Мислења
Која е нашата граѓанска одговорност?
Игор Стефановски
Овде веќе не се работи само за протест поради полициската бруталност, туку за тоа колку македонската младина е заинтересирана за својата иднина
Која и да е судбината на протестот поради полициската бруталност, тоа што се случува е од критична важност за нашата иднина. За прв пат во историјата на Македонија се случи спонтан, масовен, секојдневен протест што произлезе од фрустрациите на младите во земјава, а кој беше организиран преку социјалните мрежи на интернет. Револтот кај поголемиот дел од тие што се појавија во наредните денови, за жал, не изби поради тепањето до смрт на младиот Мартин Нешкоски, туку поради фактот што „Фејсбук“ и „Твитер“ кажуваа дека тоа што го соопштуваше МВР беа лаги и обид за прикривање на случајот. За разлика од вистинските демократски општества, убиството на овој невооружен млад човек од страна на припадник на специјалните единици среде главниот плоштад пред стотици очевидци, како да не беше доволен мотив за народот да го крене гласот. Дали е тоа од страв или од незаинтересираност, не е важно. Важно е дека станува збор за проблем.
Илјадници луѓе, по 20 години лаги, корупција и безнадежност, се осмелија да излезат на улица и да ја прогласат за своја, за граѓанска. Оформија јавна трибина, симболично зад спомен куќата на Мајка Тереза за да го искажат својот гнев на мегафон и со тоа да се прочистат, да им олесни. Немаше организатори, секој од нив беше лидер. Многумина ги гледаа зачудено или ги критикуваа или ги обојуваа, со што комплетно ја промашија поентата. Побитно им беше да кажат дека станува збор за наркомани на кои им се плаќа по 1.000 денари дневница отколку да чујат која е смислата на протестот. Поважно беше да се зборува за измислени лидери отколку за фактот дека на протестите имаше и млади и стари, и Албанци, и Македонци, и ВМРО-вци и СДСМ-овци. Свесни луѓе на кои им е преку глава од поделбите креирани од страна на партиите и медиумите.
Но, мислам дека овде веќе не се работи само за протест поради полициската бруталност. Овде се работи за тоа колку македонската младина е заинтересирана за својата иднина. Овде се работи за тие 6.500 луѓе што ветија на Фејсбук дека ќе дојдат на протест на 8 јуни, а дојдоа само 800. Овде се работи за сите тие што мислат дека демократијата значи само гласање на секои четири години и потоа не треба да се провери дали тој глас се злоупотребува. Како можеме да очекуваме подобра иднина ако самите не покажеме постојан интерес за неа?
И една друга работа сакам да прашам. Зошто мислиме дека само партиите имаат право на масовни собири и дека секакво друго спонтано и организирано собирање е сигурно партиски поврзано?! Може ли да има луѓе кои се надвор од тие партии? Може ли да се дише непартиски воздух кај нас? Во голема мера, секоја партија во светот, без разлика на која страна од политичкиот спектрум се наоѓа, повеќе се бори да дојде на власт отколку да го претставува народот. Нивниот проблем е што мораат да ги добијат нашите гласови за да стигнат до таа цел, инаку воопшто не би не' прашале. Но, ТУКА лежи нашата моќ.
Секој од нас мора секојдневно да се бори за своите права. Ако мислите дека тепањето до смрт на едно момче не ве засегнува директно, тогаш не мора да се приклучите на овој протест, но борете се против вашите фрустрации. Да не заборавиме дека ние сме општеството. Нема да има промени додека не ги преземеме нашите граѓански обврски. Не можеме с? да очекуваме од политичарите. Тие се тука како граѓански сервис, за да ни служат нам и ако не им кажеме јасно и гласно што сакаме и што ни треба, тоа никогаш нема да го добиеме. Ако н? засегнуваат измените во здравството, да го кажеме тоа јавно! Ако ни требаат повеќе корпи за ѓубре, ајде да го бараме тоа! Ако ни пречат маалските кучиња скитници, да се нафатиме да го решиме проблемот! Ако мислиме дека Скопје се гуши во билборди и реклами, ајде да направиме движење за намалување на нивниот број… Не е доволно само да кукаме во темницата, секој од нас треба да запали светло.
Политичарите мора да увидат дека гледаме што прават. Мора да знаат дека вршиме надзор. Моментално, знаеме што прават, знаеме кога се брутални, но не ги караме како што треба. Молчиме и гледаме додека се распаѓаат цели делови од нашето општество. И тоа трае скоро 20 години! Мораме да ја преземеме нашата граѓанска одговорност и нашиот надзор врз политиката. Како? Преку граѓански надзорни тела. И преку солидарност. Ако еден е загрозен, сите сме загрозени. Треба да им биде јасно дека кога ги поттрнуваат проблемите под килим, не значи дека ги решиле. А нам, на граѓаните треба да ни биде јасно дека ако н? игнорираат, тоа не значи дека не постоиме. И дека мораме да бидеме тука с? додека не изградиме вистинска цивилна држава.
Секој од нас има нешто од последниве 20 години што го револтира. Да го споделиме тој гнев и таа фрустрација на јавната трибина кај Мајка Тереза, секој ден од 18 часот. Ајде да сфатиме дека не сме сами. Да ја користиме дем��кратијата! Демократија не е само гласање секои четири години! Вистинско демократско општество значи секојдневна активност во насока на општото добро. Мораме да развиваме толерантност. Мораме да се учиме на обѕирност. Ова е клучно за потребната департизација на Македонија! Време е за граѓанска Македонија!
Во една од најсивите држави во Европа (во смисла на економија, јавна администрација, етнички поделби) политичарите не' убедуваат дека се' е црно-бело и дека мораме да бидеме или едно или друго. Ако не си со нас, тогаш си со нив. Значи, во целото нивно сивило на лаги, дезинформација, манипулација, партизација и игнорирање на народот, ние мораме да избираме една страна. Е па веќе не! Вистината е секогаш некаде во средина и мораме внимателно да ја избираме како разумни луѓе и одговорни граѓани.
Од една страна, изгледа дека добар дел од медиумската битка е изгубена во овој случај. На многумина ништо не им се случи, бидејќи веќе си го формираа своето мислење базирано не на лично искуство, туку на тоа што секогаш ги гледаат истите канали и ги читаат истите весници. Од друга страна, на тие што се' уште протестираат, сепак нешто битно им се случи. За време на протестите преовладуваа чувствата на вистинска слобода, на разбудена граѓанска свест и на заедничка моќ. Кошмарот на секоја власт, на сите „моќници“ во сите држави е буден народ.
Ова е само почеток, будење, но не' чека тежок работен ден. Не' чека вистинска граѓанска одговорност и работа! Видовме дека постои цивилна македонска свест и совест. Свест дека можеме да дејствуваме, да ја менуваме нашата околина и нашето секојдневие. Свест дека заедно сме посилни. И свест дека станува збор за историски момент во кој ни е неопходен морален граѓански препород на Македонија и сите што живееме во неа.
(Авторот е магистер по европски
и меѓународни студии) |