Економија
Богов очекува пониска инфлација
19.06.2011, 16:33
Во следниот период се очекува стабилизирање на инфлацијата на сегашното ниво и потоа намалување, вели гувернерот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ) - Димитар Богов во интервју за "Радио слободна Европа".
Според него, засега не постојат причини за промена на курсот на денарот.
- Ние во нашите анализи досега не забележ��вме влошување на конкурентноста. Од друга страна, во Македонија постои висока евроизација и кај депозитите на населението и претпријатијата и кај кредитите, тоа значи дека македонските граѓани и претпријатија преферираат да штедат во девизи и да се задолжуваат во девизи, тоа во многу ги ограничува креаторите на економската политика. Исто така, не гледаме причини дека ќе се зголеми извозот и производството доколку дојде до промена на курсот. Македонија е високоувозно зависна земја, така што многу мал, дури и краткотраен би бил евентуалниот ефект од потенцијална девалвација - додава Богов.
Гувернерот вели дека во моментов висината на девизните резерви изнесува некаде околу 1,87 милијарда евра, што, според него, претставува четиримесечна покриеност на увозот на стоки и на услуги од наредната година.
Според Богов, овие 220 милиони евра што се добиени од ММФ се легнати на девизната сметка, на трезорската сметка во Народната банка и за тоа колку пари се потрошени податоци треба да даде Министерството за финансии.
|