Кирија од 860.000 евра за спортска сала!
СТРУМИЦА - Спортската сала „Парк“ во Струмица му се дава под закуп на кошаркарскиот клуб АБА во наредните 30 години, но со неверојатна месечна кирија од речиси 860 илјади евра! Оваа одлука на Владата, со потпис на вицепремиерот Васко Наумовски, е објавена во „Службен весник“ број 139 од 19 октомври.
Во владината одлука стои дека месечната закупнина за салата со вкупна површина од 3.439 квадрати е 250 евра плус ДДВ за квадратен метар, пресметано во денарска противвредност. Пресметките направени со квадратите и еврата ја даваат фантастичната сума од 860 илјади евра, што закупувачот е обврзан да ја плаќа секој месец.
Оваа одлука на Владата по својата содржина е многу чудна и нелогична. Прво, во самиот наслов на одлуката се наведува дека салата со непосредна спогодба се дава под закуп на КК „Струмица“, а тоа е клуб што веќе три години не постои. Второ, се наведува дека објектот се наоѓа на улица „Спартаковска“ б.б., но таа улица не постои во Струмица. Салата за која станува збор е лоцирана на улицата „Ѓуро Салај“ б.б.
За забуната да биде целосна, во вториот член од одлуката пишува дека салата му се издава на кошаркарскиот клуб АБА од Струмица, новиот кошаркарски прволигаш.
Во клубот АБА вчера не сакаа ништо да коментираат, бидејќи таква одлука се' уште не добиле, а, според нив, станува збор за техничка грешка. (Е.П.) |