Со Св. Наум ќе го оформам „светиот“ триаголник во Охрид
![](WBStorage/Articles/D8983E16D3B4954D8DDE0422490D9397.jpg)
Катерина Богоева
Скулпторот, академик Томе Серафимовски една недела пред поставувањето на веќе изработениот свој споменик „Свети Наум Чудотворец“ пред рибниот ресторан во Охрид, закажано за 3 јули, на празникот летен Св.Наум, посочува на уште една своја идеја. Тој би сакал од неговиот споменик „Свети Кирил и Методиј“ во центарот на градот до Билјанините Извори, во иднина да бидат поставени и споменици и на уште тројца од познатите седумчественици по кои е позната средновековната македонска литература и книжевност, на Гораст, Ангелариј и Саво. Споменикот на „Свети Наум Чудотворец“, заедно со постоечкиот споменик на „Св Климент“ и на „Светите браќа Кирил и Методиј“, идната недела ќе го оформат т.н. „свет триаголник“.
„Меѓутоа, сега јас не верувам дека ќе имам сила и време да ја реализирам мојата идеја за поставување на споменатите три споменици. А би сакал кон Билјанини Извори, на секој 150 до 200 метри, тие да се поставуваат изработени и во помали димензии, од два и пол, до три метри височина. Тогаш навистина ќе имаме едно средновековно созвездие кое ќе биде голема лична карта на нашето битие, на нашето суштествување, на нашата култура“.
Споменикот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ кој е висок 5 метри и е изработен во бронза, е од интерес на скулпторската ангажираност и работа на Томе Серафимовски повеќе од 45 години. Бидејќи како што потенцира тој самиот, „со духовноста и со преродбата почнал да работи некаде од пред 1970 година“.
„Овој „Св.Наум“ што ќе се открие како споменик во Охрид е последната моја варијанта како композиција, како идеја за него, иако таа многу добро кореспондира со првичната. Авторот колку и да сака, не може да побегне од неа. Таа секогаш ќе бдее, ќе виси во неговата потсвест. Меѓутоа, таа идеја сега е надградувана со движењето на драперијата, со композицијата околу нозете, во самото портретирање. Кога се прави толку голем споменик, станува збор за една цела студија, а конкурсот за него бараше и посебен напор, посебна грижа. Во портретот на „Св Наум“ , во движењата, мора да се внесе нешто духовно. Сите фрески, сите варијанти на икони што се направени на таа тема, на одреден начин претставуваат една духовна инспирација и интерпретација на авторите низ вековите“.
Пред 22 години, Томе Серафимовски беше автор и донатор, а бизнисменот Ристо Гуштеров на Охрид му ја донираше скулптурата „Св. Кирил и Методиј“. По 15 години, бизнисменот Зоран Зелениковски, кој живее во Виена и во Украина го финансираше споменикот од 6 метра на „Св Климент“. „Јас тогаш имав неколку решенија за „Свети Климент“, академик Цветан Грозданов заедно со одбрана екипа во моето ателје одбра едно кое го поставивме на плоштадот во градот. Тогаш и се роди идејата за поставување и на „Свети Наум“ и за обликување на духовниот триаголник кој ќе асоцира на македонскиот Ерусалим“.
Академик Серафимовски ги има веќе изложувано скулптурите од камена пластика на Гораст, Ангелариј и Саво, но во оваа прилика изјави дека не претендира во иднина и да ги работи.
„Прво јас веќе ја трошам својата 77 година од животот, но сум среќен што по мноштвото конкурси кои се случија во последниве три години во земјава, се покажа дека имаме многу добри скулптури, добри, талентирани вајари. Тие три скулптури би можеле без проблем да ги направат скулпторите: Жарко Башески и Сокол Цварк. Македонија не треба да стравува за својата скулпторска иднина, иако нема којзнае каква скулпторка традиција. Македонија не е Хрватска, Италија, но ние имаме многу талентирани млади скулптури на кои можеме да се потпреме и на кои може да им веруваме. Тоа е наш капитал кој во иднина апсолутно ќе дојде до израз“.
Запрашан дали во Охрид постои позитивна клима за реализирање на таа негова идеја, академикот рече: „Па луѓето ја создаваат климата. Сега при поставувањето на скулптурата на Александар Велики во Скопје слушав различни изјави од граѓаните. Некој критикува, некој брани, дели комплименти, некој се воодушевува, плаче. Секој има право на свое размислување. Споменикот има функција на информација. Освен што е еден историски настан, тој е историска информација“
За скулптурите, вели Томе Серафимовски треба да зборуваат скулпторите.
„Сега народот јавно зборува дали некој споменик чинел или не. Некои бараат и да се руши, а некои пак дека со поставувањето на споменикот на Александар Велики ќе се видело дека сме Македонци. Како да нас скулптурите ќе не направат Македонци. Не бевме ли Македонци додека немавме такви скулптури? Ние сме Македонци од век и веков.
Но, добро е што се гради. Ова сега е прекрасно време, време на градење како што стои и во книгата од проповедникот од Стариот завет. Па нека ги пуштат луѓето нека градат. Сега се слуша и дека само со една нога од поставената скулптура на еден од лавовите на мостот „Гоце Делчев“ ќе се решел проблемот со стечајците. Па како може да се реши тој сложен проблем со сума од толкаво количество бронза?
Македонија ќе ги реши таквите свои проблеми само ако Македонците работат, ако произведуваат, ако создаваат“. |