Патување
Прошетка низ бањите и приказните на Словенија
Дури и без туристичко-маркетиншката, можеби наместена, заводливост, она што импресионира во Словенија, дури и во крајпатните села, е педантната уреденост и домаќинлак. Секоја нова посета на „дежелата“ го засилува чувството дека Словенија и Македонија се позитив и негатив на една фотографија
Јасминка Павловска
Со сета европска сегашност на Словенија наспроти ветувачката европска перспектива за „некогаш“ на Македонија, секоја нова посета на „ дежелата“ го засилува чувството дека Словенија и Македонија се двете фази на една фотографија. Позитив и негатив - од оние „стари фотографии на хартија“, пред дигиталната фотографска ера, кои се развиваа во фотографски дуќани, студија, ателјеа... Како и да се нарекуваше „институцијата“, кога ќе се излезеше од неа, шарената хартија остануваше за убав спомен, а филмскиот негатив како резервна варијанта за некоја друга евентуална репродукција. Можеби затоа, кога патувате од земјата на „неразвиениот негатив“ во земјата од „шарената хартија“, се буди чувството дека сте на некаде каде што духот и табиетот не ви се туѓи, и покрај сето растојание - и географско, и јазично, и според стандардот и според еврозоната... Постојано обзема чувството дека со мал „допир на магија“, кога би била поуредена, Македонија би била како Словенија. Или Словенија би била...
Од каде и да тргнува приказната за Словенија, најпрвин се соочувате со граничниот премин и царината. А таму - еден премин за граѓаните на ЕУ, од каде што по брза постапка минуваат и возилата со бугарски регистрации, а друг премин за „НЕ ЕУ-граѓани“, каде што поминуваат Македонците со биометриски пасоши, но се' уште и Хрватите, иако со лични карти и на две години чекање до влез во ЕУ. Првите Словенци што ги сретнувате на границата, сепак, се љубезни и не премногу формалисти со македонските патни исправи. Но, ако имате намера да ги користите словенечките автопатишта со автомобил, задолжително е да купите вињета - наместо да се плаќа патарина (за една седмица 15 евра), што се чини дека најмногу ги фрустрира Хрватите.
Уште веднаш при влезот во Словенија, од преминот Обрежје, перцепцијата неизбежно ја привлекува замокот Мокрице на падините од ридот од левата страна на автопатот. Тоа е првиот чекор (и буквално и метафорички) во словенскиот свет на приказните, всушност, совршена синергија на историското наследство и туристичките маркетиншки приказни за Словенија, како „термален рај 365 дена во годината“. Токму тој дворец Мокрице, речиси на самата граница меѓу Словенија и Хрватска, е дел од комплексот на термите Чатеж, кои се наоѓаат на оддалеченост од 7 километри од замокот. Во подножјето на ридот наречен Горјанци, скриен во тишината и зеленилото на дворскиот англиски парк, замокот Мокрице е преуреден во хотел од висока категорија, со голф-терени и, секако, голф-клуб. Во историските документи дворецот првпат се споменува во 1444 година и, сосема предвидливо, неговата судбина е динамична и променлива, предизвикана малку од историските прилики, а малку и од промената на сопствениците. Постојат легенди дека во тој замок бил затворен и Матија Губец, водачот на средновековната хрватска селска буна. Иако е историски докажано дека Губец не бил затворен таму, легендите едноставно живеат и откако ќе се докаже вистината. Тоа денес воопшто не му пречи на Мокрице, ниту на неговите ексклузивни гости и многубројните невести (и од Словенија и од Хрватска), за кои дворецот е совршен бајковит амбиент за пословично „најсреќниот ден во животот“. Токму така, домот на разни австроунгарски словенечко-хрватски аристократи, тврдината изградена за одбрана од турската инвазија на Европа... денес се омилено место за одржување протоколарни, деловни и социјални средби. И венчавки...!
Термите Чатеж претставуваат комплекс од неколку хотели со четири ѕвездички („Терме“, „Топлице“ и „Чатеж“), засебни апартмани како куќички, камп со приколки, индијанско село (шатори) и заплеткан лавиринт од базени, џакузија, тобогани, спа и велнес-центри со сауни, масажи и слични „беснотилаци“ во (навистина вештачки) тропски амбиент. Сето тоа заедно се нарекува термална ривиера. Дали е сугестија или навистина термите имаат лековито, релаксирачко дејство, но сите стресови и евентуални пориви за „барање влакно во јајцето“ едноставно се забораваат кога ќе влезете во водата. Сепак, освен релаксирачкиот императив, Чатеж, сепак, првенствено е место за здравствена рехабилитација, каде што постои и современ здравствен центар, особено признат во подрачјето на рехабилитацијата на моторичкиот систем. Со оглед дека Словенија својот туристички потенцијал го акцентира токму со термите, кои ги има речиси на секој чекор. Чатеж од неодамна како свој дополнителен „аргумент“ ја додаде и хрватската музичка ѕвезда Северина, која е заштитен лик на термите Чатеж. Но, се чини, она што би било најатрактивно за Македонците е понудата „еден плаќа, двајца патуваат“, која во Чатеж е актуелна од времето на почетокот на визната либерализација на „НЕ ЕУ-граѓаните“.
Дури и без туристичко-маркетиншката, можеби наместена, заводливост, она што импресионира во Словенија, дури и во крајпатните села, е педантната уреденост и домаќинлак. Полињата и лозјата се обработени како под конец, куќите и дворовите како да се средени со фотошоп. Но, сепак, се' е вистинито. Типичната македонска скепса дека „можеби е наместено“ се топи со секој изминат километар, до областа Олимје, каде што е сместен уште еден термален комплекс. Секоја педа земја е уредно обработена и наменски искористена. Иако наменето за туристи, неколку содржински места во Олимје го создаваат впечатокот за Словенија како место каде што бајките се вистинити. Изненадно (иако е означено со патокази) низ шумата влегувате во Куќата на волшебничката (Хиша чаровнице). Иако звучи можеби застрашувачки, едноставно се претворате во дете пред симпатичната еколошка шумска населба каде што „живеат“ словенечките народни, но и светски приказни. Селото на „Чаровницата“, кое постојано се доградува, е место создадено од еден пензиониран директор на блиското основно училиште во осумдесеттите години на минатитот век. Очекувајќи да се сретнете со некоја хорор-варијанта од забавен парк, ненадејно се претворате во дете, сретнувајќи се со куклите и „живеалиштата“ на некои јунаци од приказните што можеби ги знаете, но и за оние што ги слушате првпат. Одвреме-навреме се вклучува некоја снимка што кажува некоја поука или приказна, но навистина нема дури ни чувар на местото во близина. Се' изгледа како враќање во детството, а за тоа ако сакате, на крајот на прошетката можете да оставите едно евро. А можете и да се направите дека не сте виделе - па да завршите во Чоколадницата.
А Чоколадницата е вистинска мануфактура, а не куќата на вештерката од приказната за Јованче и Марика. Тоа е семеен бизнис за производство на чоколадни пралини, што го водат сега Матеја и Урбан Видетич (инаку, инженер по информатика), кој е наследен од извесен прачичко, всушност, чичко на таткото на Урбан. Тој чичко во 1900 година заминал да го учи чоколадно-слаткарскиот занает во Виена. Научил што научил, дошол до тајните рецептури за чоколатчињата, па решил да почне свој бизнис во родното Олимје. Купил и машини, но започнала Првата светска војна, а војната не е време за чоколади. Но, сепак, меѓу двете светски војни си развил свое производство на чоколади и слатки во Олимје. Добро му одело, но дошла и Втората светска војна. Освен тоа, чичкото немал свои деца, па тајните му ги пренел на таткото на Урбан, Руди Видетич. Но, Руди Видетич имал други амбиции, а и по Втората светска војна дошле други прилики, па семејното производство на чоколади згаснало. Рецептите и машините ги зачувале, но тоа им било од мала полза, кога решиле да го обноват семејното чоколадно производство во почетокот на 90-тите години на минатиот век. Руди Видетич бил дипломат на СФРЈ во Јужна Америка, па дошол во контакт со производителите на какаовец (од кој се произведува чоколадата) во Јужна Америка... Така е обновена Чоколадницата, каде што се произведуваат пралини со разни форми и со вкус на рум, кајсија, виски... едноставно со вкус на бајка. Но, кога се топат во уста, чувството е вистинско. Рецептурите - нормално се тајна и не произведуваат за извоз.
Како финале на прошетката низ словенечката приказна, совршено доаѓа Еленовиот гребен, каде што навистина живеат срни и елени. Слободно, но, сепак, во групи се шетаат меѓу туристите, но бегаат при обидот да бидат фотографирани одблизу. Којзнае кој е марифетот со кој ги придобиваат работниците од ресторанскиот комплекс „Еленов гребен“ овие питоми, но плашливи животни за потоа да направат од нив еленски гулаш, еленски шницли, срнечки грб... и други кулинарски специјалитети? Всушност, тоа не се диви животни, туку се одгледуваат на Еленовиот гребен, па за да не се натажите за „еленската судбина“, не споменувајте си за приказната за Бамби. Сепак, Словенија само личи на бајка, но реална е! Како спомените од фотографиите на шарена хартија.
|