Број 3413  петок, 22 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Магазин
Вести








Site Meter

Билјана Беличанец-Алексиќ

Ние сме големи мали деца

Билјана Беличанец-Алексиќ, која моментно ја гледаме во ТВ-серијата „Од денес за утре“, во ова интервју раскажува за последниот ангажман, вештачката поделба на сериозни и на несериозни актери, комуникација со новите генерации актери и за сопствениот немир

Валентина Тодоровска

Секоја недела Ве гледаме во ТВ-серијата „Од денес за утре“. Цеце е можеби нетипичен лик за македонската жена, ама размислува во чекор со времето и со амбициите. Сето тоа за да се смени финансиската ситуација во семејството, да живее поспокојно. Раскажете се' - од впечатоците до креацијата, дали влијаевте на сценариото на Вашиот лик и можете ли отстрана да ја видите целата серија?

- Колку и да звучи нескромно, јас јавно ќе признаам дека сум пресреќна и горда што сум дел од екипата од серијата „Од денес за утре“. Прво, затоа што по толку години и кај нас се случи производ од ваков вид, второ, затоа што зад серијата стои „Идеја плус-маркетинг агенција“, која откако почна да дејствува на ова поднебје, постави нови и повисоки критериуми во однос на адвертајзингот, како и едно ниво на визуелна естетика и сето тоа благодарение на господинот Иво Лауренчиќ. Да се работи во условите каде што актерот е третиран како актер - е ретка појава кај нас. Буквално од почеток до крај, од првиот до последниот човек во екипата, сите даваа приоритет, пред се', и над се', на актерите. Па, кој не би сакал да е дел од таквата атмосфера?! Секако сето ова бараше и еден крајно одговорен и професионален однос и од моја страна, при градењето на ликот Цветанка - мајка, сопруга, ќерка, професорка. Жена (нормално во согласност со режисерот, а и партнерот Сенко) полна со енергија, дефинитивно, верна на сопругот што многу го сака, доследна на своите принципи, со извесна строгост кон децата, но и разбирање, и сирота, осудена да балансира меѓу мажот и мајка и'. Ова не се малку карактеристики и, секако, се обидував да внесам од се' по нешто, за Цеце да биде колку што е можно подефинирана, комплетна, реална. Сакавме да изгледа речиси секогаш спастрена, со некој свој стил, па дури и дома, впрочем, како и секоја современа жена што придонесува, па дури и кај нас. И сето тоа поткрепено со извесна доза хумор за да биде поинтересно. Можеби по резултатот од првиот серијал на реализацијата на ликот натаму евентуално би влијаела кај авторот за да се задржи духот на Цветанка.



Колку на гледачите им недостасуваат ТВ-сериите од домашно производство? Како луѓето реагираат кога ќе Ве видат, Ве поистоветуваат ли со ликот?

- Филмската продукција, како и телевизиската, дефинитивно, се од голема важност за една нација, народ, држава. Преку нив, пред се', се афирмира самата држава, а воедно остануваат трајни бележја на генерации актери и дејци од повеќе профили. Тоа е вид документација на времето во кое ние живееме и дејствуваме. Сепак, театарот е уметност на моментот - кој видел видел, кој не... пропуштил. На крај останува само по некоја бледа фотографија за да им се пофалиме на внучињата кога баба им била млада како глумела... Само да знаете со колкава радост раскажуваат постарите колеги за златните времиња кога се снимало, тие буквално од проба, претстава трчале на сет, во студио. А има ли поголемо задоволство за актер од тоа да е ангажиран?! Само така тој постои - жив е. А со тоа се креваат и рејтингот и статусот на самата професија во општеството. Секако, импонира кога ќе те препознаат на улица, продавница, ресторан. Веќе по втората епизода, ми приоѓаа и ми се обраќаа со Цеце. Тоа што на извесен начин луѓето ти се доближуваат е потврда дека оваа серија, дефинитивно, е гледана. Се' има своја причина, се' има своја последица и цел. Па, така и нашата голема - мала мисија – ТВ-серијата „Од денес за утре". Ќе стаса онаму за каде што е наменета. Во македонските домови, па макар и 50% да се верни гледачи. А со оглед на амбициите и упорноста на главниот „виновник" за сево ова, господин Лауренчиќ, можеби за прв пат по осамостојувањето, ќе се прозбори на македонски јазик и во етерот по ТВ-каналите во соседството. За тоа како е прифатена, според рејтингот на гледаноста, е повеќе од очекуваното. А дали им се допаѓа или не? Сепак, за вкусовите е деликатно да се дискутира. Знам само едно - дека со голем жар, ентузијазам, искрен и професионален однос сите работевме во овој проект. И добронамерните ќе го препознаат тоа, а за другите, и самиот Томче во почетокот, во првата епизода рече: „Има други канали, други, можеби поинтересни фамилии. А ова е приказна за нашата фамилија. И знам дека нашиот народ беше желен да види нешто наше, со наши актери, нешто во кое може за момент од другата страна да се види и да се препознае.



Постои ли кај актерите поделба на сериозни и на несериозни, на оние што прифаќаат улоги во серии, филмови или се предодредени само за театарските? Или се потценува она за што не се добива шанса?

- Меѓу нас самите, ние не се делиме. Сепак, не сме толку многу за конкуренцијата да не' јаде. Ние сме една ретка фела што се' уште се држи како една голема фамилија. Или јас преферирам така да гледам на нештата...Можеби индивидуално некој за момент ќе се почувствува резигнирано, но со наредната улога, веќе се' се заборава. Секому во еден момент му се насмевнува среќата, некому порано, некому подоцна. Важно е да се препознае тој момент и да се зграби и да се дејствува. И можеби некој ако гледа со потсмев, потценување на ова што го сработивме ние, верувајте, ако им беше и ним понудено, веднаш ќе прифатеа.



Колку улогите што ги добивате личат една на друга? Во смисла на Вашиот печат, белег...? Улогите во „Демонот од Дебар Маало“, „Кинегода во Карлаленд“, „Кандид во земјата...“ изгледаат прилично инспиративно?

- Драго ми е ако навистина се инспиративни. Секако, се трудам колку е можно да се поразлични една од друга. Тие се различни личности ставени во различни контексти и ситуации, од различно време, простор. И ако некој поглед, насмевка или збор, потсетува на некоја претходна, би сакала тоа да се толкува како мој белег-печат.



Во однос на професијата може ли и дали се чувствува ист ентузијазам и со 20, 30, 40 години...

- Како и во животот што има угоре-удолу, налево-надесно, така некако е и во работниот век - претпоставувам. Но, за еден актер е најважно да не дозволи никогаш да не умре детето во него. Колку попалаво, љубопитно, храбро, наивно, невино, често го зачуваме и го негуваме детето во нас самите, толку е подолг векот за актерот.



Точно ли е дека актерите се нежни, кревки души ? Не суетност, туку слабост и зависност од аплаузи, комплименти...

- Сите души се кревки и нежни. Сите се подложни на повреди, навреди. Тоа е дел од процесот во самата природа на секое битие. И се' зависи колку одбранбениот механизам е силен при напад. Но, со оглед на тоа, не знам колку пати ни се случува да си ја отвораме душата и да ја соголуваме пред голем аудиториум и повторно како пердув на ветер, па однесен со виорот. Чудно нели? Кревки како лушпа од јајце, а истовремено силни како дреново дрво. И на крајот на краиштата, кому не му годи фалба, убав збор, награда (аплауз). Посебно тоа им значи на децата. А што сме ние ако не мали - големи деца.



Кога не им верувате на ласкавците? Како ги препознавате лажговците?

- Сакам кога луѓето што ми зборуваат да ме гледаат в очи, а оние што лажат, обично, сами се издаваат гледајќи настрана, некаде таму горе... А и оние другите се проѕирни како паус-хартија, па лесно е да ги сетиш. А како инаку би се мереле до каде сме стасани ако не постојат и такви. Но, за сите има надеж...



Родена сте под среќна ѕвезда - од самиот старт прифатена од публиката, а и денес се памети Туфи во „Здраво генијалци“.

- § благодарам на среќната ѕвезда што во еден момент се појави како еден зрак и ми го осветли патот по кој треба да тргнам. Одвреме-навреме по некое облаче ќе ја засенеше, но таа, фала му на Бога, не се предаде толку лесно и не згасна. Свети упорно, а јас се обидувам колку што можам да ја следам во чекор, да не ја изневерам. Туфи од „Здраво генијалци“ е лик што се' уште живее во сеќавањето на многумина, сега веќе момци и девојки. Јас тогаш можеби и не бев свесна дека дечињата растеле со тие ликови исто како и јас со Трајче дрварчето или со ликовите од „Луди години“, „Бушава азбука“. Драго ми е што се' уште се сеќаваат на тој лик. Да, тоа беше убав период кога стотици детски очи низ цела Македонија искрено се радуваа кога ќе ги посетевме, па уште ако се сликаа со нас и добиеја автограм ... Секако дека сето ова исполнува. Или, пак, кога ќе ти пријдат и ќе ти кажат дека претходната вечер те гледале во некоја од претставите и си ги насмеал до солзи, или колку се воодушевени од енергијата, пеењето во „Последните Македонци“ и како вистината до срце ги заболела... Дефинитивно, исполнува - дава сила, но е и долг за во иднина да не потфрлиш - изневериш.



Ја задржувате ли насмевката гледајќи некои нови клинци во работата? Што мислите за новите генерации?

- Им завидувам! И им се радувам. Тоа е можеби најубавиот период. Сакаат се' да кажат - да покажат што знаат и умеат. Како наплив се. А морам да признам дека се многу похрабри, свои, што ми се допаѓа. Но, имаат и поголем касмет од нас и од нашите генерации. Овие сегашните наидуваат на широко отворени врати од институциите и имаат големи шанси, кои повеќето вешто ги користат. И се рамноправни колеги по секоја основа. Како и да е - ги сакам, им се радувам. Кога сакаат, со задоволство им помагам.



Колку сте носталгични по доброто старо време, а со самото тоа отворени за нови пријателства?

- Носталгична сум и многу често во мојот интимен затворен свет знам да живеам во спомени��е и со нив. Таму е топло, убаво, заштитено. Ама сум отворена и за нови пријателства, но сега сето тоа оди по некој друг повоздржан, порезервиран пат. Па, ако се испостави дека вреди, тогаш заслужува и внимание. И вратата ја отворам. Од секој може да се научи нешто.



Како се справувате со секојдневјето, останува ли време за Вас, сега откако сте мајка? Или тоа го сметате за себично?

- Не, не мислам дека е себично ако се избориш за свое време. Напротив, тоа е неопходно за да го зачуваш сопствениот идентитет. И дечињата мои, иако се деца, сепак, се борат да изградат свој идентитет. И иако семејното секојдневје 90 отсто ни се одвива во дневната соба, сите на купче, за момент ќе забележиш како, макар на пет минути, некој си влегол во својата соба - во својот мал свет.



Вашата тајна во справувањето со стресот? Имате ли некои ритуали на чистење, одите ли на јога...?

- Стресот, па тоа е како добро утро на секој актер. Самото кревање на завесата е трн во здрава нога. Во тоа е возбудата, можеби, кога адреналинот е покачен, а срцето го чувствуваш и в грло. Не ги избегнувам, ако се сретнам со некој од нив (а ги среќаваме во истиот момент кога го напуштаме гнездото), се трудам колку можам повешто да се справам, нормално со што помалку последици. Но, само да знаете колку материјал лежи во нив за некоја наредна улога... Јас сум си сама на себе еден голем експеримент и улогата на заморче во експериментот, пак сум јас. Затоа свесно ги избегнувам сите древни, а и алтернативни вештини што водат до духовен мир. Барем засега. Иако им верувам. Верувам дека се' е во енергијата, онаа иста што е многу битна алатка во мојот занает, можеби покрај вербата, најбитна. Тешко е да управуваш со кормило по бранови, но е возбудливо. А замислете колку е напорно по мирни води. Кога ќе се закачи мил, може и да удри реа.



Што мислите за Вашиот најголем непријател?

- Јас сум си можеби најголем и верен пријател сама на себе, но во исто време и најголем непријател. Знам сама да се прелажам, па знам потоа и да се казнам. Знам и да си набијам неко лудо темпо на метрономот, темпо што на другите не им е својствено, па се чудам што им е? Зошто затајуваат? Па, за момент ќе подзастанам и порано или подоцна ќе сфатам дека тие не се кабает, туку јас. Да, знам да згрешам, но знам и да се извинам и да побарам прошка.


#
Статијата е прочитана 1311 пати.

Испрати коментар

Од: Mimoza Vujosevic
Датум: 23.10.2010 22:57:34
So osobeno za dovolstvo go procitav intervjuto, zatoa sto Biljana za mene e edna od najdobrite akterki na nasata teatarska scena.Ja pocituvam i posebno me voodusevuva ona "nejzinoto" sto go dava vo likovite koi gi igra, a po sto e prepoznatliva.Uste ednas BRAVO za Biljana.

Најди! во Утрински
Насловна
На втор кат не може со високи штикли!
Тиквешански
Нина Нинеска-Фиданоска главен и одговорен уредник на „Утрински“
Не болело!
Брисел бара да си ги прибереме азилантите
Новинарството по стапките на државата
Македонско-бугарски историски контроверзии (12)
Дрогирана за време на ТВ-интервју
Рударите од Чиле на одмор во БиХ
Турски синдром
Професор или министер - почна трката за гувернер
Два милиона на градите на Адријана Лима
Како сообраќајот да биде побезбеден
Ништо без прачка
Дискусија без перкусија
Санадер повторно меѓу Хрватите
Лига Европа стигна до средината
Падобранци
Во селото на Благуња пожаранката
Престрелка кај Свети Наум
Вечни теми во ново руво
Кирија од 860.000 евра за спортска сала!
Од хармоникаш до рапер
Охридско Eзеро во орбитата на Сатурн
Работата цути, љубовта венее
Стил
Пари или живот
Неделен хороскоп






EU to move ahead on Serbia accession, add tough conditions
Bulgaria's landmark anti-mafia case unravels
Hungary waters down procurement rules for EU presidency