12.06.2012, 18:46 Тринаесет години затвор за „Ајдукот“ од „Франкфурт мафија“
Судот изрече високи затворски казни за 29 обвинети за трговија со дрога и перење пари
Љубиша Станковиќ
Тринаесет години затвор доби вчера првообвинетиот Спасе Димовски (47) со прекар Ајдук од „Франкфурт мафија“. На точно три дена пред истекот на рокот од една година од поднесеното обвинение, скопска „Единица“ ги изрече првостепените казни за 29 обвинети за трговија со дрога и перење пари.
Спасе Димовски за трите дела за кои беше обвинет доби единечни казни во времетраење од 15 години, но му беше изречена единствена казна во траење од 13 години. Само три години помалку од Спасе заработи неговиот син Томе Димовски, а велешанецот Зоран Манасков (42) со прекар Скршен судот го осуди на 11 години затвор. Најголемиот број од обвинетите заработија меѓу пет и шест години затвор.
Судечкиот совет, со кој раководеше судијата Јани Нича, донесе решение со кое им беше укинат притвор на четворица од преостанатите 16 лица кои се' уште се во затворот во „Шутка“. Залудни беа ветувањата на осудените и на нивните бранители дека ќе се јавуваат на судските покани, но и укажувањата дека делата за кои се товарат биле сторени во Германија или Австрија.
Затворска казна судот и' одмери и на ќерката на Спасе, Барбара Димовска (20), но двегодишната затворска казна во исто време и' беше заменета за условна во траење од четири години. Токму Димовска беше таа која обвини за наместен случај. Таа рече дека казните, наводно, им биле соопштени уште во декември 2010 година, односно истиот ден кога биле уапсени. Според Димовска, висок полициски функционер во Одделот за организиран криминал уште тогаш, наводно, им кажал како ќе заврши овој случај и затоа ��елата постапка било „губење време“.
Вчерашната објава на првостепената одлука мина во исклучително тензична атмосфера. Нервозата беше и кај обвинетите, но и кај нивните блиски, а во еден момент дојде и до инцидент.
Случајот „Диригент“ беше обелоденет кон крајот на 2010 година, а веќе во јуни минатата година Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција излезе со обвинителен акт со кој се тврдеше дека „Франкфурт мафијата“ почнала да тргува со хероин уште во 2005 година. Според актот на Обвинителството овие лица, главно жители на Скопје и Велес, беа обвинет за трговија со наркотични дроги, за перење пари и за поседување огнено оружје.
Шверцуваниот хероин, главно, бил наменет за илегалните пазари во Австрија и Германија, но тамошните полиции, во соработка со нашето МВР, почнале голема акција во која беа уапсени голем број македонски државјани кои беа обвинети дека освен со транспорт се занимавале и со препродажба на хероин.
|