Брак
Кралска свадба во Монако

Кнезот Алберт Втори од Монако (52) на 1 јули, конечно ќе стапи во брак со 32-годишната јужноафриканска олимписка пливачка во грбен стил на 200 метри, преубавата Шарлин Витсток
Јасмина Павловска
Му дојде крајот на ергенството и на најзакоравениот ерген меѓу светските крунисани глави. По спектакуларната кралска свадба на принцот Вилијам и принцезата Кејт, уште на една девојка без сина крв ќе и' се оствари сонот да се омажи за принц. Кнезот Алберт Втори од Монако (53), на 1 јули конечно ќе стапи во брак со 33-годишната јужноафриканска олимписка пливачка во грбен стил на 200 метри, преубавата Шарлин Витсток.
Тоа ќе биде прва кралска свадба во Монако, по онаа од 19 април 1956 година, кога на 44 години се ожени таткото на Алберт, кнезот Рение Трети, исто така со преубава жена од народот, американската актерка Грејс Кели. И тогаш, како што треба да биде и со оваа свадба, избегната е криза на монархијата, што ја тресела во 1918 година. Тогаш се поставило најсериозното прашање, според кое ако кенежевството нема наследник на престолот во директна линија, кнежевството Монако ќе биде присоединето со Франција. Тоа било кога принцот Луј, дедото на Алберт, имал 48 години, немал законски деца, се' уште бил неженет и немал свршеница.
Кнезот Алберт, беше горд на своето момчештво, на кое сосема природно и без некој голем труд се привикнал, па го трошеше со припадничките на џет - сетот, сепак во 52. година на животот реши да им служи на своите пребогати граѓани. Иако Алберт има две вонбрачни деца со две жени, ќерката Јасмин Грејс и синот Александар Коста, тие деца не можат да партиципираат во наследството на монашкиот престол, иако тој го призна татковството. Шарлин и Алберт се запознале уште во 2000 година, кога Шарлин учествувала на некој пливачки натпревар во Монако, а првпат јавно и официјално се појавуваат заедно од 2006 година на Зимските олимписки игри во Торино, Италија.
По свадбата, Шарлин ќе ја добие титулата кралска сопруга од Монако и ќе ја нарекуваа со „нејзино спокојно височество“. Шарлин Витсток е ќерка на компјутерскиот оператор Мајкл Витсток и бившата скокачка во вода, Линете. Таа е родена во Зимбабве, а за јужноафриканската репрезентација настапила во 2000 година, на Олимписките игри во Сиднеј, во штафетата каде што пливала 200 метри грбно. Таа штафета го освоила петото место. Поради правилата на монархијата, таа морала од протестанство да премине во католицизам.
Токму како што Кејт Мидлтон пред мажачката со Вилијам беше споредувана со покојната леди Дијана, така во Монако, Шарлин ја споредуваат со Грејс Кели. Во таа споредба во корист на Шарлин и' одат природниот шарм, аристократските црти на лицето и русата коса. Познато е дека невестата до олтарот ќе прошета во фустанот што специјално за неа го дизајнираше Џорџо Армани, додека за нејзиниот стил и изглед во јавноста, веќе некое време се грижи уште еден познат диза��нер, Карл Лагерфелд.
За разлика од британската принцеза Кејт, Шарлин отворено говорела за неколку медиуми за тоа колкав притисок чувствувала на почетокот на врската со принцот Алберт и дека е свесна дека од неа се очекува да биде нова икона на стилот на Монако, како и соодветна замена за обожаваната Грејс Кели.
Што се однесува до деталите околу венчавката, покрај кралските семејства со кои кнежевството Монако е во роднински и пријателски врски, на свадбата ќе присуствуваат и познати личности од џет - сетот: секако погоре споменатиот Карл Лагерфелд. потоа оперскиот пејач Андреа Бочели, италијанската поп-ѕвезда Умберто Тоци, потоа претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Жак Рог, некогашниот тениски ас Борис Бекер. Се зборува дека на списокот на гостите се и многу холивудски ѕвезди, како Деми Мур и Ештон Качер, кои се добри пријатели на невестата, потоа Мел Гибсон, Роџер Мур, како и бившата манекенка Викторија Силверстед. Меѓутоа не е познато дали принцот Алберт на својата свадба поканил и некоја од своите бивши девојки, како Наоми Кемпбел, Клаудија Шифер и Брук Шилдс.
Венчавката ќе започне во 17 часот во т.н. соба за крунисување во Палатата на принцот, а церемонијата ќе ја следат граѓаните на големи екрани на главниот градски плоштад. Точно во 17,50 кралскиот пар ќе се појави на балконот на палатата, додека свечената вечера ќе започне во 20 часот. Утредента, во сабота, на 2 јули, ќе биде одржана и црковна венчавка во главниот двор на палатата, каде ќе присуствуваат 3.500 луѓе, а навечер семејството Грималди ќе приреди бал во Операта, додека на полноќ е предвиден и голем огномет.
Познати се и јадењата што ќе им бидат послужени на гостите во Палатата на принцот. Францускиот готвач Алан Дукезе ќе биде задолжен за подготовка на храната за 500 избрани гости, а во договор со идните младенци, составил мени со традиционални јадења.
- Се одлучивме за нешто локално и етничко, специфично за Монако. Принцот Алберт е многу заинтересиран за зачувувањето на Медитеранот, неговата флора и фауна, па затоа пред гостите ќе се најде многу свежо градинарско овошје и зеленчук, заедно со риба и морски плодови карактеристични за ова поднебје - открил Дукезе.
На гостите ќе им биде послужен оброк од три дела, а принцот Алберт и неговата свршеница веќе го имаат пробано целото мени и дале своја согласност. Деталот што исто така го привлекува вниманието на јавноста е секако дали сепак на списокот на гостите ќе се најдат принцот Вилијам и принцезата Кејт, кои веќе го пратија своето извинување, зашто во тоа време ќе бидат на турнеја низ Канада. (Ј.П.) |