Михајловиќ ги посакува Пандев и Станковиќ во Фиорентина
![](WBStorage/Articles/D6F57AB7DB64104486CBAEC0F2268A53.jpg)
Тренерот на тимот од Фиренца заинтересиран за двајцата фудбалери на Интер
Миодраг Мицковиќ
Според белградски извори, тренерот на Фиорентина, Синиша Михајловиќ, ќе ги побара на позајмица за една сезона играчите на Интер, Горан Пандев и Дејан Станковиќ. За време на последниот кус престој во Белград, тој во разговор со белградските новинари изразил желба во редовите на екипата од Фиренца да ги види репрезентативците на Македонија и на Србија, за кои смета дека би биле ударен тандем во Фиорентина.
Тоа е досега само желба на тренерот на италијанскиот прволигаш, поранешен репрезентативец на Југославија и играч на Црвена звезда, кој имаше и успешна фудбалска кариера во Италија. Не е познато дали претседателот на Интер, Масимо Морати, ќе даде дозвола за ваков трансфер во пакет. Освен тоа, последниот збор сигурно ќе го има и новиот тренер на Интер, бидејќи речиси извесно е дека досегашниот бразилски стручњак Леонардо ќе си замине откако не се прослави многу на клупата на „нераѕурите“.
Пандев и Станковиќ имаат договори со Интер. Станковиќ е веќе долги години член на клубот од Милано и во повеќе наврати има изразено желба да ја заврши успешната кариера токму таму. Пандев пак, според неговите последни изјави, не сака да си замине од миланскиот клуб, без оглед што има повеќе понуди, посебно од клубовите од Русија и од Украина, како и од Баерн Минхен.
За Пандев интересирање пројави и Џенова, која веќе разговараше со Интер за негов ангажман, но засега нема потврда дали клубот ќе го пушти. Претседателот Морати не сака така лесно да се откаже од услугите на „џокерот“ во тимот, секогаш тука да помогне кога е најтешко и да постигне решавачки гол, како против Баерн Минхен во Лигата на шампионите во минатата сезона. Многу нешта ќе зависат и од преодниот рок во Италија, односно од новите засилувања во Интер, бидејќи се споменуваат повеќе звучни имиња, пред се', на Бразилецот Кака. |