Брисел бара да си ги прибереме азилантите
ЕУ ја укори Македонија по втор пат за голем бран лажни економски азиланти
Миркица Поповиќ
Македонските граѓани што планираат да заминат во ЕУ за да бараат економски азил подобро да не ни почнуваат со пакување. Вчерашната ургентна посета на белгискиот државен секретар за азил и миграција, Мелкиор Ватле, беше второ сериозно предупредување за македонските власти поради драстично зголемениот број економски азиланти од Македонија.
„Нема шанса македонските граѓани што ќе дојдат да бараат економски азил во Белгија да бидат прифатени и признати како бегалци. Нема шанса. Само ќе ги потрошат парите за да стигнат, но и да се вратат од Белгија“, нагласи Ватле на неговите средби со министерот за труд и социјала, Џељаљ Бајрами, и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Елвис Бајрам. Белгискиот државен секретар со насмевка ги повика сите граѓани да ги искористат благодатите на визната либерализација и да посетат што повеќе ЕУ-држави, меѓу кои и Белгија, но да не го злоупотребат европското гостопримство и визната либерализација претставувајќи се како азиланти.
Според него, визната либерализација овозможува патување без визи, но не и право граѓаните да помислат дека може лесно да побараат и да се стекнат со статус економски азилант и да живеат на грбот на една ЕУ-членка. Уживањето на визната либерализација не значи дека државата ќе обезбеди сместување, работа и пари за оние што сметаат дека едноставно може да побараат економски азил.
Дали овие опомени значат дека Македонија дејствува несериозно и може да и' биде повлечена визната либерализација? Белгискиот државен секретар за азил негираше дека моментално се размислува за враќање на визниот режим. „Повлекување на визната либерализација не е на агендата сега“, потенцираше Ватле, додавајќи дека најважно во овој момент е интензивирање на превентивна кампања за граѓаните.
На вчерашните средби Ватле побара од нашите власти да работат на едуцирање на граѓаните за можностите, но и за ограничувањата од визната либерализација. Тој апелираше да се најде начин да се спречи измамата на граѓаните, која продолжува по првиот бран враќање на азиланти во февруари и во март. Според него, клучно е да се спречат луѓето што профитираат од ширење лажни информации, бидејќи ова зголемување на бројот на азиланти е, сепак, најлошо за излажаните граѓани.
Белгискиот државен секретар оцени дека постои волја од страна на македонската Влада за кампања за едуцирање на граѓаните, но дека таа кампања мора да се одвива континуирано. Напомена дека по забелешките од ЕУ-државите и враќањето на азилантите во почетокот на 2010 година, речиси бил невидлив бројот на Македонци што бараат економски азил, но дека ги зачудило ненадејното зголемување на азилантите што започнало во јули, а драматично се зголемило во текот на октомври. „Не треба да се работи само кога јас или некој друг од ЕУ ќе посочи дека има проблем, туку потребно е да се работи цело време“, порача Ветле.
Министерот за труд и социјала, Бајрами, вети дека ќе се започне со агресивна кампања за едукација на граѓаните. Исто ветување даде и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Бајрам, чиј татко, Амди Бајрам, во почетокот на годината беше посочен како еден од сопствениците на туристички агенции што ги пренесуваат граѓаните до Белгија и до Германија за само 100 евра. Градоначалникот Бајрам тврдеше дека колку што е информиран, сите такви туристички агенции во неговата општина се затворени.
Европските држави се фрапирани од ненадејниот бран балкански азиланти во последниве три месеци. Како што потенцираше Ватле, ако во претходните месеци бројот на азиланти бил 20-30 месечно, од почетокот на октомври во Белгија е забележана бројка од околу 200 азиланти од Македонија. Заедно со азилантите од Србија и од Косово бројот на балкански азиланти стигнува до бројка од околу 2.000 лица за дваесетина дена, што е доволно сериозен индикатор за ЕУ-членките дека на големо се злоупотребува визната либерализација.
Во Шведска Националниот одбор за миграција беше принуден да отвори кампови и друго привремено сместување откако околу 4.000 српски граѓани побарале азил годинава, во споредба со само 421 во истиот период лани. Само во септември во Шведска пристигнале 1.410 српски граѓани, што претставува притисок за локалните органи да обезбедат услуги како што е здравствената заштита. Азилантите, главно, се од ромска и од албанска етничка припадност. Во Баварија бројот на српските апликации е зголемен од 59 лани на 130 годинава, додека македонските се зголемени од само 1 на 260. |