Шкендија против Партизан за Лигата на шампиони
Двомечот меѓу македонскиот и српскиот првак веднаш ги разгоре страстите меѓу навивачките групи на интернет-порталите и форумите
Сашко Ѓ. Димовски
Шкендија ќе тргне во својата евро приказна од Белград. Во првото квалификациско коло за Лигата на шампиони го доби Партизан. Првиот меч е закажан на 12/13 јули во српската престолнина, реваншот ќе се одигра седум дена подоцна на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
Тетовци нем��а многу среќа вчера во Нион. Го добија најтешкиот противник од можните за воведната фаза од најреномираното клупско натпреварување на стариот континент. За Шкендија ова ќе биде премиерно претставување во Европа по успешната сезона во домашното првенство и освоената прва титула шампион на Македонија од нејзиното формирање во 1979 година.
„Шампион мора да добие шампион. Нема бегање од тоа, такво е натпреварувањето иако ние сакавме да извлечеме полесен противник. Костурот на тимот од ланската сезона ќе го задржиме и за наредната. Речиси 90 отсто од играчите кои играа за Шкендија во најуспешната сезона во клупската историја остануваат. Се засиливме со Ненад Мишковски од Тетекс на стоперската позиција плус очекуваме уште двајца тројца фудбалери со кои ќе бидеме уште посилни. На Партизан нема да му биде лесно“, ни изјави Нуриман Шакири, претседател на Шкендија.
Вели дека Шкендија, иако е млад клуб, сепак, ги гледа и ги имплементира западните трендови како треба да функционира еден фудбалски колектив.
„Ние сме професионален клуб и имаме коректни релации со сите македонски прволигаши. Работиме професионално, организациски сме добро поставени, градиме односи и истите ги одржуваме на највисоко ниво што е еден од нашите приоритети. Така ќе биде и за дуелите со Партизан“, додава Шакири.
Меѓутоа добрата страна, онаа фудбалската, по веста од Нион за соочувањето меѓу македонскиот и српскиот шампион веднаш падна во втор план. Страстите експресно се подгреаја меѓу симпатизери на двата клуба, па интернет страниците, порталите и форумите за кратко беа полни со меѓусебни препукувања, но не на спортска, туку на национална основа. Уште од сега сме бомбардирани со тензични најави за немири и инциденти, а во фокусот на вниманието се скопските 90 минути во втората половина од јули кога се очекува „Филип Втори“ да биде исполнет до последно место од домашни и гостински фанови, но и гости од Косово и Албанија. Без сомнение претстојните дуели меѓу Партизан и Шкендија треба да се означат со висок ризик, да се преземат сите неопходни мерки на безбедност за спречување на евентуални несакани сцени и последици и никако не смее да се релативизираат, маргинализираат или предвидат таквите можности.
„Да, запознат сум тоа. Видов малку на интернет. Мора да кажам дека тоа не е добро. Веднаш почнаа препукувањата. Можам да кажам дека сме немоќни против тоа, не може да ги запреме пораките на интернет. Но, и тоа како сме моќни да организираме се да мине во најдобар ред, беспрекорно, на теренот меѓу фудбалерите и на трибините за што ќе ангажираме и дополнителен број обезбедувачи. Инциденти не сакаме и ќе сториме се за да ги нема. Во прилог одат и драконските казни што се предвидени во дисциплинскиот правилник на УЕФА. Затоа не верувам дека некој ќе се обиде да иницира инцидент иако ние сме подготвени на се, ќе се мобилизираме и се надевам дека ќе организираме настан што ќе претставува празник на фудбалот и вистински спектакл“, заврши Шакири.
На социјалните мрежи е забележлив страв, посебно во Белград, од провокации и евентуални одговори на нив. Стравувањата се однесуваат на повторување на сценариото од Мостар кога по недоличното однесување на „Гробари“ во мечот на Партизан против Зрињски УЕФА одлучи административно да ги казни црно-белите и да ги елиминира од натамошните настапи во сезоната иако на зелен терен белграѓани беа подобри од претставникот на БиХ.
И. Митрески и Георгиевски на Динамо (З), ТриЧковски и ГрнЧаров каЈ Скендер-бег
Лесна прва пречка во квалификациите за ЛШ добија екипите на нашите интернационалци. Првакот на Азербејџан, Нефчи, за кој настапуваат Игор Митрески и Славчо Георгиевски во второто коло го добија Динамо Загреб, а пак кипарски АПОЕЛ на Иван Тричковск и Бобан Грнчаров ќе игра двомеч со албанскиот шампион Скендер-бег.
Тимот на Марибор чиј член од неодамна е Агим Ибраими е апсолутен фаворит во второто квалификациско коло. Словенечкиот претставник го очекува победникот од дуелот меѓу Санта Колома од Андора и Диделанж од Луксембург. Молдавска Дачија на Горан Димовски во второто коло ќе игра против екипата на Жестафони од Грузија.
Станоевиќ: Се надевам дека ќе играме во Скопје
Тренерот на Партизан, Александар Станоевиќ, изјави дека неговиот тим е фаворит против Шкендија во второто коло во квалификациите за Лига на шампиони и изрази надеж дека реваншот нема да се игра во Тетово туку во Скопје.
„Можевме да добиеме и полесен и потежок противник. Се надевам дека реваншот ќе го играме во Скопје и дека ќе дојдат многу наши навивачи. Тоа многу ќе ни значи“, беше првата изјава на Станоевиќ по вчерашната ждрепка во Нион.
Тој, сепак, додаде дека неговите играчи мора да бидат внимателни.
„Претпазливоста е многу важна бидејќи тој меч ќе биде прв официјален и натпреварувачи за нас по подготовките. Го почитуваме ривалот, но во оваа фаза на натпревари Партизан е фаворит против секого“, заклучи Станоевиќ за „Блиц“.
Лига на шампиони, 1 квалификациско коло
Двојки: Тре Фиоре - Валета, Санта Колома - Диделанж.
Првите мечеви се играат на 28/29 јуни, реваншите се закажани на 5/6 јули
Лига на шампиони, 2. квалификациско коло
Двојки: Макаби Хаифа - Борац Бања Лука, Могрен - Литекс, Марибор - Победник од меч 2, Скендербег - АПОЕЛ, Штурм - Видеотон, Жестафони - Дачија, Динамо Загреб - Нефчи, Пјуник - Плзен, Партизан - Шкендија, Победник од меч 1 - Екранес, Слован Братислава - Тобол, Малме - Торшавн, Шамрок - Флора, Розенборг - Брејдаблик, Хелсинки - Бангор сити, Сконто - Висла Краков, Линфилд - БАТЕ Борисов.
Првите мечеви се играат на 12/13 јуни, реваншите се закажани на 19/20 јули.
Ждрепката за двојките за 3. квалификациско коло е закажана за 15 јули. Термините за одигрување на мечевите се 26/27 јули и 2/3 август.
Ждрепката за двојките во плеј-офот е закажана за 5 август. Термините за одигрување на мечевите се 16/17 август и 23/24 август.
Ренова против Гленторан, Работнички со Транс Нарва, Металург го доби Локо Софија
Работнички мина најдобро во вчерашната ждрепка за европските фудбалски купови во Нион за сезоната 2011/12. Но, навидум лесната задача на хартија дебармаалци ќе треба да ја оправдаат и на терен во дуелите против Транс Нарва од Естонија во воведното коло (30 јуни и 7 јули) и против аматерите на Јувенес Догана од Сан Марино во второто, противници што даваат реални надежи дека Работнички повторно ќе биде наш репрезент што најдолго ќе се задржи во Европа летово.
Ренова во првата квалификациска рунда за Лига Европа го доби Гленторан од С. Ирска. Ако ги минат островјаните во второто коло ќе се сретнат со украинска Ворскла од Полтава, екипа која во квалификациите за сезоната 2000/01 за тогашниот Куп на УЕФА го елиминира Работнички. Третиот наш претставник во Лига Европа, Металург, како освојувач на Купот на Македонија е привилегиран и ќе тргне од второто квалификациско коло во ова натпреварување. Тимот од скопска Железарница, вчера во Нион, за противник го доби бугарскиот прволигаш Локомотив од Софија. (С.Д.)
|