(ВИДЕО) Мекејлеб незапирлив, Монтепаски во четвртфиналето
Олимпијакос на Перо Антиќ, во драматичен натпревар, во Групата Е, во Истанбул го победи Анадолу Ефес со 65:67
Македонските репрезентативци Лестер Бо Мекејлеб и Перо Антиќ со своите екипи забележаа победи во четвртото коло од Топ 16 фазата, во Евролигата.
Мекејлеб го предводеше Монтепаски до победата над Уникаха од 84:69, со што италијанскиот шампион на две кола до крајот на Топ 16 фазата избори пласман во четвртфиналето. Монтепаски во Групата Ф има максимален ефект, четири победи во исто толку натпревари.
Мекејлеб на паркетот мина нешто повеќе од 24 минути и за тоа време зад своето име запиша 18 поени, 4 скока , 2 асистенции и 2 украдени топки.
Олимпијакос, во драматичен натпревар, во Групата Е, во Истанбул го победи Анадолу Ефес со 65:67. Грчкиот тим до победата стигна благодарение на пеколната игра во одбраната, Ефес во првиот и третиот период постигна девет, односно десет поени.
Олимпијакос, по четири кола има две победи и два порази, но остана во игра за освојување на второто место, додека Ефес се прости со шансите за пласман во четвртфиналето.
Капитенот на македонската репрезентација, Перо Антиќ на паркетот мина нешто помалку од 20 минути и имаше учинок од 4 поени, 5 скока, 3 асистенции.