбек „Источно од рајот“, во режија на Елија Казан. Ќе остане запаметена како партнерка на Џемс Дин, иако во филмот таа ги сака двајцата браќа, Кал и Адам, за на крајот, сепак, да се одлучи за понесреќниот, давајќи му ја својата љубов и поддршка.
Џули Харис е родена на 2 декември 1925 година во Мичиген. Посетувала повеќе филмски школи, меѓу кои и на Универзитетот „Јејл“. Својата кариера ќе ја започне уште во 1945 година и играше буквално до крајот. Иако многу талентирана и со извонредна биографија зад себе, сепак, Џули Харис нема да оствари голема кариера на филмското платно, туку повеќе ќе остане запаметена по улогите на Бродвеј и по многуте телевизиски ролји. Што се однесува до големото платно, таа играше во триесетина филма од кои ќе ги издвоиме хоророт „Прогонување“ (1963) на Роберт Вајс, потоа „Патувањето на проколнатите“ (1976) на Стјуарт Розенберг, па „Горила во магла“ (1988) на Мајкл Аптед, како и извонредната улога на хистеричната сопруга на офицерот во филмот на Џон Хјустон „Отсјаи во златното око“ (1967), во кој настапи покрај Марлон Брандо и Елизабет Тејлор.
На Бродвеј ќе оствари богата кариера и ќе игра во врвни претстави, меѓу кои се: „Магбет“, „Хамлет“, „Трамвајот наречен желба“. Наградата „Тони“ ќе ја освои како Сели Боулс во „Јас сум камера“ (претставата која потоа ќе послужи како основа за мјузиклот „Кабаре“), потоа како Јованка Орлеанка, како Мери Тод Линколн и како Емили Дикинсон. Во 2002 година ќе ја добие шестата награда „Тони“, овој пат за животно дело.
На телевизија, исто така, направи неверојатна кариера, доби три награди „Еми“, а најмногу се памети како кантри-пејачка во серијата „Knot's Landing“, која се прикажуваше од 1979 до 1993 година. За крај само ќе кажеме дека режисерот Елија Казан ( „Сјај во трева“, „Трамвајот наречен желба“, „На доковите на Њујорк“) во својата автобиографија „Живот“ и се заблагодарува на Џули Харис како човек и како актерка, која многу му помогнала додека го снимале „Источно од рајот“, бидејќи имала смирувачко влијание врз Џемс Дин. Таква беше Џули Харис, неверојатно посветена, тивка и извонредна, понекогаш можеби и незабележлива, но со силен актерски израз кој ја прави препознатлива без оглед дали го паметите нејзиното име.
|