Ралф Брет
Случајот на Нешковски подалеку од политиката
26.06.2011, 11:54
Сметам дека случајот со загинувањето на момчето, кој е многу трагичен и посебен, треба да се држи настрана од политички дискусии, вели амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет во интервју за Радио Слободна Европа.
На прашањето како го коментира убиството на Мартин Нешковски и реакцијата на македонската полиција со оглед на искуството на ОБСЕ со МВР, амбасадорот Брент вели:
„Најпрвин, не би го употребил зборот убиство, бидејќи за тоа треба да одлучи судот. Младиот човек загина, тоа е јасно и многу трагично и морам да нагласам дека сме многу шокирани од ова. Во врска со првичните реакции, нашата мисија нема истражувачка улога. Не можеме да имаме сопствени наоди за овој настан и не можеме да навлегуваме во детали. Значи тешко е да се зборува, но од она што го видовме од првичните реакции, можеби информациите доаѓаа капка по капка. Впечатокот е дека справувањето можеше да биде малку подобро од аспект на транспарентност", вели Брент во интервју за Радио Слободна Европа. Амбасадорот смета дека протестите се демократско право кое не треба да биде злоупотребено за политички цели.
„Секако, во демократско општество уставно е загарантирано правото за демонстрации, собири и изразување на мислење. Важно е да се овозможи одвивање на демонстрациите, за луѓето слободно да ја изразат својата воља и да имаат можност да покажат како се чувствуваат. Од демократски аспект тоа е најсуштински. Секако партиите имаат искушенија да ги искористат демонстрациите како доказ или потврдување на нивните позиции. Сметам дека овој случај, кој е многу трагичен и посебен, треба да се држи настрана од политички дискусии и да не се користи за политички кампањи или расправии".
|