Мислења
Големиот пазар со органи
Сузана Лундин
Индонезиец, крвна група АБ, не користи наркотици и не консумира алкохол, сака да го продаде својот бубрег
Веб-страницата 88DB.com Philippines е активен онлајн портал што им овозможува на провајдерите на услуги и потрошувачите да се пронајдат и меѓусебно да комуницираат. Наовал, Индонезиец, „со крвна група АБ, не користи наркотици и не консумира алкохол“ сака да го продаде својот бубрег. Друг маж вели: „Јас сум Филипинец. Подготвен сум да го продадам бубрегот за мојата сопруга. Таа има рак на дојката и јас не можам да обезбедам средства за нејзините лекарства“. Потоа тука е Енрике, „подготвен сум да донирам бубрег за пари. 21 година стар и здрав“.
Други понуди од овој тип, само пред неколку години, можеа да се најдат на www.liver4you.org каде што се нудеа бубрези за 80.000-110.000 долари. Трошоците за операцијата, вклучувајќи ги и хонорарите за хирурзите – со лиценца за работа во САД, Велика Британија или Филипините – би биле вклучени во цената.
Сета оваа интернет-активност е само мал, но видлив дел од проблемот на новата и растечка глобална економија со човечки ткива. Всушност, Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека околу 10 отсто од трансплантациите на органите што се прават низ светот потекнуваат од чисто комерцијални трансакции.
Трговијата со органи следи јасна, географски поврзана шема: луѓе од богати земји купуваат органи, а луѓе од сиромашни ги продаваат. Во моето истражување на трговијата со органи, влегов во некои од овие мрачни пазари каде што делови од тела од сиромашни луѓе, жртви на војна и затвореници се производи, се купуваат или се продаваат за трансплантација кај богати болни луѓе.
Една жена, по потекло од Либан, ми кажа дека богат бизнисмен од Шпанија платил огромна сума пари за нејзиниот бубрег. Меѓутоа, на крај таа не добила никаква парична исплата. Денес, животот и' е многу полош од порано, бидејќи по операцијата дошло до компликации што и' го отежнале животот и сега не може да работи. Слични приказни се раскажани и од продавачите на органи со кои се сретнав од поранешните советски републики, Блискиот Исток и Азија.
Трговијата со органи зависи од неколку фактори. Еден е луѓе во беда. Тие се економски или социјално обесправени, или живеат во општества растргнати од војна, со распространет криминал и просперитетна црна берза. На страната на побарувачката се луѓе што се во опасност да умрат доколку не добијат трансплантација на орган. Дополнително, има посредници за органи кои ги подготвуваат договорите меѓу продавачите и купувачите.
Исто така е неопходно да се има пристап до добро опремени клиники и медицински персонал. Такви клиники може да се најдат во многу земји, вклучувајќи ги Иран, Пакистан, Украина, Јужна Африка и Филипините.
Всушност, Филипините се добро познати како центар за илегална трговија на органи и „невралгичн�� точка“ за трансплантација-туризам. Од 1990 до 2008 година (кога беше усвоена новата политика), бројот на трансплантации вклучувајќи и продажба на органи од страна на Филипинци за странски приматели постојано се зголемува. Многу продавачи на органи од Израел, на пример, заедно со нивните купувачи се донесуваат во Манила за да се изведе трансплантацијата.
Хектор е еден од неколкуте стотини случаи на продавачи на бубрези документирани од социјалните работници во три осиромашени града во провинцијата Куезон, на Филипините. Неговиот брат бил фатен во замка во Малезија со големи долгови кон криминални банди, па Хектор го продал бубрегот со цел да ја купи неговата слобода. Друг продавач, Мајкл, самиот стана посредник; откако продаде еден бубрег за да плати за лекарствата на татко му, хирургот го принудил да донесе уште органи. Органите на продавачите се трансплантирани кај приматели, главно, од Филипините, Израел, Јапонија, Јужна Кореја и Саудиска Арабија.
Трговијата со луѓе и нивните тела не е нов феномен, но денешните бизниси се историски уникатни, бидејќи тие бараат напредна биомедицина, како и идеи и вредности што ја зголемуваат трговијата со органи. Западната медицина стартува од ставот дека болестите кај луѓето и смртта се недостатоци против кои треба да се бори. Во рамките на оваа концептуална клима – сонот за регенеративно тело –технологијата за трансплантација се развива и бара биолошко одгледување на „резервни делови“.
Една од поочигледните манифестации на третирање на човечкото тело како ресурс што треба да биде искористен се болничките листи на чекање, што се користат во многу земји. Човекот што го интервјуирав неодамна за студијата во врска со Швеѓаните кои биле на листата на чекање, но кои одлучиле да купат бубрези во странство, ми го опиша неговото патување до Пакистан за трансплантација: „Не сум тип на човек кој ги искористува другите, но морав. Морав да изберам меѓу смртта и добивање назад на мојот живот!“
Во ера на се' поголема побарувачка на трансплантации не постои начин да се заобиколи оваа дилема. Биолошките императиви што ги водат приоритетните листи на чекање за трансплантација лесно се трансформираат во економски вредности. Како и секогаш онаму каде што побарувачката ја надминува понудата, луѓето може да се одлучат да не чекаат да дојде нивниот ред – а други земји и телата на други луѓе им ја даваат алтернативата што тие ја бараат.
(Авторот е професор по етнологија на Универзитетот Лунд во Шведска и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |