09.02.2012, 12:52 Балканот зафатен од екстремно ниски температури
Балканските земји Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Албанија и денеска се соочуваат со големи проблеми поради снегот и многу ниските температури.
Во Србија досега 13 лица починаа од замрзнување, во студениот бран и снежни врнежи што ја зафатија земјата. Тринаесеттата жртва е постара жена од селото Падина во близина на Ковачиќ, која е пронајдена мртва, а според лекарите починала поради измрзнување.
Во изминатиот период 190 лица се спасени. Операциите за спасување се спроведуваат секојдневно и во се поголем број, додека на територијата на општина Брус вчера е спасено бебе старо само 20 дена.
Сите општини во Србија вчера добија нафта од стоковите резерви и парична помош, која претходно беше уплатена на нивните смтеки.
На метеоролошката станица во Зрењанин изутринава е регистрирано минус 27,4 степени Целзиусови, што е рекордно ниска температура уште од 1963-та година.
Во Црна Гора изутринава најстудено беше во Плевља со минус 22 степени, додека сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија полека се нормализираат.
Аеродромите во Подгорица и Тиват се отворени за сообраќај, а се подобрува и ситуацијата во патниот сообраќај. Патниот правец Подгорица-Колашин-Мојковац е повторно отворен за сообраќај со што е воспоставена патна врска меѓу јужниот и северниот дел на Црна Гора, а во функција е и патот Никшиќ-Шавник-Жабљак.
Снежната покривка на Жабљак достигна два метри, додека во Бијело Поље, Колашин, Мојковац, Плав, Рожаје, Шавник и Плижина околу еден метар.
Откажани се две автобуски линии од Подгорица за северниот дел на земјата, додека нормално се одвива сообраќајот до Никшиќ и приморските градови.
На целата територија на Босна и Херцеговина во текот на ноќта беа регистрирани екстремно ниски температури. Најстудено беше на Романското Плато.
Екипите за расчистување на снегот изминатата ноќ ја поминаа на завеаните сообраќајници.
Шефот на Хеликоптерскиот сервис на Република Српска, Бобан Кустуриќ истакна дека хеликоптерите и денеска ќе продолжат со евакуација, достава на храна и лекови на територијата на Херцеговина.
Хрватска денеска го доживува најстудениот ден оваа зима, бидејќи температурите во многу места изутринава паднаа до минус 20 степени. Единствено на островите температурите се околу нулата.
Поради подобрувањето на временските услови укината е забраната за сообраќај не некои патишта и делови од автопатите Загреб-Ријека и Загреб-Сплит.
Се влошува состојбата и во северниот дел на Албанија. Нови снежни врнежи од утринските часови има во Пук, Кукс, Торпоја и Хас, кои уште повеќе ја отежнуваат и така тешката состојба.
Со одлука на Кризниот штаб од денеска со хелкоптери и камиони ќе биде распределувана помош од стоковите резерви, за изолираните подрчја каде таа е најнеопходна, јави дописникот на МИА од Тирана.
Повеќе општини во околијата на Пешкопеа и натаму се блокирани од снегот. Повеќе патишта се непроодни, а на сите други задолжителна е употребата на зимска опрема.
Со хеликоптер од тиранското село Латизе денеска е префрлена и бремена жена во Гиниколошката клиника во Тирана. Селаните морале да исчистат дел од снегот за да може хеликоптерот на слета за да ја земе бремената жена.
Вчера студот ја однесе и петта жртва во Албанија. Маж на возраст од 35 години е пронајден мртов до едно дрво во близина на зградата на Министертвото за надворешни работи. Станува збор за бездомник, кај кого смртта настапила како поседица на студот. Тој бил и под дејство на алкохол.
|