Славески: Инфлацијата е под контрола
Сликата на високите стапки била заради споредбата со минатата година
Инфлацијата во државата е под контрола, тврди министерот за финансии, Трајко Славески, споредувајќи ја македонската со американската економија. Тој вели, во споредба со Американците, каде што цените во последниот месец пораснале за еден отсто, кај нас инфлацијата паднала за речиси еден процент. Истиот овој тренд се очекувал и во август , поради сезонското намалување на цените на храната, што наедно би требало да го амортизира шокот од покачувањето на цената на парното. Сликата на високите стапки била заради споредбата со минатата година, вели министерот Славески.
,,Инфлацијата во јуни падна за еден процент, што е поинтересно во САД порасна за еден процент. Последните четири месеци имаме ниски месечни стапки. Кумулативниот пораст, односно новиот пораст на цените во првите шест месеци од годинава изнесува 3,2 отсто, што во споредба со моменталното темпо на раст на цените, реално е да се очекува дека инфлацијата до крајот на годината ќе биде во рамки на проектираните 5,5 до 6 отсто“, изјави министерот Славески викендов во Битола.
Тој потенцира дека во моментов во државниот буџет има суфицит, односно има повеќе приходи од расходи.
Што се однесува до економскиот раст на државата и разликата во процените на ММФ и македонската Влада, првиот човек на државна каса очекува до крајот на годината растот на бруто-домашниот производ да ја надмине проектираната стапка со Фондот. Според процени на Владата, таа ќе биде над 6 отсто.
,,Ни треба само уште еден месец за да ги добиеме конечните показатели за растот на БДП во вториот квартал. Во првиот тој изнесуваше 5,1 проценти. Иако неофицијално, но според последните анализи на податоците до крајот на јуни БДП ќе биде со малку повисока стапка и очекуваме до крајот на годината да ја надмине проектираната стапка на ММФ и да биде над 6 проценти“, рече министерот за финансии.
Според Славески аранжманот со ММФ не е прекинат.
„Стенд-бај аранжманот заврши во јули, а Владата дополнително ќе одлучи дали ќе склучи нов. Појасно ќе биде во септември, по консултациите со монетарците“, најави Славески. (А.Б.) |