Претседателот Иванов на конференција вo Ерусалим
21.06.2011, 12:11
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска и утре во Ерусалим ќе учествува на меѓународната конференција „Соочување со утрешнината 2011“ што по трет пат се одржува под покровителство на израелскиот претседател и добитник на Нобеловата награда за мир Шимон Перес.
Конференцијата во Ерусалим и годинава ќе собере на едно место преку 200 светски лидери, претставници на меѓународни организации, бизнисмени научници и експерти, кои ќе дебатираат за случувањата и перспективата на Блискиот Исток, борбата против тероризмот и ширењето оружја за масовно уништување, за медицинсите иновации и моралните дилеми поврзани со нив, за пристапот до нови извори на енергија, за односите меѓу политиката и религијата, за иднината на човештвото, за истражувањата на вселената...
Шефот на македонската држава денеска попладне ќе има средба со израелскиот претседател Перес, а вечер ќе учествува на официјалното отворање на конференцијата.
Иванов ќе се обрати на утрешната лидерска пленарна сесија на која ќе се разговара за глобалната економска криза, решавањето на регионалните конфликти, за социјалниот напредок, за климатските промени и за одговорноста на политичарите при донесувањето клучни одлуки.
На агендата на македонскиот претседател се и повеќе средби со учесници на собирот.
|