Фатени Бони и Клајд од Скопје
Љубовен пар за една една недела ограбиле четири куќи. Додека девојката крадела, момчето чувало стража
Даниела Трпчевска
Тивко, без никој да ја забележи 32-годишната Марија влегувала во богати куќи во Скопје, ограбувала се' што ќе и' се видело дека е вредно, а потоа без трага заминувала од местото на криминалот. Нејзиното момче, кое е десет години помладо од неа, чувало стража додека неговата сакана од пикираните куќи изнесувала пари, мобилни телефони, лаптопи, часовници... За една недела, скопската верзија на Бони и Клајд успеала незабележана да влезе во четири куќи во неколку населби во главниот град. Оттаму заминале со богат плен вреден околу 387 илјади денари. По четирите кражби, полицијата ги фати љубовниците на кои им е одреден 15 дена притвор.
Според сознанијата на полицијата, Марија во почетокот била сама во грабежите. За жртва одбрала свои роднини во скопската населба Гази Баба. На 4 јуни во попладневните часови таа влегла кај нив дома и ги собрала сите денари и девизи што ги нашла. Украла околу 15 илјади денари.
Пет дена подоцна ја извршила и втората кражба, велат во полицијата. Овој пат имала и соучесник, 23-годишниот Ангел. За младата двојка не претставувало пречка ниту тоа што сопственикот на куќата во скопско Трубарево спиел во својот дом додека од него арамиите ги изнесувале сите вредни предмети. Со торби полни со девизи, мобилни телефони, рачен часовник, различен алат за работа, макара кабел за струја, акумулатор и пумпа за притисок на моторно масло, двајцата повторно незабележано ја напуштиле ограбената куќа.
Двојката не мирувала ниту наредниот ден. Одбрале куќа во скопската населба Гази Баба, каде што влегле ноќта и украле пари и мобилни телефони во вредност од 100.000 денари. Откако и овој пат успеале да и' избегаат на полицијата, тие не престанале со плановите за кражби. Нападнале веќе наредниот ден, на 12 јуни, овој пат во раните утрински часови кога влегле во куќа на улицата „Франц Лист“, од каде што ќариле два лаптоп-компјутера и женска чанта во која имало два мобилни телефона. По четирите кражби што се случиле за само една недела, полицијата, сепак, им влегла во трага на љубовниците.
Скопските ограбувачи ја отворија сезоната на летни кражби, од кои не можат да спасат граѓаните секоја година за време на летните одмори. Празните домови, отсуството на домаќините што заминуваат на одмори, но и доаѓањето на гастарбајтерите со годишната заработувачка се примамлива мамка за арамиите, кои демнат на секој агол. Сопствениците на куќи и на станови заминуваат на одмор за да се релаксираат, но често при враќањето дома доживуваат невиден стрес и главоболка кога ќе го најдат провален својот стан, а сите работи внатре испревртени. Само лани за време на летните одмори 194 стана и куќи биле цел на арамиите. Од нив, според МВР, биле расветлени триесетина кражби и откриени се 30 сторители.
Ноќта е најчесто сојузник на крадците. Тие во доцните вечерни часови го користат и најмалото отсуство на сопствениците од домот и обично преку подотворени прозорци или незаклучени врати лесно влегуваат по својот плен. По влегувањето, набрзина ги пребаруваат сите простории во становите, куќите или другите објекти, земајќи се' што е вредно со себе и бегајќи со пленот. Необезбедените домови, неквалитетните врати, кои лесно се отвараат, само им помагаат на арамиите во нивните планови за грабеж.
„Апелираме до сопствениците на куќи и на станови кога излегуваат надвор, на годишен одмор или на семејни свечености, задолжително да ги заклучуваат вратите и да не ги оставаат отворени прозорците“, велат надлежните во полицијата.
Совети како да се заштитите од крадци
За да не ве боли глава кога ќе се вратите од одмор или од пат, а да го најдете својот стан провален, надлежните од МВР советуваат да преземете неколку мерки за да се заштитите од неканетите гости во својот дом. Поставување блиндирани врати или алармни системи, се препорачува како еден вид подобра заштита. Исто така, пожелно е вградување сигурносни брави и ставање решетки на прозорците, а вреди предмети, како што се злато, скапоцен накит и пари, да се оставаат во сеф и да се тргнат подалеку од домот.
Крадците обично влегуваат во станови за кои се сигурни дека се празни, иако очигледно некои од нив не ги плаши ниту полната куќа за да ги остварат своите планови. Дека нема никој во станот тие забележуваат по поштенското сандаче, кое никој не го празни, затворените прозорци, спуштените ролетни, тишината и изгасените светла. Надлежните советуваат при заминувањето на сопствениците подолго од домот, да остават резервен клуч кај пријатели или кај роднини, кои ќе вршат чести проверки и ќе го празнат поштенското сандаче, со што колку-толку ќе им ги поматат плановите на дрските арамии.
|