19.03.2012, 17:29 Студентите во Тетово дебатираа за соживотот
Околу 200 студенти - Албанци, на факултетот за бизнис-администрација на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, вчера дебатираа дали политиката или економијата е причина за влошените меѓуетнички односи. На темата „Кревките меѓ��етнички односи - рефлексија на економската криза или на нерешените политички прашања“ се расправаше речиси два часа, но целата трибина се одвиваше само на албански јазик.
„Расправавме за настани кои се рефлектираат и на политичкиот и на економскиот развој. Се прашуваме дали меѓуетничките инциденти се одраз на односите на политичките елити во земјата. Нашата цел е студентите да ги вклучиме во активности без насилства, без тепачки, проблемите да ги решаваме на академски начин“, вели студентот Љутрим Мехмеди.
Ректорот Замир Дика рече: „Ова се феномени за кои не се дебатира во јавноста. Универзитетот, како академска средина, е место каде што треба да се чуе гласот на младата популација, особено кога се работи за проблеми во општеството. Нашата порака е за сите проблеми отворено да разговараме, со факти, со заложба како да ги разјасниме и разрешиме“, изјави Замир Дика. (Г.Е.) |