24.02.2012, 18:04 Клеветата, најпосле, декриминализирана
Новинарите ќе добиваат тужби во граѓанска постапка, а не како досега во кривична
Светлана Унковска
Владата и Здружението на новинарите (ЗНМ) постигнаа согласност за декриминализација на клеветата и навредата, така што оваа материја ќе биде регулирана со посебен граѓански закон. Ова е договорено по неколкумесечни преговори што ЗНМ ги водеше со Владата, но остана уште да ги договорат казните што во иднина ќе се однесуваат на новинарите, но и воопшто на граѓаните при евентуални тужби. Се очекува нацрт-законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда да биде одобрен од Владата и потоа да биде ставен на јавна расправа.
Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи и претседателот на ЗНМ Насер Селмани заеднички излегоа вчера на прес конференција да објават што предвидува новиот закон, во кој особено ќе се инсистира на скратување на времето во кое судиите реагираат по поведена постапка.
„Со ЗНМ ги приближивме ставовите и работиме и размислуваме на еден заеднички концепт што мислам дека до идната недела ќе го заокружиме и докомплетираме. Како Влада и ЗНМ дадовме се' од себе овој процес да се унапреди и да биде во рамки на стандардите и барањата од Европската унија“, изјави Теута Арифи.
Во предлог-законот ќе биде редефинирана клеветата и зборот „нешта“ кој досега претставуваше изнесување на невистините нешта се менува со „факти“.
„Со ова праќаме порака дека кога има волја и желба може да се најдат заеднички решенија. Преовладаа аргументите дека ова е најдобро решение и верувам дека ќе придонесе значајно да се подобри слободата на медиумите во Македонија“, изјави Селмани.
Но, и покрај договорот за декриминализација меѓу власта и здружнието, кај дел од новинарите и натаму постои скептицизам дека тоа ќе има некакво влијание во подобрување на состојбата со слободата на медиумите. Главната уредничка на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова, која години наназад се соочува со тужби вели дека не очекува овој договор да ја унапреди слободата на говорот.
„Во секој случај имам позитивен однос кон она што е постигнато зашто со години наназад се залагав за декриминализација на клеветата и нејзино префрлање во граѓанска процедура. Но, знаејќи ги состојбите во нашето судство се плашам дека нема многу да добиеме на планот на слободата на изразување и самоцензура. Не смееме да заборавиме дека нашето судство е една од оние пет точки што Брисел ги наведе како наша голема слаба страна“, вели Костова.
„Транспарентност Македонија“ во извештајот за 2011 година, во делот за медиумите, наведува дека се забележани исклучително негативни трендови што доведе до згаснување на неколку весници, списанија и една телевизија. Ова, како што се наведува, го стесни просторот за јавен критички осврт врз работењето на Владата и нејзиниот докажан афинитет за нетранспарентно трошење на јавните средства и кроење на политиките далеку од очите на јавноста. |