Афера во Фондот за пензиско во Битола
БИТОЛА - Фондот за пензиско осигурување во Битола го тресе голема афера. Над 30 битолски стечајци се стекнале предвреме со пензии откако службеник во Фондот, потпомогнат од надворешни лица, им го фалсификувал работниот стаж во книшките на потенцијалните пензионери се' до правото на пензија.
Дознаваме дека фалсификатот најпрвин бил откриен со внатрешна контрола на Фондот по што веднаш била известена битолската полиција, која отворила широка истрага за овој случај. Инаку, и двете страни не сакаа официјално да го коментираат овој скандал.
Неофицијално, се дознава дека по откривањето на аферата сомнително стекнатите пензии на битолските стечајци веднаш им биле ставени во мирување, а се' уште се трага уште колку од нив се офајдиле со пензии на ваков начин. Наводно, со незаконски пензии се стекнале не само стечајци туку и лица кои биле прогласени за технолошки вишок и ним осомничениот вработен во Фондот им го допишувал потребниот стаж и уредно им ставал печат од ликвидирана фирма или пак од фирми кои воопшто не постојат, а потоа, како што е редот, ги запишувал во официјалните документи.
Истрагата се сомнева дека во оваа афера се вклучени и повеќе надворешни лица кои за одреден паричен надомест посредувале и ги наоѓале потенцијалните пензионери. Во полициската истрага допрва ќе треба да се утврди кој е вмешан во овој скандал со битолските стечајци и технолошки вишок, колку пензионери добиле право на пензија со фалсификуван стаж и за колку го оштетиле ПИОМ. (А.Б.) |