Македонија двапати направи политички мотивирана амнестија
Во 1999 година, меѓу другите, беа амнестирани Руфи Османи и Алајдин Демири, а во 2002 имаше амнестија како обврска од Рамковниот договор
Оливера Војновска
Аболицијата за струмичкиот градоначалник и потпретседател на СДСМ, Зоран Заев, и настаните што се редеа, вклучително и милоста што од претседателот Бранко Црвенковски ја побараа затворениците од казнено-поправните установи, повторно на површина ја исфрлија старо-новата тема - амнестија.
Црвенковски во последното обраќање ги оцени барањата на група затвореници од КПД „Идризово“ за помилување како неосновани, „бидејќи претседателот може да дава поединечни помилувања“. Шефот на државата во оваа прилика им препорача на затворениците „за колективна амнестија да и' се обратат на Владата која може прашањето да го реши со закон“. Притоа, тој саркастично потсети дека ВМРО-ДПМНЕ има искуство со носење ваков закон, притоа алудирајќи на Законот од 1999 година, кој се врзува со амнестирањето на поранешните градоначалници на Гостивар и на Тетово: Руфи Османи и Алајдин Демири.
Ова не е единственото искуство за амнестија. Во Македонија политички мотивирана амнестија беше направена и во 2002 година, тогаш како обврска од Рамковниот договор и услов за релаксирање на постконфликтната атмосфера од 2001 година. Инаку, пред неколку години (во 2005) со посебен закон беа амнестирани граѓаните што не ја извршиле воената обврска, но ова решение третира една сосема друга проблематика.
Со Законот од 1999 година, од времето на владата на трипартитната коалиција - ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДА предводена од Љупчо Георгиевски, беа опфатени околу 930 лица, кои во тоа време се наоѓаа во казнено-поправните установи. Повод за вака голем опсег на амнестирање беа Османи и Демири, како и двајцата претседавачи на општинските совети во Гостивар и на Тетово, кои беа осудени со затворски казни поради познатите деветтојулски настани во 1997 година.
Спомнатите локални функционери одбија да ја спроведат тогашната одлука на Уставниот суд и да ги симнат албанските знамиња од општините. Овие четворица затвореници, како и сите оние лица на кои им беше судено за кривичните дела оддавање државна тајна, предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, организирање отпор, како и за непочитување судска одлука целосно беа ослободени од натамошното издржување на казната. На другите категории осуденици, казните им се намалија од 10 до 25 отсто. Експретседателот Киро Глигоров, првиот пат стави вето на овој закон, по што Собранието го изгласа уште еднаш.
Во март 2002 година беше донесен Законот за амнестија со кој државата демонстрираше милост спрема бившите припадници на ОНА. Со него беа ослободени од затвор, но и запрени сите кривични постапки на вкупно 300 лица, кои учествувале или го подготвувале воениот конфликт. Десетина лица беа ослободени од затвор, за 18 кои беа во притвор беа запрени кривичните постапки, а за 270 лица беа прекинати судските постапки.
Спомнатото законско решение беше донесено под силен меѓународен притисок и многу директни закани врзани за одржувањето на тогашната дон��торска конференција. Интересно е тоа што во самиот закон беше предвиден рок од три дена за извршување на амнестијата. Македонскиот парламент го донесе законот на 7 март во доцните вечерни часови. Иако имаше противење и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, тој беше усвоен во формата во која беше предложен од Владата, без никаква интервенција и доби поддршка од четирите парламентарни партии чии лидери го потпишаа Рамковниот документ - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП.
На самиот чин на гласањето пратеничката група на СДСМ се подели и дел од парламентарците, вклучувајќи ги и Бранко Црвенковски, Никола Поповски и Радмила Шекеринска, позитивно се произнесоа. Резерви имаше и ВМРО-ДПМНЕ, но тогашниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Чедомир Кралевски, пред гласањето од парламентарната говорница соопшти дека „сепак ќе изразат позитивна политичка волја и ќе го гласаат Законот за амнестија, за да му дадеме уште една шанса на мирот“. Тогашниот лидер на ДПА, Арбен Џафери, кој исто така го стави својот потпис на Договорот од Охрид, воопшто не присуствуваше на седницата.
Но, јавноста немаше можност да го види финалето, бидејќи беше прекинат директниот телевизискиот пренос, според официјалното образложение на МРТВ, поради технички проблеми. Законот беше изгласан со 64 гласа „за“, 12 пратеници се изјаснија против - независните пратеници екс алтернативци, оние од ВМРО-Вистинска и неколкумина парламентарци од ВМРО - ДПМНЕ и од СДСМ, а осум беа воздржани, исто така, од редовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. |