Поглед
Вардар во конфузија
Наум Котевски
Скопските градски власти деновиве го презедоа управувањето со Вардар, но се' уште не седнати во фотелјата на државното милениче промовираа брилијантна идеја - да се направи фузија со новиот прволигаш Миравци и така „црвено-црните“ да останат меѓу „елитата“, а клубот од селото од јужниот дел на Македонија практично да се избрише.
Оваа конфузија на градот докажува дека со текот на времето глупостите стануваат нескршливи. Тогаш, што би рекол Мирослав Крлежа во „На работ на паметта“, глупоста почнува да се заљубува сама во себе.
А кои глупости се најголеми? Токму овие од ваков тип, кога се претставуваат како мудрост.
Сега со евтин правен трик новите газди сакаат неквалитетот да ни го претстават како вечен квалитет и клубот што треба да биде еднаков со другите лажно да го прикажат како светост, како божество. Патем, демонстрирајќи ги својата сила и моќ, како легитимна и пожелна методологија на решавање на работите, удрија на масата и вриснаа дека сега е момент урбаното да го победи руралното. И точно. Вардар е Вардар. Тој не е Јувентус или Њукасл, па да може да игра фудбал во Втора лига. А, селаните? Нив кој ги врти. Па, тие можат и без фудбал.
„Сите ме прашуваат зар повеќе нема да постои Миравци, зарем сега треба да одиме во Скопје. Што да им кажам. Јас не можам да одлучам“, жално е да се слушне крикот на претседателот на Миравци, Васе Штерјов, кој како ранет зајак се тетерави во шумата на моќните ловџии. Тешко и дека ќе успее да избега затоа што е под непрекинат рафал.
Нам, во оваа мизерија во која да живееме, значи да ја изгубиш основата под нозете, ни останува само да се надеваме дека Миравци ќе издржи распнат меѓу фер борбата базирана на спортските принципи благодарејќи на што заслужено стана херој и расипаноста, простаклакот, неморалот, бесчувствителноста, посеани од метрополата.
|