19.03.2012, 17:17 Ни абер од нови членови во Советот за радиодифузија
Парламентот по втор пат ја повика Интеруниверзитетската конференција да достави кандидати за членови на СРД, кои би требало да дојдат на местото на Стефановски
Тројца членови на Советот за радиодифузија, меѓу кои и претседателот Зоран Стефановски, си одат кон средината на април, а нема абер од нивни наследници. Пратениците, вчера, повторно ја изгласаа одлуката за упатување јавен повик до Интеруниверзитетската конференција за доставување предлог-кандидати за членови на Советот за радиодифузија кои би требало да дојдат на местото на Стефановски, Али Алиу и Томе Груевски, кои беа избрани пред шест години. Претседателот на Интеруниверзитетската конференција, Александар Николоски, кој е инаку ректор на ФОН, вели дека вчера првпат слушнал за ваква одлука и уверува дека веднаш по објавување на одлуката ќе свика средба со ректорите, така што ќе нема пробивање на роковите.
„Не знаевме дека и претходно имало оглас. Дознавме дури денеска дека ќе има одлука која ќе биде објавена и во ’Службен весник’. Веднаш потоа ќе свикам средба со ректорите и дополнително ќе се одлучува за кандидатите“, вели Николоски. Тој појаснува дека се' уште не се знае од каде ќе доаѓаат кандидатите, но, според него, би требало да се кандидираат од најголемите универзитети, според бројот на студентите.
Инаку, во барањето до Собранието, пратеникот Илија Димовски се повикува на тоа дека е поминат рокот во кој Интеруниверзитетската конференција требала да предложи кандидати и затоа пратеникот, како претседател на Комисијата за избори и именувања, повторно ја актуелизира предлог-одлуката за јавен повик. Од Собранието добил одговор дека до 14 февруари годинава Интеруниверзитетската конференција не доставила листа на кандидати.
Неофицијално, дознаваме дека досега е кандидиран само претставник од тетовските универзитети, а се очекува и од скопскиот и битолскиот универзитет, но засега никој официјално не сака да ги потврди овие информации. Од Советот, пак, не се загрижени од ваквите случувања, со коментар дека ова тело може да функционира и без избор на нови членови, па дури и да избере претседател од сопствените редови и во исто време и да го отповика.
Вчера го побаравме и актуелниот претседател на Советот за радиодифузија, Стефановски, но тој не беше достапен, а ни беше објаснето дека користи денови од одмор. Неговиот колега во Советот, Али Алиу, кој исто така треба да си замине за околу три недели, ни кажа дека „е неблагодарно да коментира што се случува во Советот и што ќе се случува по неговото заминување“.
„Ги бројам деновите како кога бев војник, уште колку ми остана до моето заминување“, на шега ни рече Алиу, додавајќи дека не сака понатаму да коментира ништо околу случувањата во Советот.
Ова тело се најде на удар во јавноста поради зголемувањето на бројот на членови кои дојдоа како предлог од државните институции, па оттаму и критиките на опозицијата која обвини за политизирање на ова регулаторно тело. Без тројцата што си одат, Советот ќе брои вкупно 13 члена, но оттаму тврдат дека тие можат без проблем да функционираат и така и да носат валидни одлуки. (Ж.Х.З.) |