Музика
Вечни теми во ново руво
Голем е трендот на создавање таканаречени кавер-верзии во светот, во нашето соседство и кај нас
Александар Митевски
Вистински тренд во светот е тоа што познатите рокенрол икони од музичката индустрија се' почесто се одлучуваат на чекорот да прават кавер-верзии на некогашни хитови или, пак, комплетни албуми со наменски компилации од кавер-сонгови и тоа е нешто што за нив претставува вистински престиж и желба што ја имале од поодамна. Без разлика дали се работи за музички ветерани што прибегнуваат кон издавање кавер-албуми или, пак, на актуелни поп-ѕвезди, за сите нив тоа е одличн�� формула, која неретко дава плод поради значајноста и популарноста на песните што ги одбрале за обработка. Често можеме да слушнеме и за таканаречено сквернавење на одредени композиции со тоа што ќе им се промени личниот опис, па така кавер-верзијата нема никаква допирна точка со оригиналот, но има случаи во историјата кога одредени кавер-верзии се подобро направени и поминаа многу подобро од нивните оригинали. Во основа, кавер-верзија е ново музичко гледање на одредена претходно снимена и популарна нумера во која доминира стилот на изведувачот и е негова концепсиска слика за тоа како ја доживува таа нумера во свој аранжман. Злобниците велат дека застојот во кариерите и безидејноста на одредени ѕвезди ги тера кон таков проверен чекор или, пак, од друга страна, трендот на рок ветераните да остават такви кавер-албуми зад себе во екот на нивното престојно напуштање на сцената.
Така, деновиве во медиумските информации можеме да слушнеме дека се случува вистинска експанзија на подготовки за нови кавер-албуми, а најсвеж е оној на легендарниот рокер Хју Луис со неговиот бенд „Д Њуз“. Тие подготвуваат прв албум по десетгодишна пауза во кариерата и тоа ќе биде албум на преработки од познатите класици на „Стикс“ и ќе се издаде во ноември под името „Soulsville“. Хју признава дека ова е преголема обврска за нив која ги прави нервозни со самото фаќање во костец со популарните оригинали и тој се сложува дека оригиналните изведби се толку добри што неможат да се повторат. Тука е и незаменливиот рок ветеран Ерик Клептон кој е актуелен со новиот материјал на кавери наречен едноставно Клептон.
Сличен е и случајот со „Praise и Blame“, новиот проект на ветеранот Том Џонс кој е уште еден од низата на нови, рустикални албуми под палката на Рик Рубин (човекот кој подготви таков тип на албуми за Џони Кеш, Нил Дајмонд, Џек Вајт Лорет Лин) и Итан Џоунс од Кингс оф Лион. Велшкиот тигар јавноста добро го запозна преку неговата маратонски успешна кариера и огромните хитови како Delilah и What's New, Pussycat и поновата фаза во 90-тите кога имаше огромни успеси и популарни дуети. Сер Том Џонс сега веќе има 70 години и според неговите блиски тој веќе почнал да мисли да работи музика која е блиска на неговите години и која ќе биде издржана и посериозна. На овој концептуален госпел кавер албум тој избрал според неговиот вкус неколку спиритуални и блуз оригинали (од Боб Дилан па се до Џон Ли Хукер), ги осенчил со кантри призвук и го составил својот нов мозаик со личен печат.
Зовриваат и материјалите кои излегоа од соул кујните на двајцата големи ветерани на светскиот рокенрол, Фил Колинс и Род Стјуарт. Тие повторно го популаризираат таканаречениот црнечки Мотаун соул и тие тоа го прават веќе со години, додавајќи по малку како зачин од своите нови гледања на старите композиции. Род Стјуарт најпрво излезе со својот популарен таканаречен Soulbook и големата едиција на Американски Сонгбук-ови од кои деновиве го промовира и петтото издание. Фил Колинс е актуелен со албумот на кавери Going Back и обајцата на публиката и нудат нови гледишта на познатите соул хитови создадени од легендарните Стиви Вондер, Гејмбл енд Хаф, Смоки Робинсон, Керол Кинг и многу други. И како и мнгоумина кои прават кавери од нивните омилени хитови така и Род Стјуарт напишал дека е ова албум чие снимање го чекал целиот живот, односно Колинс вели дека бил буквално изгорен по оваа колекција.
Моментално хит во светот по каверите на познатите поп хитови е берлинскиот рокенрол состав Бејзболс кој се основаше во 2007. Радио станици се преплавени од нивните кавер верзии на големите хитови како Umbrella на Ријана и Hot n Cold на Кејти Пери во стари рокенрол, свинг и би-бап аранжмани кои се снимени како продукциски да датираат од некое друго време. На публиката им е интересен нивниот а-ла Елвис призвук и тоа што во своите аранжмани и со пресвирувањето во рокенрол верзии им дале нова душа на популарните и трендовски песни, што во основа е нешто ново и свежо.
Доколку прочепкаме во музичката историја и направиме некоја статистика, ќе забележиме дека најпреработувана песна или песната која има највеќе кавер верзии во светот е Битлсовата Yesterday која го држи Гинисовиот рекорд според која има преку 1600 различни кавер верзии до денеска. Помеѓу славните имиња кои се инспирирале од оваа тема и решиле да создадат свое музичко гледиште се и Мамас и Папас, Сикерс, Дони Хетавеј, Мајкл Болтон, Боб Дилан, Френк Синатра, Елвис Присли, Реј Чарлс, Марвин Геј, Вет Вет Вет, Пласидо Доминго, Бојз Ту Мен и многу други. Овој неисцрпен буна�� на инспирација повторно беше актуелен и во 2006 кога на Греми наградите авторот МекКартни ја отсвири оваа песна како меш-ап со верзијата на нумерата Numb/Encore во изведба на Линкин Парк и Џеј Зи. Се разбира голем е престижот да се биде автор на една толку обработувана композиција која носи милионски суми од авторски права и токму затоа е вечната битка на МекКартни со неговиот компањон Ленон за авторските права. Имено, оваа нумера е комплетно дело на Пол но како респект кон него и здруженото компонирање и текстопишување во кредитите на песната стои името Ленон/Макартни. По смртта на Џон, Пол бараше неколку пати да биде променет редоследот на автори и тој да биде првиот назначен, но вдовицата Јоко Оно го одби тоа барање.
Меѓу најдобрите кавер верзии на нумери на сите времиња е All Along the Watchtower од гитарскиот генијалец Џими Хендрикс која е кавер на Боб Дилановата. Најпрвин излегла акустичната верзија на Боб во 1967, а веќе следната година Џими влегол во студио за да даде свое гледиште на оваа одлична нумера. Џими ја создаде оваа вонвременска верзија која почива на неговите генијални гитарски делници и вокали и потоа не беше воопшто чудно што големиот Дилан ја свиреше често токму Хендриксовата верзија на оваа песна. Токму затоа во музичката индустрија преовладуваше мислењето дека во моментот кога Хендрикс ќе се реши да прави кавер-верзија, таа сигурно ќе биде подобра од оригиналот. Во историјата знаеме и за одличната кавер верзија на Арета Френклин на хитот на Отис Рединг, Respect, кој стана заштитен знак за црномурестата вокална дива. По декада на џез снимки Арета во 1967 сними кралска верзија на Отисовата песна, која стана заштитен знак на кралицата на соулот во која донесе најдобра вокална интерпретација и стана химна на жените од светот.
И фамозните Битлс-и ја оживеаја Twist and Shout преку нивната кавер верзија на хитот на не толку познатите Топ Ноутс. Таа била последната нумера снимена од сесиите на Please Please Me и главен бил моментот кога легендарниот продуцент Џорџ Мартин ја оставил оваа песна за крај на снимањето. Џон бил навистина болен и засипнат и исклучителна се покажала единствената прва и последна снимка на оваа песна која ја направиле пред Џон тотално да го изгуби гласот и се покажала како вистински мега-хит во кариерата на славните бубачки.
Меѓу познатите обработки е и онаа на зарипнатиот Џо Кокер кој ја насними With a Little Help from My Friends од Битлси во своја верзија. Токму експлозивноста на гласот на Џо и неговата несекојдневна изведба и движења кои ретко кога можат да се видат во неговите настапи.Меѓу поновите кавер верзии беше и онаа на Џони Кешовата Hurt (обработка на помалку познатата оригинална верзија на Најн Инч Нејлс) која се покажа како вечна негова тема, создадена непосредно пред неговата смрт. Во последните моменти од својот живот Џони беше под водството на продуцентот Рик Рубин кој му подготви грст на кавери за кои јавноста навистина се изненади. Меѓу нив е и интимната балада Hurt, музичка исповед на стара душа која не е повеќе за овој свет. Оваа кавер-верзија, според многумина, е личната музичка останините на човекот во црно и неговата нескојдневна изведба и сугестивноста (тресењето на рацете и треперењето на гласните жици) ја прават една од најдобрите кавер верзии која е многу подобра од оригиналот.
Има многу примери на добри кавер верзии во светот на музиката, но има и такви музички лоши изненадувања од кои вистинските автори сигурно се срамат од новите дела. Слушателите и гледачите меѓу најлошите кавер верзии ја избраа и I Love Rock 'N' Roll' на поп принцезата Бритни Спирс, како и онаа лоша епизода и авантура на вокалната дива Селин Дион, која зеде преголем залак и несоодветна песна - You Shook Me All Night Long од рокерите Ејси Диси. Јавноста не беше посебно воодушевена и од америнската вечна тема American Pie која осамна во кавер верзија на познатата поп кралица Мадона.
На Балканот, песните што добива најмногу кавер-верзии и преработки на други јазици се секако оние на легендарениот автор Горан Бреговиќ, кои ги создаваше за „Бијело дугме“ и неговата далеку популарна филмска музика. Во 1997-та Бреговиќ работеше најпрво со турската ѕвезда Сезен Аксу и направи турска кавер верзија на неговите најголеми хитови. По овој одличен комерцијален концепт тој почна наголемо да изнаоѓа начини низ Европа да ја популаризира својата музика и да работи нови и нови кавери на неговите песни и текстови на повеќе јазици а следна беше соработката со полската ѕвезда Kayah која продаде преку 650.000 копии. Кавери на неговите песни и одредени делници се иск��ристени во саундтракот за филмскиот хит од 2006 Борат.
Кај нас постојано има обиди и се враќа модата на одредени песни од македонската забавна музика и оставнината, а истото се случува и со одредени обиди во народната музика. Единствено поголемо навраќање кон старите теми и нивни денешни кавер верзии се направи со проектот Кирилицо испеана (во кој се обработуваа македонските забавни шлагери и наиде на различни реакции во јавноста) и Македонија засекогаш (кој претставуваа кавер-верзии во нови аранжмански решенија на старите изворни бисери).
Зоран Џорлев
Ако ја анализираме музиката во светот, ќе забележиме дека во опусот на голем дел од познатите музичари значајно место заземаат обработките на познати теми, кои, пак, датираат многу години пред нивното изведување во поинаква верзија. Ист е случајот и со шлагерите од богатата македонска ризница, кои со својата певливост и раскошни аранжмани, едноставно повикуваат да бидат повторно изведени во стил на современието. Македонската песна заслужува да биде слушана, заслужува да и' се посвети внимание. Голем удел во нејзиното враќање од маргините имаат токму обработките на стари теми, стари мелодии, кои во новите изведби се блиски до слушателите од сите возрасти, а посебно до младата популација. Ова посебно е важно за народната песна, за нашите народни бисери што се убави сами по себе и се отворени за нивна изведба во најразлични стилови. Поаѓајќи токму од тоа, во тек се подготовките за проект со моја изведба на македонски народни песни. Дека е убаво и интересно да се слушнат познатите рефрени во ново руво, потврдуваат и успесите на проектите „Кирилицо испеана“ и „Македонија засекогаш“, со кои постарите генерации се потсетија, а на помладите им ја покажаа убавината на македонската песна.
Гарабет Тавитјан
Мислам дека основна идеја на преработка е да се приближи музиката до новата генерација и да се презентира во звук и продукција што на нив ќе им биде поблиска поради прогресот во музиката и технологијата и оттаму можеме да се трудиме во тие преработки да ги задржиме основниот фундамент на мелодија и ритмика и да не ја заобиколиме тежината и содржината, а, сепак, да ја доловиме на еден поинаков нов начин со нов аранжман, значи самиот збор преработка значи преработка и не треба да се очекува да биде оригинал ...секако дека преработките се најкритикувани и оставаат простор за анализа, но затоа мислам дека ако се работи темелно и мајсторски, може да се извади нова енергија од една стара композиција што лично сметам дека е фина идеја доколку земеме предвид дека постојат артисти што се поблиски до одредена сегментирана публика отколку и самите оригинали и така вешто ако ги искористиме тие артисти, ќе придонесеме за ширење на една легендарна нумера и на нови генерации
Арбен Шаќири-Бени
Нашата идеја да направиме албум со кавери на големите македонски рок-хитови е тотално бескомпромисна и непресметана, што во превод значи се оди на обработка исклучиво од респект кон оние што имале храброст да се занимаваат со рокенрол во време кога тоа било апсолутно контрапродуктивно и непрофитабилно, но со огромна љубов и верба во каузата наречена рокенрол!. Првата моја обработка на мак-хит датира од 1996 година со „Високи штикли“ во време кога никој немаше поим како би изгледало кај нас да се направи кавер-верзија (што подоцна се покажа како исклучително интересно и тренди кај нас)! Воопшто не е лесно да седнеш и да направиш обработка (затоа што не можеш точно да претпоставиш во што се впушташ и дали ќе ти успее), но она што е потребно во целата изработка е да веруваш, да сакаш и да имаш визија како точно сакаш да ти изгледа и звучи целата приказна. Се' друго е работа на техничко подготвување каде што имаш доволно простор за експериментирање со цел да дадеш свој печат врз истата нумера што сама по себе је одлична, но помалку подзаборавена (под наезда на медиокритетската музика што се пласира по сите електронски медиуми во сите можни форми - аудио и видео).
|