Поглед
Не болело!
Оливера Војновска
Собранието на пленарна седница дебатираше за состојбите во образованието. Расправа каква што многу пати досега сме имале можност да слушнеме. Ништо спектакуларно. Опозиционерите ја критикуваа образовната политика на Владата, убедени дека оваа сфера е целосно политизирана и партизирана. Власта, очекувано, се фалеше со постигнувањата во образованието, инвестициите, платите на наставниците... На седницата беше и министерот за образование, Никола Тодоров. И неговото присуство не беше никакво изненадување. Министерот со внимание ги слушаше пратениците, одвреме- навреме ќе се вклучуваше во дебатата и разбирливо си ја бранеше политиката што ја спроведува во неговиот ресор. На опозиционерите им возврати дека проблемите во образованието не се од вчера, па не може да се очекува тие да се решат преку ноќ.
Новина е само тоа што парламентот прв пат расправаше за точка на дневен ред што ја предложи опозицијата. И за овој дострел ни требаше речиси една година. Толку траеја преговорите за измените на Деловникот (донесен пред две години кога опозицијата го бојкотираше парламентот), договорени на лидерска средба уште лани во август. Во Собранието требаше да поминат најдоцна до декември, но не се случи тоа. Туку целата политичка енергија се трошеше на собранискиот акт со кој се уредуваат правата и обврските на самите пратеници.
Власта и опозицијата со месеци преговараа, се координираа за „точката на дневен ред“. Прашањето: дали тоа биде еднаш, пет пати или на секоја седница, дали ќе биде закон или информација, се издигна на ниво на најважен проблем во државата. И, конечно, ја најдоа спасоносната формула: два пати месечно. Завчера беше прв пат. И, како што се покажа, воопшто не болело! |