24.02.2012, 18:00 Прво ратификација, па екстрадиција на осомничените
Договорите за екстрадиција на македонски државјани не можат да се формализираат, бидејќи се' уште не се ратификувани
��танува збор за 316 бегалци за кои МВР има распишано потерница, а меѓу нив се и Драган Даравелски, Владислав Тамбурковски, Хеди Рамковски
Екстрадицијата на македонски граѓани со двојно државјанство, кои се бараат по меѓународни потерници во соседството, но и на криминалци од тие држави кои се кријат во нашата земја, ќе почека. По создавањето уставна основа во април минатата година, навистина, со дел од земјите од опкружувањето Македонија веќе склучи договори, но тие не можат и формално да стапат во сила, бидејќи не се ратификувани во парламентот. Заглавени се или во Собранието или во МНР.
Но, Министерството за правда продолжува и натаму со своите активности во овој дел, па така во текот на идната недела планира да поведе иницијатива за измена на билатералниот владин договор со Албанија, а допрва ќе склучува и со Бугарија. Според информациите од ресорното Министерство, поведена е иницијатива за склучување договор за екстрадиција на сопствени државјани и со Босна и Херцеговина, а преговорите ќе почнат во март оваа година на ниво на експертски групи.
Од МНР, пак, најавуваат дека ратификациите ќе се усвојат наскоро, со што и ќе се отстранат сите пречки за испорачување на оние што се наоѓаат на потерниците. Станува збор за 316 бегалци за кои МВР има распишано потерница, а меѓу нив се и Драган Даравелски, Владислав Тамбурковски, Хеди Рамковски. Потерницата деновиве е повлечена против поранешниот министер за здравство, Владо Димов, кој неколку години престојува во Бугарија. Основниот суд во Струмица се реши на ваков потег откако е лоцирана адресата на Димов во соседството и тој пред тамошните надлежни органи дал изјава што ќе се користи во постапката. Ексминистерот моментно работи како шеф на одделот на миниинвазивна и лапароскопска хирургија во една приватна софиска болница.
Во мај 2011 година, Министерството за правда почна преговори за склучување билатерален договор за екстрадиција со Хрватска, во кој е регулирана материјата за екстрадиција на сопствени државјани само за најтешките кривични дела на организираниот криминал, корупцијата и перењето пари, за кои според правото на двете држави-договорнички е пропишана казна затвор или мерка која вклучува одземање на слободата во траење од најмалку четири години, а доколку преостанатиот дел од казната треба да се изврши, таа да изнесува најмалку две години. Тој е склучен во октомври минатата година, но чека на ратификација во собраниска процедура.
Слични договори кон крајот на минатата година се склучени и со Република Србија и со Црна Гора и сега се наоѓаат во МНР. (Г.Д.) |