09.02.2012, 10:51 Фабио Капело ја напушти клупата на Англија
Досегашниот селектор на репрезентацијата поднесе оставка по судирот што избувна меѓу него и англиската Фудбалска асоцијација (ФА) околу случајот со капитенот на репрезентацијата Џон Тери
Селекторот на фудбалска репрезентација на Англија, Фабио Капело поднесе оставка по судирот што избувна меѓу него и англиската Фудбалска асоцијација (ФА) околу случајот со капитенот на репрезентацијата Џон Тери.
Во соопштението на ФА се вели дека е прифатена оставката на Капело и се оценува дека станува збор за вистинското решение.
Во изјава за италијанската државна телевизија РАИ, Капело, меѓутоа, рече дека бил понижен од ФА и дека по таквиот гест останал без авторитет меѓу играчите во репрезентацијата.
Оставката доаѓа по едночасовниот состанок на претседателот на ФА Дејвид Бернстин и на генералниот секретар на асоцијацијата Алекс Хорн, со досегашниот селектор, на кој не беа надминати разликите околу сменувањето од капитенската функција во репрезентацијата на играчот на „Челзи“ Тери.
ФА му ја одзеде капитенската лента на Тери, без знаење и согласност на Капело. Италијанскиот експерт претходно одбиваше да го казни Тери, кој е обвинет за „расистички напад“ врз фудбалерот на „Квинс Парк Ренџерс“ Антон Фердинанд, кој е брат на репрезентативецот Рио Фердинанд.
Според Капело, секој е невин додека Судот не донесе пресуда, но ФА инсистираше дека Тери не може да остане капитен до судската разврска, во јули, затоа што тоа би можело да влијае лошо врз атмосферата во репрезентацијата. Таквата оценка на ФА, Капело јавно ја осуди во изјава за РАИ, но не за некој од британските медиуми.
Соопштението за оставката на Капело, на само четири месеци пред Европското фудбалско првенство, предизвика изненадување и разочарување кај сите млади репрезентативци во Англија, кои досегашниот селектор ги внесе во националниот тим, но не и кај домашните фудбалски експерти кои не му беа наклонети на Капело. Тие го обвинуваат дека нема постигнато ништо од тоа што од него се очекуваше.
Капело беше селектор три години и имаше годишна плата од шест милиони фунти.
Како најсериозен кандидат за наследник на селекторската функција се смета сегашниот тренер на „Тотенхем“ Хари Реднап, кој вчера беше ослободен од Судот од обвинувањето дека затајувал данок и ја измамил даночната управа.
|