ТВ-фотелја
Пари или живот
Роберт Д. Крстевски
Производителот на очила за сонце „Оукли“ добил бесплатна реклама еквивалентна на 41 милион долари за време на 22-часовната операција за спасување на 33 рудари од Чиле, која преку директен телевизиски пренос ја следеа милиони луѓе во светот. Влогот на „Оукли“, според „Фронт роу аналитикс“, беше 35 очила со поединечна вредност од 450 долари, значи вкупно 15.750 зелени банкноти. Специјално дизајнираните очила за заштита на видот на рударите од надворешната светлина по 69 дена поминати на длабочина од 624 метри, станаа најпопуларен производ на планетата во последните три ��ена од спасувачката драма. За тоа се погрижија глобалните телевизиски мрежи и Интернет, кои катадневно известуваа за случувањата во кампот „Надеж“ во пустината Атакама, правејќи од Чиле глобален бренд.
А, да - со помош на капсулите, конструирани исклучиво за оваа цел, од утробата на Земјата еден по еден беа извлечени живи и прилично здрави сите 33 рудари што беа заробени во тесна просторија по уривањето на дел од рудникот за бакар и злато во Сан Хозе на 5 август. На површината нив ги пречекаа најблиските, а лично ги поздрави чилеанскиот претседател Себастијан Пињера.
Иако за вака напишаната проширена информација гарантирано се паѓа на испит по теорија и практика на новинарството, бидејќи најважното е кажано на крајот место на почетокот, замената на местата на двата пасуса не е случајна. Тоа што отпрвин ги имаше сите контури на човечка драма, постепено се претвори во полигон за промоција на државни, личнополитички и глобалноекономски интереси. Тие што требаше да бидат херои на денот, рударите, не добија ни минутка за да се освестат од речиси две и полмесечната голгота и да му се израдуваат на продолжувањето на животот. Место тоа, веднаш мораа да ги испочитуваат претседателот, државното знаме и химна, армијата новинари, секако и најблиските, за на крајот од сиот спектакл најголем аир да види „Оукли“, благодарение на камерите?!
Не знаеш веќе дали настаните ја креираат телевизиската програма или е обратно. Дилемата прв ја наметна Си-Ен-Ен кога вршеше директен пренос од истоварувањето на американските трупи во Сомалија пред 17 години. Чиниш, инвазијата почна за телевизијата на Тарнер да си направи невидена реклама, а не заради воведување ред во земјата зафатена од крвави внатрешни нереди.
Од се' да се гледало да се извлече некаква корист. Колку поемотивна сторија - толку повеќе пари во нечиј џеб. Класичната реплика за гангстерските филмови „пари или живот“ одамна никој не ја употребува, бидејќи во ова шугаво (не)време на невидена комерцијализација буквално на се', животот, дефинитивно, ја губи битката со парите. Не вреди ни пет пари.
|