Против семејно насилство
„Авон“ во соработка со Шелтер-центарот
![](WBStorage/Articles/B0A55CCE9ADDB34EAE9141CE586E09AC.jpg)
„Авон Македонија“ и Македонскиот центар за женски права, или попознат како Шелтер-центар, потпишаа меморандум за соработка превенција и поддршка за жените - жртви од семејно насилство
Оваа 2011 година за козметичката компанија со директна продажба „Авон“ е посветена на борбата против семејното насилство врз жените преку кампањата „Проговори против семејното насилство“
„Авон - Македонија“ и Македонскиот центар за женски права, или попознат како Шелтер-центар, потпишаа меморандум за соработка за превенција и поддршка за жените - жртви од семејно насилство.
Првата активност што произлегува од оваа соработка е отворање на центар за згрижување и заштита на жените - жртви, како и нивно советување во рамките на центарот. Се работи за изнајмување простор во времетраење од една година, во кој ќе бидат згрижени дваесетина македонски жени и деца, без оглед на нивната национална, расна, религиозна или сексуална ориентација.
Основното згрижување вклучува сместување, храна, хигиена, лекови и други индивидуални потреби, консултации за жени и деца, психолошка помош и поддршка, медицинска помош, интервенција и медијација меѓу жените и институциите итн.
„Иницијативата за отворање простор со ваква намена е исклучително важна, имајќи го предвид и онака слабиот капацитет што се нуди за заштита на жртвите од семејно насилство.
Затоа, оваа донација ќе овозможи побрз и поефикасен одговор кон потребите на жртвите на семејно насилство, кои во оној ранлив момент на напуштање на својот дом, бегајќи од насилството, се соочуваат со безизлезна ситуација во која треба ургентно да се реагира и да се даде помош“, рече Даниела Дабеска, претседателката на Македонскиот центар за женски права.
Центарот за згрижување ќе биде финансиран од страна на „Авон Македонија“ во форма на донација за невладината организација Македонски центар за женски права – средства што се остварени од годишните приходи од продажба на производите наменети за борба против семејното насилство. |