19.03.2012, 17:18 СДСМ: Власта ги награди Неделковска и Василевска
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвини опозицијата за рушење на системот
Денес во Македонија важи максимата „Груевски те тужи - Груевски те суди и те става во затвор!“, обвинија вчера социјалдемократите, поттикнати од последните кадровски унапредувања во судството.
„Партизацијата и политизацијата на судскиот систем се врши преку избор и напредување на судии, не врз основа на професионални, туку врз основа на политички критериуми“,оцени Ана Павловска, која како пример ги наведе изборот на двете скопски судијки во повисоки судови.
Според СДСМ, судијката Лидија Неделкова во 2009 година определи притвор за Зоран Заев, а веднаш потоа беше унапредена во претседател на Основниот суд Скопје 1. А, сега, откако судот со кој таа претседателствуваше донесе пресуда за политичкиот процес „Пајажина“, таа за само еден ден доби експресно унапредување во судија на Врховниот суд. Судијката Радица Василевска, пак, му пресуди на Љубе Бошковски и по неколку месеци е унапредена во судија на Апелациониот суд во Скопје.
„Вакви случаи од 2006, а особено од 2008 година, па до денес има во огромен број. Сметаме дека дојде време за вклучување на црвеното светло. Време кога на ваквото системско уништување на судството во Македонија мора да му се каже – стоп!“, рече Данева.
Системот по кој се избираат, разрешуваат и унапредуваат судиите во Република Македонија е предложен, утврден и изгласан од страна на СДСМ, на крајот од последниот нивен мандат, возврати на ваквите обвинувања ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, потсетија дека дополнително, овој систем беше изменет по барање на СДСМ, со исфрлање на министерот за правда од процесот на гласање и одлучување. „Во Судскиот совет одлучуваат 14 члена од кои поголемото мнозинство, односно 8 члена ги избираат самите судии, а 6 избрани по предлог од други институции. Токму Судскиот совет избира и разрешува судии, а не Владата, парламентот и политичките партии“, коментираше вчера пратеникот Илија Димовски. Тој нагласи дека во конкретниот случај, тој што го руши системот е токму СДСМ.
„СДСМ се поставува над институциите на системот и органите на судската власт. Тие сами одлучуваат дали некој е виновен или не. Единствен критериум за тоа е дали лицето за кое одлучува Судот е член или не во СДСМ и дали е соработник или нивен коалициски партнер“, додаде Димовски. (П.Р.) |