24.02.2012, 17:58 Аиво Орав од четврток во Скопје
По седум месеци вакуум, Македонија ќе добие ЕУ-амбасадор
По седум месеци вакуум, Македонија ќе до��ие нов амбасадор на Европската унија. Како што се дознава, естонскиот дипломат Аиво Орав в четврток конечно ќе дојде во земјата за да ја преземе функцијата. Неговото доаѓање доби мало забрзување поради дијалогот на високо ниво што се планира за средината на идниот месец во Скопје и посетата на еврокомесарот Штефан Филе. Сепак, тоа нема да го избрише впечатокот дека на мапата на интересирање на Брисел, Македонија се најде на последното место и тоа се покажа со неговото именување за нов амбасадор во Скопје, откако новоименуваниот Петер Соренсен го повлече пред и да успее да каже нешто.
Иако процедурите во ЕУ околу амбасадорите траат долго, сепак една паралела со заминувањето на Соренсен во БиХ, а уште повеќе со заминувањето на Семјуел Жбогар за амбасадор и висок преставник на Брисел во Косово, зборува најдобро за нивото на односите меѓу нашата земја и ЕУ во моментов. Соренсен во рок од еден месец ги префрли куферите од Скопје во Сараево, додека Жбогар, кој беше именуван истиот ден со Орав, од почетокот на овој месец веќе ефективно си ја извршува функцијата во Приштина. Како и да е, доаѓањето на новиот амбасадор ќе ја засили нашата евроинтеграција, која станува заборавена тема и покрај силните проценти на граѓани што ја поддржуваат како стратешка цел.
Орав, кој до вчера како амбасадор на Естонија практично ја покриваше и Македонија и има остварено повеќе посети на земјата, сепак беше дочекан на нож пред и да дојде, поради посетата на Атина додека се подготвуваше за новиот мандат во земјата. Затоа, неговата прва задача ќе биде да ги разувери и да ги разоружа оние кои скептично гледаат на неговата идна улога или кои бараат начин како да ги стават под прашалник укажувањата на евроамбасадорите кога не се пријатни за Владата.
Орав со своите 47 години ќе биде еден од помладите дипломати во земјата, а неговата биографија главно е исполнета со билатерална дипломатска кариера, па престојот во Македонија ќе биде голем предизвик за овој, според тие што го знаат, пријателски настроен и позитивен дипломат од Естонија. (С.Ј.) |