Кантар
Тумба, тумба, дивина
Агим Јонуз
Една мала земјичка од два милиона жители жонглира со својата иднина веќе подолг период
Зборовите ниет и кисмет се брат и сестра. Тоа се турцизми во македонскиот јазик, а подразбираат намера, желба и остварување, реализација, среќа. Секаде онаму каде што има позитивен ниет има и кисмет. Да сториш ниет, подразбира да посакаш да направиш нешто, да испланираш, да преземеш чекор, да тргнеш кон целта... да кинисаш.
Не постои позитивен рефлекс во вид на кисмет доколку ниетот не е позитивен. Македонија чека кисмет без да направи сериозен ниет. Сериозниот ниет не е само да посакаш, туку и да размислиш, да испланираш, да преземеш чекори, да се организираш на вистински начин и да ги поставиш работите асално. Кисметот е неизбежен. Ниетот не подразбира конфликт, себичност, иле. Ниетот мора да биде чист, добро осмислен и со позитивна енергија.
Кисметот, ако даде бог еден ден, се вика Европа. Македонија ги одживеа (и преживеа) своите постјугословенски седумнаесет години како суверена демократска, постсоцијалистичка, посткомунистичка, пост ти реков-ми рече држава, но... она што е спецификум, феномен на нашето постоење во постедноумието е, најблаго речено ептен полиумие.
Би сакал да пронајдам вистински збор кој би го употребил како дефиниција за една мала земјичка од околу два милиона жители, која со својата историска шанса да се покаже и докаже како зрела со сиот свој ментум и корпус, најблаго речено си жонглира со својата иднина веќе подолг период. Ако на неискуството во почетокот му се гледаше низ прсти, со образложение дека треба да се прележат сите детски болести на постсоцијализмот и транзицијата, полека но сигурно, со текот на времето сите параметри почнаа да укажуваат на фактот дека еволутивниот процес оди во обратно пропорционална насока. Наместо неискуството да еволуира во процес на зреење, користење туѓи искуства, вложување во иднината врз база на позитивни ветрови во сите сегменти од живеењето, за жал, покажавме несериозност, неодговорност.
Каков е „статус презентот“ во убавата ни Македонија? Еве каков:
1. Зборот „рушвет“ е турцизам. Одомаќен збор за нешто што значи дека треба да подмитиш, да подмачкаш, да одоброволиш некого за да ти заврши некаква работа или за да се постигне некаква зацртана цел. Што ни кажува тоа ако се земе предвид дека зборот потекнува уште од турско време, тоа значи дека на нашиве простори подмитувањето не е тазе производ. Тоа што зборот рушвет модерно се нарекува корупција, е еволуција, барем што се однесува до вокабуларот. Корупцијата ни е во гените. Бадијала ни се закони и правила. Треба нешто радикално да се преземе итно, оти без радикални чекори нема никакви резултати.
2. Шенген визите и нашиот сон за слободен влез во државите од Европската унија еден ден, секако, ќе бидат укинати. Но, кога. Со начинот на нашето несериозно однесување кон обврските кои треба да ги исполниме во Европа ќе влегуваме слободно кога „врбата ќе роди грозје“. Колку и да звучи несериозно, уш��е потрагично звучи информацијата дека нашите обврски за исполнување на тој сон се од практична природа, а ние стануваме експерти за изнаоѓање оправдувања дека секогаш некој друг ни е крив, а никако ние самите. Со апсолутен респект кон државите и народот на Романија и на Бугарија, носталгично се присетувам на времето кога себеси како држава и народ се сметавме (со право) за некој што е десет чекори напред во сите сфери споредено со нив. Дојде време, во кое, за да одиме на гости кај некој пријател во Софија, чекаме ред и пред амбасадата на Бугарија. Правиме „опашки“ пред нивниот дипломатски дом, а истовремено се соочуваме со вистината дека сега дојде време во кое тие на нас ни продаваат „д'фки“ и „чорапогашти“. Сами си го баравме, а тие со своето зрело и сериозно однесување кон сопствената држава си го заслужија тоа.
3. На народот кој нема пари за леб, ќе му кинат и струја и вода. Ако. Старите не рекле за бадијала: „Ако видиш некој да се мачи, дотепај го“. Да му ги скратиш маките, не за друго. Не за друго, туку ионака народот нема пари да плати. Не дека ако се прекине струјата и водата овие две институции ќе го решат проблемот! Само уште повеќе ќе го мотивираат овој напатен и очаен народ да излезе дефинитивно на улица. Навистина, што заслужува народ кој гласа политичари кои се вртат на сцената во турнуси без конечно решение за излез од кризата. Што заслужува повеќе народ кој садомазохистички се однесува сам кон себеси и никако не сфаќа дека излез од сево ова е само заборавање на националромантизмот и вртење кон избор на млади кадри како идни лидери и стратези кои размислуваат европски, а како единствен јазик на комуникација го познаваат јазикот на економијата.
4. Гледано од воздух, снимено од хеликоптер за да се прикаже убавината на главниот град, забележав дека Собранието на Македонија архитектонски се состои од пет споени коридори. Како Пентагон.
5. Во спортот афера до афера. Овој е крив за ова, оној за она. Сами сме криви. Правиме екипи, па дури и репрезентации во кои имаме натурализирани спортисти за една употреба, па откако ќе увидиме дека бадијала сме фрлале и пари и време, а бламажи колку сакаш, се караме кој е крив. Во Пекинг деновиве ги нема наследниците на Шабан Сејдиу, Трстена, Шоров...
(Авторот е аналитичар и колумнист)
[email protected]
|