09.02.2012, 15:27 Вечерва почнува 62. издание на Берлинале
Берлинскиот филмски фестивал го отвора костимираната драма „Збогум моја кралице“, на францускиот режисер Беноа Жако
Со филмот „Збогум моја кралице“ („Les adieux r la reine“) на францускиот режисер Беноа Жако вечерва се отвора 62. издание на еден од најважните филмски фестивали во светот - Берлинале. Филмолозите предвидуваат дека годинашното издание на Берлинскиот филмски фестивал, кој ќе трае до 19 февруари и носи 22 филма од кои 17 се во конкуренција за главни награди, како и голем број на ѕвезди, ќе биде гозба за очите, ушите и душата.
Годинашново Берлинале медиумите веќе го опишаа како фестивал на историја, костими, спектакли и мечеви. Фестивалот го става акцентот на костимираните драми и историските теми, па така, покрај филмот на отворањето, публиката ќе може да ги види и британскиот „Бел ами“ направен по романот на Ги де Мопасан, на дебитантите Деклен Донелан и Ник Ормерод кој не' враќа во 19 век и во кој Роберт Патинсон игра момче кое успева да стекне голема моќ, манипулирајќи ја најбогатата жена (Ума Турман), потоа данскиот „Кралска афера“ на Николај Арсел со Мадс Микелсен во главната улога, кој зборува за љубовен скандал во кој една млада кралица се вљубува во нејзиниот лекар, а тука е и италијанскиот „Цезар мора да умре“ на браќата Тавијани, во кој има сегменти од Шекспировата драма „Јулие Цезар“.
Како противтежа на наметките и периките, мечевите и сабјите, се оние филмови што се занимаваат со современоста, со тероризмот, како што е филипинско-францускиот „Заробен“ на Брилијанте Мендоза, грчкиот „Метеора“ на Спирос Статолопулос, или унгарскиот „Само ветер“ на Бенедек Флиегаф.
Берлинале во главната програма ги носи и „Автомобилот на Џејн Менсфилд“ на Били Боб Торнтон, „Спобудален“ на Стивен Содерберг, или „Екстремно гласно и неверојатно близу“ на Стивен Далдри. Но, носи и пакет од кинески спектакли, меѓу кои ги издвојуваме „Цвеќиња на војната“ на Занг Јимоу, во кој режисерот се враќа на злогласниот напад на Нанкинг од страна на јапонската армија, како и „Летечки мечеви од змаевата порта“ на Харк Тсуи од Хонгконг.
Инаку, меѓу големите ѕвезди кои се очекува да продефилираат на црвениот килим на Потсдамер плац се Ума Турман, Кристин Скот Томас, Клајв Овен, Изабел Ипер, Том Хенкс, Сандра Булок, Кевин Бејкон... Големата американска актерка Мерил Стрип, пак, ќе ја прими наградата за животно дело, а на фестивалот ќе бидат прикажани некои од нејзините најпознати филмови, како што се „Крамер против Крамер“ и „Изборот на Софија“.
Македонија на годинашниот филмски фестивал во Берлин ќе има дури три презентации, што е досега веројатно најголемата дадена можност за претставување на македонската филмска продукција пред една од најсилните конкуренции во светот. Филмот на Теона Митевска, „Жената што си ги избриша солзите“, во кој главната улога ја игра големата европска актерка Викторија Абрил, премиерата ќе ја има на 11 февруари во програмата „Берлинале специјал“. Во официјалната програма на Берлинскиот фестивал имаме уште еден македонски филм, краткото дебитантско остварување „Бардо“ на младата Марија Апчевска. Овој филм влезе во програмата „Генерација“. Во официјалната програма, односно во „Панорама“, е вклучен и српскиот филм „Парада“ на Срѓан Драгоевиќ, а чиј копродуцент е и Македонија. Една од улогите во филмот игра македонскиот актер Тони Михајловски, а продуцент од македонска страна е Владимир Анастасов. (Т.И.)
|