09.02.2012, 13:21 Прага доби нова улица наречена „Македонска“
Од денеска една улица во Прага го носи името „Македонска“, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
На церемонијата на свеченото пуштање во употреба на улицата, која се наоѓа во населбата Просек, во општина Прага 9, присуствуваа претставници на локалната власт и македонската амбасада во Чешка, како и Македонци кои живеат во чешката метропола.
Иницијативата ја поднел чешкиот граѓанин, Петр Кунеш, кој како туристички работник и патеписец, идејата ја добил пропатувајќи ја Македонија.
- Јас сум вљубен во вашата мала земја и воодушевен сум од нејзините природни убавини, изјави Кунеш, чија репортажа за Македонија излезе во чешкиот весник „Право“.
„Македонската“ улица во Прага засега е долга околу 500 метри и на неа се водат жителите на три нови згради.
Според Лукаш Манхарт, претседател на Советот на Прага 9, улицата ќе биде продолжена бидејќи се планира проширување на населбата.
- Особена чест и задоволство ми е што присуствувам на реализирањето на идејата за именување на улицата „Македонска“, а приватно ми е мило особено мило, бидејќи живеам во близина изјави Манхарт.
За македонскиот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски отворањето на улицата наречена „Македонска“ говори и за блиските односи на пријателство и соработка меѓу Македонија и Чешка.
- Денешниот ден, кој е студен и снежен, на симболичен начин им ги стопли срцата на Македонците кои живеат во Чешка, рече Илиевски.
Тој додаде дека целата иницијатива беше поддржана и од македонскиот претседател Ѓорѓи Иванов кога пред точно една година при официјалната посета на Чешка, се сретна со прашкиот градоначалник, Бохуслав Свобода.
|