09.02.2012, 14:51 Стјуарт Пирс привремен селектор на Англија
Пирс досега му беше асистент на Фабио Капело, кој вчера поднесе оставка на функцијата
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), како привремено решение, на клупата на репрезентацијата го постави Стјуарт Пирс, кој му беше асистент на Фабио Капело, кој вчера поднесе оставка на функцијата.
„Му благодариме на Капело за се што направи со репрезентацијата. Не однесе на две големи натпреварувања и без сомнение остави голема трага во оваа репрезентација. Капело до последниот момент остана вистински господин, и сите приказни дека синоќа направил драма, едноставно не се вистински. Му посакувам среќа во иднина, каде и да работи“, рече претседателот на ФА, Дејвид Берстеин.
Првиот човек на ФА не пропушти да ја искоментира одлуката, на Џон Тери да му биде одземена капитенската лента.
„Што се однесува на одземањето на капитенската лента на Џон Тери, одлуката е донесена со мнозинство на гласови, а на Капело му беше соопштена пред да биде објавена во јавноста, така да не станува збор дека тој последен ја дознал одлуката.“
Тој посочи дека до донесувањето на одлуката, која нема да биде избрзана, репрезентацијата ќе ја води Стјуарт Пирс.
„Околу името на новиот селектор ќе решаваме дополнително, откако се ќе биде детално анализирано. Не сакаме да брзаме, па да се случи да направиме погрешен избор. Имаме доволно време да направиме вистински избор.“
Англиската јавност како најсериозен кандидат за селектор го споменува Хари Реднап, менаџерот на Тотенхем.
„Не сум размислувал за тоа, ФА ќе донесе одлука која е најдобра за земјата“, изјави утрово Реднап.
Покрај менаџерот на Тотенхем се шпекулира и со имињата на Мартин Ое'Нил, Жозе Мурињо, Гус Хидинк и Рој Хоџсон
|