Јасминка Чакар
Ако се потпреш само на талентот, немаш фантазија
![](WBStorage/Articles/B10E5017F24E3C4E8EB9350D05F2E925.jpg)
Пијанистката Јасминка Чакар неодамна доби признание за животно дело од Здружението на музички и балетски педагози на Македонија за својата педагошка дејност, која се одвива паралелно со нејзината концертна активност
Јасминка Павловска
„Карактерот е судбина, но личноста и мудроста на еден човек ги создаваат луѓето што го опкружуваат и околностите на животот“ - настапува директно Јасминка Чакар, пијаниска, која нејзините ученици и почитувачи ја сметаат за легенда на македонската концертна уметност, но и на музичката педагогија. Токму за нејзината педагошка дејност, која се одвива цело време паралелно со нејзината концертна активност, од шеесетите години на минатиот век, таа неодамна доби признание животно дело од Здружението на музички и балетски педагози на Македонија.
- Кај инструменталистите, или еве, во мојот случај пијанистите можна е таква „паралелна работа“ - и концертна, и педагошка, за цело време во кариерата - зборува потпирајќи се на своето долгогодишно искуство професорката Јасминка Чакар. Вокалистите, на пример, најчесто по завршувањето на сценската кариера се посветуваат на педагогијата. Затоа се чувствувам на некој начин привилегирана што имав и се' уште имам можност да ја пренесувам мојата љубов кон музиката и со концертирање, но и директно подучувајќи ги новите генерации музичари. Во се' што работам, при секој нов почеток внесувам љубов со ист интензитет. Секогаш сум верувала дека уметник без сопствен свет нема внатрешна убавина. Таа убавина потоа се рефлектира и прелева во изведбата. А таму, во изведбата ништо не може да се сокрие и да се доработи. Потребен е високо дозиран однос кон стиловите, искажување на интензивни емоции, било да е тоа тага, радост, пркос, страст, копнеж... “ - го објаснува својот однос кон изведбата Чакар.
Нејзината фасцинираност и нескротлива љубов кон музиката ја открила на 6 - 7-годишна возраст, кога ја пронашла хармониката на татко и' во нивната семејна куќа во Битола. Почнала сама да ги открива акордите, по слух, но наскоро почнала да ја подучува учителката Моника Јефтиќ. Родителите ја препознаваат нејзината идентификација во музиката, па на 14- годишна возраст ја испраќаат на школување во Загреб.
- Бидејќи бев автодидакт, во Загреб морав да завршам и нижо и средно музичко училиште - се сеќава Јасминка. Во една година завршував она што беше планирано за две години. Навистина бев посветена на учењето и ништо друго не ме интересираше. Живеев во интернат, иако моите браќа тогаш веќе живееја во Загреб. Од тие училишни денови во Загреб се' уште ги имам пријателствата со Арсен Дедиќ, па и Тереза Кесовија, иако таа беше нешто постара од нас. Но постојано го имав копнежот за Битола, за моите родители, но најмногу за баба ми Невена. Мислам дека поради баба ми и се вратив во Битола, по завршувањето на студиите, во 1963 година. Неколку години работев во Средното и нижо музичко училиште во Битола, но по три години дојдов во Скопје и почнав да работам во Операта... - тече приказната на г- ѓа Чакар.
Со формирањето на тогашната Висока музичка школа во Скопје, под раководство на Властимир Николовски и Бранко Цветковиќ, Јасминка Чакар ја започнува својата академска кариера од почетното скалило.
- Тогаш навистина постоеја високи критериуми за напредување на Академијата - вели Чакар. Започнав како стручен соработник и корепетитор, за по неколку години да станам асистент на професор Крпан, кому најмногу му должам за она што го знам во мојата интерпретаторска и педагошка дејност. Потоа бев самостоен предавач, за дури по наградата „13. Ноември“ во 1979 година, што ја добивме со колегите Благоја Николовски - тенорот, Никола Атанасовски- флејтист за нашиот концерт во Лондон, да станам доцент на Факултетот за музичка уметност. По добивањето на наградата „11 Октомври“ станав професор... Но моето напредување во педагошката кариера би било сува биографија, да не беа моите 40- ина завршени студенти, кои имаат успешни кариери низ светот. Нашата професија е специфична и на секој студент треба да му се пријде според неговите индивидуални способности, можности, физичко-анатомски особини и тоа секогаш поединечно. Зашто наставата е индивидуална, а тоа не ни најмалку едноставно - вели за својата педагошка дејност професорката Чакар.
Што се однесува до изведувачката дејност, таа до ден - денес не е престаната. И денес вежба редовно на клавирот „Јамаха“ што нејзините родители и' го купиле по магиструрањето во Париз. Нејзината пијанистичка кариера како солист и придружба е огромна. Се присетува дека само на Охридско лето имала 11 настапи, што како солист, што како придружба. Во историјата на Охридско лето останат е настапот на светски познатиот виолончелист Андре Навара, каде што токму Јасминка Чакар била негова пијано-придружба. Веројатно, има над 1.000 минути снимен материјал, а ги чува и сите програми за своите настапи од 1964 година. Освен работата со постдипломците, Јасминка Чакар одржува часови и во КЕЦ „Сцена“. Бидејќи нејзиниот син Емил, кој е пилот, тргнал по сосема друг пат од музиката, Јасминка се надева дека 5-годишната внука Деа, која веќе си игра со нејзиниот клавир, ќе ја „фати музичката чивија“.
- Да се потпреш само на талентот, значи да немаш фантазија. Талентот треба да се надгради со добра школа, трудољубивост, посветениот. Талентот кај музичарите е многуслоен: ритам, мелодиски слух, хармонски слух, моќ за транспонирање, брзо учење и добро помнење. Значи талентот е убава работа, но тоа е само предиспозиција - поентира за крај на разговорот Јасминка Чакар. |