Прво ЦД
Модерни „Кларинетски фантазии“ на дуото „Пан“
Петар Колевски и Билјана Петровска како дуо „Пан“ во вторник, на 28 јуни во галеријата Даут-пашин амам ќе го промовираат своето прво ЦД наречено „Кларинетски фантазии“
Јасминка Павловска
Ако се тргне од размислувањето на британскиот писател и дипломат Лоренс Дарел дека „музиката ( класичната) е создадена да сведочи за човечката осаменост“, лесно можеме да дојдеме до заклучокот дека во Македонија нема осамени луѓе. Со сиот ризик „логичката равенка“ да наведува на погрешен резултат, ноторна вистина е дека во земјава многу мал е процентот на луѓето (осамени или во друштво), кои при самото споменување на класичната музика не добиваат кисел израз на лицето. Во таква состојба на „кисели ликови“ за класична музика ентузијазмот и амбицијата на флејстистот Петар Колевски и пијанистката Билјана Петровска да издадат ЦД со класична програма може да се доживее како „отпор на реалноста“. Всушност, работата веќе е готова- како и да бидат доживеани, Петар и Билјана како дуо „Пан“ во вторник, на 28. јуни во галеријата Даут пашин амам ќе го промовираат своето прво ЦД наречено „Кларинетски фантазии“.
- Ова ЦД со „Кларинетски фантазии“ е наш некомерцијален продукт на амбиција и желба да оставиме нешто трајно од нашата сепак минлива работа - велат искрено Билјана и Петар. Во другите уметности продуктот можеби е потраен, но нашите концерти и настапи се уметност на мигот. А за тој миг на минливо задоволство, вложен е голем труд. Во „Кларинетски фантазии“ снимивме четири класични композиции од Паганини, Мајстер и Верди, како и една бонус- трака во џез манир, „Рапсодија во сино“ од Гершвин. Свириме адаптации за кларинет и пијано. Ова ЦД нема да биде во продажба, туку е повеќе промотивно во издание на Дирекцијата за култура и уметност ( ќе го делиме на промоцијата) и е сведоштво за нашиот труд. Имаше многу работа околу организацијата и продукцијата, но сега нема поголемо задоволство од тоа кога си го слушаме цедето - со нестивнат ентузијазам раскажуваат Петар и Билјана.
Петар и Билјана како дуо „Пан“ настапуваат од 2005 година. И двајцата се професори во Средното музичко училиште, а учествуваат и во други музички проекти. Името „Пан“ го одредиле за своето дуо, според митолошкиот лик кој свири на фрула. Пред 2005 настапувале заедно по потреба, во зависност од некоја покана или пригода. Но откако зачестиле поканите за настапи, Петар и Билјана решиле да создадат еден сериозен и постојан дует.
- Без проби и живи настапи ништо не функционира. Двајцата сме перфекционисти и кога ќе се зафативе за нешто сакаме да го истераме до крај, без импровизации. Во некои случаи не е важно дали тоа се исплатува, или не. Како дуо „Пан“ настапуваме и концертно, но свириме и програма за некои пригодни свечености. Размислуваме слично и за создавањето на ова ЦД, можеби вложивме ��овеќе труд и време, но не сакавме да правиме компромиси со квалитетот. Работевме со добри продуценти во студиото на МРТВ, кое Французите одлично го опремија. Го умноживме во „Сони“, што веруваме дека придонесе за кристална јасност на звукот. Затоа нема поголем мерак кога си го слушаме цедето. А веруваме дека нашиот труд и влог ќе биде препознаен од почитувачите на оваа музика, колкав и да е бројот - уверени се Билјана Петровска и Петар Колевски, алијас дуо „Пан“. |